Денешна дата
31/05/2020

ОДГОВОР НА СКУП ЗА РЕАКЦИИТЕ НА ЦАРОВСКА И ШЕЌЕРИНСКА

Почитувани министерки Радмила Шекеринска и Мила Царовска,

Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија изминативе месеци ги следи промените во имотот на функционерите од законодавната и извршната власт. Во целост ги објавивме вашите реакции во врска со нашиот текст насловен „Царовска побогата за 1,3 милиони евра, Шекеринска купила мотор оутландер“, како што тоа го налага законот. Сепак, сметаме дека и ние должиме одговор на јавноста.

Имено, ја разбираме вашата реакција во врска со конкретниот наслов, но сакаме да ви посочиме дека новинарството е една од можеби ретките професии каде посебно во насловите доаѓа до израз новинарската досетливост со цел да го привлече вниманието на читателот и да го приближи четивото до публиката. Како невладина организација која продуцира истражувачки стории и содржини во текот на изминатата деценија, ниту еднаш досега не сме сакале со нашата работа да наштетиме на нечиј углед, ниту пак да пишуваме „тенденциозни информации“, за кои не обвинува Министерството за труд и социјална политика и згора на тоа бараат од нас да се извиниме за напишаното во текстот. Го поздравуваме  потегот на министерката Царовска да пријави и дел од имотот на нејзините родители (со кои не живее), со цел за поголема транспарентност на нејзината имотна состојба. Но, заклучокот за промените во нејзината имотна состојба ги црпиме од промените во нејзиното салдо.

Што се однесува до министерката Шекеринска, заклучокот во насловот кој се однесува на неа, го црпевме од нејзиниот имотен лист, каде не е спорно дека купениот мотор припаѓа на нејзиниот сопруг, што и го наведовме, но го интерпретиравме како заеднички имот бидејќи законската регулатива предвидува дека се што е стекнато во брак, припаѓа на двајцата сопружници, што значи и на самата министерка.

Уште еднаш сакаме да нагласиме дека во ниту еден момент не сме сакале да напаѓаме ниту пак  оцрнуваме некого, иако како истражувачки новинари навикнати сме на праксата ние да бидеме цел на напади, за што искрено жалиме што таквата пракса продолжува.

Без разлика на сите закани и притисоци, со кои сме се соочиле и во изминатиот период кога друга гарнитура беше на власт, ние како Центар за истражувачко новинарство цврсто ќе продолжиме да работиме во правец на поголема транспарентност на институциите и на носителите на истите.

Сакаме да ве известиме Вас и нашата публика дека во наредниот период проектот ПЕП, освен мониторирање на имотната состојба на министрите и пратениците, ќе се прошири и со градоначалниците. Ова го работиме затоа што сме убедени дека транспарентноста и градењето на свеста се клучни две елементи за превенција на корупцијата, па затоа ниту една закана нема да не предомисли во ова наша мисија.

 

Со почит,

ЦИН СКУП Македонија