Денешна дата
12/12/2019

РОАМИНГОТ ПОЕВТИНУВА СО СИТЕ СОСЕДИ, ОСВЕН СО ГРЦИЈА

  • До 2021 година ќе имаме бесплатен роаминг со земјите од Западен Балкан
  • Поради изборите во Грција, се одложува првото намалување на роамингот
  • Бесплатен интернет граѓаните од Западен Балкан ќе имаат во 2026 година

 

Пишува: Александар Тодески

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во февруари годинава потпиша договор со грчкиот министер за дигитална политика, телекомуникации и медиуми, Николаос Папас, со кој се предвидува двете земји да имаат намален роаминг уште од летово. Иако летните одмори почнаа, не може ни да се насети дека овој договор ќе стапи на сила од месеците кои следуваат. За разлика од овој договор, на 1 јули се намалуваат тарифите за роаминг со земјите од Западен Балкан.

ЗАПАДЕН БАЛКАН ЌЕ ЗБОРУВА БЕСПЛАТНО НА ТЕЛЕФОН ОД 2021 ГОДИНА

На 4 април годинава, во Белград се потпиша договор помеѓу Србија, Северна Македонија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, а со кој почнувајќи од  1 јули годинава, цените на роамингот драстично ќе паѓаат.

Според договорот кој Инбокс7 го доби од Министерството за информатичко општество и администрација, земјите се заложиле дека наместо до сега различниот роаминг со секоја од државите, цената ќе се унифицира, па така од 1 јули, цената за повик ќе изнесува помалку од 2,5 денари, помалку од 1,5 денар за порака и неполн денар за искористен мегабајт интернет.

Од 1 јули 2020 година пак, повик во роаминг зоната на овие земји ќе изнесува помалку од 2,5 денари по минута,  а од 2021 година, да нема роаминг.

Цените за искористен мегабајт интернет се очекува да бидат незначително мали, односно 15 дени, но од 2026 година, а до тогаш сумата ќе се намалува на годишно ниво.

Сличен ваков договор Македонија досега имаше само со Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора согласно со Договорот меѓу четирите држави од 2014 година, а сега на истиот се приклучија и Албанија и Косово.


ГРЦИЈА ПРЕД ИЗБОРИ, ДОГОВОРОТ ЗА РОАМИНГ НЕ СТАПУВА НА СИЛА

На 19 февруари годинава, кратко откако стапија на сила уставните измени и договорот со Грција, со што официјално земјата го промени името во Република Северна Македонија, меѓу првите грчки претставници во Скопје дојде министерот за телекомуникации, Николаос Папас.

Тој и министерот Дамјан Манчевски одржаа заедничка прес конференција пре која го потпишаа меморандумот за соработка и обелоденија дека исто како и со земјите од Западен Балкан, Северна Македонија ќе има бесплатен роаминг и со Грција од 2021 година.

Во договорот кој Инбокс7 го доби од Министерството за информатичко општество и администрација сепак нема конкретни суми, за разлика од оној со земјите од Западен Балкан, ниту пак конкретно определен датум, иако двајцата министри на прес конференцијата истакнаа дека динамиката ќе се одвива како договореното помеѓу Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан.

„Регулаторните тела на двете држави треба да ги утврдат деталите, односно за колку проценти ќе се намалат цените во роаминг. Ќе се обидеме кон крајот на мај, почетокот на јуни да понудиме конкретни резултати во делот на интернетот. До 2021 година ќе се одвива динамиката на намалување на цените, се до целосно укинување на роамингот. Односно, динамиката за целосно укинување ќе оди како со Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина“, рече Манчевски.

И Папас пред македонските медиуми истакна дека треба да се искористи позитивниот момент за склучување на вакви договори и меморандуми.

„Имавме можност да разговараме и за други проекти, размена на познавање на технологиите, за електронско движење на документите во јавната администрација. Работите што се отвораат пред нас се огромни. Наша обврска е да го искористиме позитивниот момент и атмосфера, за да донесе добар живот за граѓаните на двете земји во иднина“, истакна грчкиот министер Папас.

Иако Меморандумот, но и кажаното на двајцата министри предвидуваше намалување од 1 јули, тоа сепак нема да се случи. Како што дознава Инбокс7, грчките избори, но и политичката клима по локалните и европските избори направиле да биде невозможно овој договор да ја постигне предвидената динамика.