Денешна дата
13/12/2019

КОИ СЕ НОВИТЕ МИНИСТРИ?

Пишува: Светлана Унковска

 

Собранието веќе ги разреши министрите Драган Тевдовски, Сухејл Фазлиу и Хазби Лика а претходно беа прифатени и оставките на Љупчо Николовски, Садула Дураку и министерот без ресор Зоран Шапуриќ.

Само еден од новите министри е од СДСМ, додека останатите се од редовите на Алтернатива на Африм Гаши, ДУИ и ЛДП.

ХУСНИ ИСМАИЛИ  – Откако имавме градежен инженер, сега новиот министер за култура Хусни Исмаили по професија е ревматолог, магистер на медицински науки и предава на Државниот универзитет во Тетово. За неговата поврзаност со културата, тој во својата биографија напишал дека има искуство со културни активности. Во Тетово завршил основно и средно образование, а Медицински факултет на УКИМ во Скопје. Работел како професор во средното медицинско училиште во Тетово, бил матичен лекар и специјалист исто во Тетово.

 

ТРАЈАН ДИМКОВСКИ – Новиот министер во ресорот земјоделие ќе биде Трајан Димковски, кој му беше шеф на кабинет на досегашниот министер Љупчо Николовски не само сега туку уште во времето на Пржинската влада во 2016. Димковски е дипломиран инженер по земјоделство и бил извршен директор на Националната федерација на фармери. Димковски потекнува од Куманово и има 52 години.

НАСЕР НУРЕДИНИ – Го презема местото на Дураку во министерството за екологија. За Насер Нуредини нема многу информации, бидејќи долго време живеел и работел во странство, но она што е познато е дека бил банкар. Инаку за него се тврди дека е син на наш познат бизнисмен во Австрија. Во својата биографија навел дека течно зборува албански, англиски, италијански и германски јазик, а дека зборува и македонски и српско-хрватски. Тој има 40 години.

ГОРАН МИЛЕВСКИ – Претседателот на Либерално-демократската партија и актуелниот пратеник Горан Милевски ќе биде идниот министер за локална самоуправа. Тој е дипломиран економист од областа меѓународна економија и магистер по бизнис администрација. Член е на ЛДП од 1995 година, а пратеник е 2014 година. Претходно работел како наставник во економското училиште во Битола, а бил и советник во општината. Роден е во Битола 1978 година.