Денешна дата
13/12/2019

С.МАКЕДОНИЈА КАКО БЕЛИЗЕ: ПРЕМИЕРОТ И МЕНАЏЕР НА ДРЖАВНАТА КАСА

  • Белизе е единствената држава во која премиерот е и министер за финансии
  • Додека Заев ја повлече сопствената кандидатура за министер за финансии, ДКСК одлучи дека е неспоиво тој да биде министер и премиер, а одлучи и за казна од 500 евра
  • Опозицијата побара Заев да биде министер за финансии, но во техничка влада која ќе организира избори

 

Пишува: Александар Тодески

 

Фирмите на Белизе, сопственост на поранешни функционери, повеќе не се единствена поврзаност на државата со Северна Македонија. Од минатата недела ги поврзува и двојната функција на Деан Бароу, како премиер и министер за финансии, и желбата на македонскиот премиер Зоран Заев да ги има овие две функции. Бројните реакции го натераа Заев да побара Собранието да го тргне неговото назначување од дневен ред, но до изборот на нов министер, тој сепак ќе раководи со државната каса.

Заев „за влакно“ избегна глоба од 500 евра

Метлата на премиерот го измете министерот за финансии, но на површина исплива желбата на Заев тој да биде чувар на државната каса. Иако реакциите на јавноста успешно го премислија целосно да ја преземе функцијата, до назначување на нов министер, премиерот сепак ќе раководи со овој ресор, откако вчера Собранието и официјално го разреши Драган Тевдовски од министерската позиција.

И додека во Собранието се расправаше за новите министри, но најмногу дали Зоран Заев може да биде и премиер и министер за финансии, Државната комисија за спречување корупција одлучи дека доколку Заев биде избран, ќе прекрши два члена од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

„Согласно член 44 став 1 и 2 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси: „Избраното или именуваното лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите“ и „Функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, пратеник, член на совет, градоначалник, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија или органите на локалната самоуправа се неспојливи една со друга.“ Имено, во случај кога Претседателот на Владата на Република Северна Македонија би се избрал за министер за финансии, ќе настане повреда на горецитираните одредби, при што, Државната комисија ќе биде принудена да преземе конкретни мерки согласно нејзните надлежности утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, велат од ДКСК.

Опозицијата реагираше дека Заев со одлуката себеси да се назначи за министер за финансии воведува авторитарност.

„Точно е тоа што го кажа премиерот дека има земји во светот каде премиерот е и министер за финансии. Постои една земја во моментов во светот, а тоа е Белизе, каде што премиерот е и министер за финансии. Овој премиер на државата Белизе е најспоменуваниот премиер за криминал и корупција, и во неговата и надвор од неговата земја“, рече Антониот Милошовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Заев пак децидно одговори дека се кандидирал за министер за да може да спроведе политики кои ќе донесат бенефит за државата.

„Јас не знам точно од каде вие толку познато за Белизе, ама изгледа знаете, познато ви е тоа за Белизе. Премиерот и тоа како може да влијае на политиките на сите министри. Не се кандидирам за министер за финансии, тоа што денеска го повлеков, туку заради креирање на политиките кои ќе донесат бенефит, ќе донесат во делот на покачување на плати, во делот на покачување на пензии, затоа што перформансите на владата и буџетот се одлични“, рече Заев.

Инаку Деан Бароу, премиерот на Белизе кој веќе 11 години раководи со државата, министерството си го доделува по изборите во 2017 година. Неговото име се поврзува со повеќе скандали, но и покрај најавите дека ќе се повлече од премиерската позиција, се уште е на чело на државата.

Тевдовски не сака да го советува привремениот министер Заев

Довчерашниот министер за финансии Драган Тевдовски нема да биде советниик на привремениот министер Зоран Заев, кој кога ја најави неговата смена, кажа дека ќе побара од Тевдовски да го советува за политиките поврзани со финансиите. Тој тоа го напиша индиректно на Фејсбук, каде најави дека со крената глава се враќа на Економскиот факултет.

 

„Чест ми е што ја водев најдобрата институција во земјава. Се гордеам што имав одличен тим со кој не се плашев да влезам во ниту една битка. Благодарност до вработените во Министерството за финансии што беспоштедно работеа да ги спроведеме реформите. Најголемата награда за мене за овие две години, доаѓа деновиве кога насекаде граѓани ме застануваат и ми велат: „браво и главата горе”. Тоа е за мене најдобриот начин да се излезе од едно министерство. И затоа со главата горе и целосно посветен се враќам на Економскиот факултет“, напиша Тевдовски.

Опозицијата пак, се стави во одбрана на министерот кој до вчера го напаѓаше. Според Владимир Ѓорчев, Тевдовски не бил за менување.

„За Драган Тевдовски може било кој што да каже, но сите знаеме дека е чесен. Драган Тевдовски има образ и е чесен. Не се согласувам со неговите политики и неговиот концепт, но во оваа Влада има барем 10-15 министри на кои местото им е да им се побара оставка. Цела оваа метла се сведе на тоа Драган Тевдовски да го изгуби ресорот“, рече Ѓорчев.

На гласањето за разрешување на министри, меѓу кои и Тевдовски, не гласаше ниту еден пратеник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.