Денешна дата
18/08/2019

ДА НЕ ЗАМИНЕА НЕКОИ МИНИСТРИ, ЗАЕВ НЕ ЌЕ ИМАШЕ КОГО ДА СМЕНИ

  • Долгоочекуваната „метла“ со која Заев предизвика повеќе изненаденост отколку најавените „пријатни изненадувања“.
  • Оние што треба да бидат сменети, останаа „нечепнати“
  • Во владиниот кабинет влегуваат четири нови имиња

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Премиерот Зоран Заев се откажа од идејата да го води и министерството за финансии, откако Антикорупциска комисија достави мислење дека и премиерската и министерската функција претставува конфликт на интереси. Иако е убеден дека Уставот му го дозволува тоа сепак Заев од собраниската говорница најави дека го повлекува предлогот но соопшти дека ќе ја врши функцијата до именување на нов министер.

Уставот и законот тоа го дозволува, но кога е отворена дилема и дебата, власта премиерот и сите други треба да ја слушаме и опозицијата и телата како што е Антикорупциска која што не расправала но испрати сериозна порака. Формализацијата на оваа работа министер за финансии да ја извршува актуелниот премиер ја повлекувам и најавувам дека согласно овластувањата кои што Законот за Влада ги дава ќе раководам со министерството за финансии до избор на нов министер“, изјави Заев. На ова повторно реагираа од ВМРО-ДПМНЕ кои велат дека со ова Заев сака да го изигра парламентот.

 

ОНИЕ ШТО ТРЕБА ДА БИДАТ СМЕНЕТИ, ОСТАНАА „НЕЧЕПНАТИ“

 

И додека цела јавност се занимава со двете столчиња на кои што сакаше да седи Заев, како и со Драган Тевдовски како жртвено јагне, веќе се подзаборавија сите оние имиња кои претходно се типуваше дека се сигурни за смена. Повеќе не се споменува министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски за кого во минусно салдо му е патната инфраструктура особено пролонгирањето на автопатот Штип – Миладиновци. Потоа министерот за здравство Венко Филипче, кој исто така беше на списокот на јавноста за смена поради тоа што буквално ништо во здравството не се помрдна на подобро, а во истовреме го следеа и афери со тендери. Вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев за кого исто така имаше афери со Фондот за иновации, како и министерот од ресорот економија Крешник Бектеши за кого Антикорупциска поведе прекршочна поради непотизам. Се очекуваше метлата да го опфати и министерот за образование Арбр Адеми за кого не само што има критики за неработењето, туку и него го следат афери за наместени тендери и склучени договори во четири очи. Наместо тој по објавената реконструкција оставка си даде заменик министерот за образование Петар Атанасов кој во образложението наведе дека освен бескрајни формалности во работата на Министерството не се случува ништо значајно, а, како што истакна, тоа што навидум се тркала е далеку од потребите на системот и не ги менува состојбите.

Промените во образованието кои ги навестувавме не ги остваруваме. Зошто е ова вака, веројатно Вие најдобро знаете! Пред само една недела во еден јавен настап кажав дека треба да се запали црвеното светло и дека ако продолжиме со ова темпо може да очекуваме образованието да го реформираљме за 10 до 15 години. А, можевме многу, многу, подобро. Уште пред парламентарните избори составив тим со кој заедно изградивме одлична програма и план и силно верувавме во политиките кои требаше да ги реализираме. Се чинеше дека успехот е неизбежен. Ем знаевме, ем можевме, уште само требаше да покажеме и дека умееме.…“, напиша Атанасов.

Министерот за екологија Садула Дураку кој воопшто не беше активен и не го интересираше загадувањето и граѓаните не само што не е сменет туку сега ќе биде на чело на новото министерство за политички систем. Досега функционираше Секретаријат за Рамковен на чие чело беше Хазби Лика, но поради тоа што тој не доаѓаше на работа, со формирање на новото министерство ДУИ на елегантен начин се ослободува од Лика.

Реконструкцијата се сведе на дел сами заминаа – дел ротираа

Практично целата таа „бомбастично“ најавувана реконструкција сега се сведе на промена на оние кои сами си заминаа и тоа министерот за култура Асаф Адеми од здравствени причини и за земјоделство Љупчо Николовски, кој иако имаше резултати во својот ресор, Заев го повлече во партијата како генерален секретар на СДСМ. Рокада има во Министерството за локална самоуправа каде заминува Сухејл Фазлиу од НДП а раководењето го презема лидерот на ЛДП Горан Милевски. Од Владата како министер без ресор, заминува Зоран Шапуриќ од ЛДП а се очекува на негово место да дојде кадар на НДП.

Политичките аналитичари оценуваат дека ова што се случи и воопшто не наликува на некаква реконструкција туку бледо „метење“ за кревање прав во очи.

Таканаречената реконструкција на Владата односно “метлата на Заев“ е само уште еден бисер во герданот на празните ветувања на премиерот Зоран Заев. Секаде во Европа владите без разлика дали се коалициски или составени од една партија се политички, освен кај нас каде што Владите ни се строго партиски  и плус строго етнички поделени. Таква е и актуелната Влада на Заев. Тоа што ги држи заедно е пред се корупцијата и непотизмот секако поделен во своите етнички трла. Нормално најинтересен и најпримамлив за актуелните коалициски партнери е буџетот бидејки од тука поаѓаат сите коруптивни големи работи. Затоа наместо реконструкција на Влада имаме балкански политикански фолклор со цел да се дефокусира јавноста од она што ни се случи во Брисел…односно недобивање датум“, оценува политичкиот аналитичар Тодор Пендаров.

Со слична оценка е и професорот Јове Кекеновски, според кого ова што го направи Заев е далеку од суштината и смислата на зборот реконструкција.

Ова е едно евтино и бледо шминкање на владиниот брод кој од самиот старт е лошо офарбран и тешко руиниран. Се работи за обид да се замачкаат очите на граѓаните во функција на најавената и ветена „метла“, иако очекувањата на граѓаните беа многу поголеми, а потребата од сериозна и целосна реконструкција на Владата повеќе од неминовна. Ова е повеќе од срамна и недостојна политичка итарпејовштина од страна на првиот човек на Владата и неговиот коалиционен партнер“, вели професорот Кекеновски.

Зошто премиерот Заев нема храброст да направи квалитетни промени и со тоа да има успешна и квалитетна Влада и навистина да покаже дека има слух и го почитува мислењето на граѓаните, но истовремено и да ги смени кадрите кои му го уриваат рејтингот, не само негов како премиер, туку и на целата партија која ја предбоди. Во септември минатата година кога јавноста и тогаш бараше смени на министри, рече „ако ги сменам министрите, со кого ќе работам“, што исто така наиде на критики. И Пендаров и Кекеновски велат дека позади сето ова стојат некакви интереси.

Мислам дека не станува збор ниту за рејтинг ниту за немање храброст а најмалку грижа за државата и граѓаните туку пред се за лукративни интереси. Во суштина ако се сеќавате еден наш премиер а сега просечен македонски тајкун храбро и јавно призна дека на носителите на функции власта им носи многу бенефити.  Во целата оваа балканска папазанија  наречена реконструкција на Влада  најинтересен е примерот со сменетиот министер за финансии Тевдовски кој, според мое мислење не го “научил работењето на неговиот претходник од Владата на Груевски…мислам на кумот Ставревски. Ако се сеќавата овој толку фален и способен економски стручњак во еден телефонски разговор со неговата пријателка и тогашен министер за внатрешни работи и се жали, „Горде ние (државниот буџет) немаме пари за леб ама купуваме чоколада“…. Сепак Тевдовски, барем јас така сакам да мислам,  своето економско знаење и економските законитости не сакал да ги продаде за министерската фотеља или некои други бенефити“, вели Пендаров.

Според Кекеновски наместо како што јавно изјави премиерот дека ја примил пораката од граѓаните и дека ќе се справи со непотизмот, криминалот и неспособноста на министрите и останатите функционери во власта тој постапи спротивно.

Заев не само што ги заштити, туку ги зајакна позициите на оние кои треба не само да бидат сменети туку и да се најдат пред лицето на правдата. Факт е дека премиерот нема храброст да ги смени сите оние високи функционери за кои постојат сериозни сознанија и индиции дека не работат во согласност со законите и за жал истите ги толерира од само нему познати причини. Најверојатно тоа од една страна се должи на неговата лична поврзаност со дел од нив и на нивната поврзаност со останатите струи во партијата, а додека другата страна е немањето сила како премиер да побара одговорност од министрите на ДУИ, кои за свој премиер го сметаат нивниот лидер“, вели Кекеновски кој додава дека истото се случуваше и во минатото а продолжува и сега кога, како што вели двоглавата изршна власт со премиер за јавност и премиер во сенка функционира и натаму.