Денешна дата
16/07/2019

ГРАЃАНИТЕ ТОНАТ ВО „БРЗИТЕ КРЕДИТИ“: ЗА ДВЕ ГОДИНИ ЗАДОЛЖУВАЊЕТО ПОРАСНА ЗА 170 ПРОЦЕНТИ

  • Износот на одобрени “брзи кредити“ за две години е тројно зголемен
  • Зад најбрзо растечките финансиски друштва коишто ги пласираат фамозните брзи кредити како сопственици се јавуваат претежно компании од Бугарија, Латвија и Естонија
  • До неодамна стапката на вкупни трошоци на овие „бескаматни“ кредити изнесуваше и до 500%, 600% годишно, но сега законски е ограничена на максимум 55%

 

Пишува: Екипа на ИНБОКС7

 

На овој текст реагираше Асоцијацијата за финансиски друштва. Нивната реакција ја објавуваме во целост без никакви интервенции и коментари, веднаш под овој текст

 


ДОКУМЕНТАЦИЈА


Соочени со ниски плати и неможност да ги плаќаат месечните сметки, голем број на граѓани се одлучуваат да земаат заем, со надеж дека следниот месец ќе биде по бериќетен од претходниот. Додека порано пари се позајмуваа од пријатели или роднини, сега на „пресрет“ излегуваат нови „спасители“.

Тоа се финансиските друштва кои во јавноста се познати како фирмите за брзи кредити. Со агресивна рекламна кампања и со нивните слогани ги привлекуваат македонските граѓани да ги користат услугите кои ги даваат.

Тие се наметнуваат на пазарот како алтернатива на банкарските кредити и кредитите од штедилниците и микро-финансиските организации коишто во земјава функционираат и повеќе од 20-тина години.

Нивните рекламни пораки гласаат – „продавница за пари“, „0% камата, без трошоци, без жиранти“, „Одобрување за 30 минути, исплата веднаш“…, но како во реалност функционира нивниот систем?

МАРКЕТИНШКИ ТРИК И РЕАЛНА КАМАТА

Предноста на овие финансиски друштва е што реално и нудат наједноставни услови за нивните кредити. Обично, првиот кредит, којшто може да почнува од минимални суми од 3.000 денари, па нагоре, до 60.000 денари, но и повеќе, е без камата доколку го вратите во договорениот рок од недела, две недели, месец, два, три, итн. Доколку не можете да стигнете во договорениот рок, тогаш друштвата може да ви одобрат задоцнување, но ќе си платите камата која може да се движи од 8% за седум дена задоцнување, па до 20-тина проценти за 30 дена.

„Финансиските друштва стекнаа прилично лош имиџ во јавноста изминативе неколку години. Маркетиншки ги привлекуваа граѓаните со кредити за коишто наводно нема камата, или пак каматата е во законски пропишаните максимум 8 процентни поени над референтната каматна стапка во државава. Но, проблемот беше во т.н. стапка на вкупни трошоци (СВТ), за којашто овие друштва немаа никакви ограничувања, па неретко истата знаеше да изнесува и по 300, 400 или 500%“, , вели нашиот соговорник вработен во финансискиот сектор којшто сакаше да остане анонимен.

Токму затоа, вели тој, се случуваше некој да земе кредит од 12.000 денари и да треба да врати 18.000 денари за еден месец, што е камата од 50% на месечно ниво. „Па видете вие сега колкава камата е тоа на годишно ниво“, додава соговорникот.

Токму поради овие причини Владата кон крајот на минатата година предложи законски измени со коишто се ограничува оваа СВТ на максимум 55% годишно, или 5 пати по стапката на казнената камата од 11%. Овие законски измени веќе се стапени во сила и сега корисниците на кредити нема да плаќаат прекумерни трошоци и ќе се минимизира ризикот од понатамошно влошување на состојбата на корисниците на кредит што имаат проблеми со отплатата на истиот.

 

РАСТЕ БИЗНИСОТ НА БРЗИ КРЕДИТИ

Но, и покрај ова „кратење на крилцата“ на финансиските друштва, не престанува интересот за овој бизнис. Тоа се гледа и од бројот на овие компании којшто постојано расте, како и од вкупната актива на овој бизнис сектор што се гледа од податоците при Народната банка, кои ги анализираше ИНБОКС7.

Според нив, вкупните средства на сите финансиски друштва во државава изнесувале 3,24 милијарди денари (околу 53 милиони евра) на крајот од првиот квартал годинава, за разлика од 2,4 милијарди денари на крајот од истиот период лани, или пак 1,3 милијарди денари истиот период во 2017 година. Што значи, за две години, активата на финансиските друштва (како и нивниот број, н.з.) зголемена е за 2,5 пати.

Износот на одобрени кредити од страна на овие друштва на крајот од првиот квартал годинава изнесувал 2,84 милијарди денари (околу 46 милиони евра), што е пораст од 55% за една година, а 170% за две години. При анализата на овие бројки, треба да се има предвид дека во билансите на финансиските друштва, во вкупната актива освен брзите кредити, влегуваат и издавањето на кредитни картички и факторинг, односно преземање на ненаплатени побарувања. Минатата година финансиските друштва ја завршиле со 43% поголем износ на одобрени кредити во однос на  2017, и за дури 190% или без малку три пати  повеќе во однос на  2016 година.

ОСНОВАЧКИОТ КАПИТАЛ ОД 100 ИЛЈАДИ ДО 5 МИЛИОНИ ЕВРА

Моментално во регистарот на финансиски друштва објавен на веб страницата на Министерството за финансии има 24 финансиски друштва. Првите се регистрирани и добиле дозвола за работа во 2011 година, а најновите лиценци се од март и април годинава. Пет од овие 24 друштва се регистрирани исклучиво за одобрување кредити, додека останатите имаат и други финансиски активности, како факторинг и издавање гаранции. Има и друштво чијашто дејност е само издавање и администрирање на кредитни картички, конкретно, „Дајнерс Клуб Интернационал“.

Истражувањето на ИНБОКС7 покажува дека најмалата основна главнина со која е регистрирано некое од овие финансиски друштва е шест милиони денари, или околу 100 илјади евра, кај друштвото  „Про Интер Капитал Дооел Скопје“, додека највисокиот основачки влог што го забележавме во Регистарот е во износ од 288 милиони денари (околу 4,7 милиони евра) кај Финансиски кредитен центар „БС ДОО Скопје“. Од овие 24 финансиски друштва, 17 се регистрирани во Скопје, три се во Битола, и по едно во Охрид, Прилеп, Струмица и Штип.

 

ЈАНКОВСКИ, МИЦЕВСКИ, ЗАЕВИ…ВО УПРАВВНИТЕ ОДБОРИ

Меѓу членовите на управните органи на финансиските друштва, според документите кои ИНБОКС7 ги доби од Централниот регистар на Северна Македонија (ЦРНМ), фигурираат неколку звучни имиња кои биле или се уште поврзани со политиката. Покрај Божидар Јанковски, којшто е долгогодишен директор на Дајнерс Клуб во С.Македонија и сопруг на министерката Радмила Шеќеринска, го забележавме и името на Силјан Мицевски, поранешниот градоначалник на Битола своевремено поврзан со големата финансиска афера ТАТ. Мицковски сега сопственик на повеќе големи бизниси во земјава, меѓу кои ГП Пелистер, Еурофарм, а во случајов и финансиското друштво „Пелистер Дооел“. Катерина Бојовиќ – Заева е член на раководството на поранешната штедилница „Пеон“ од Струмица, пререгистрирана во 2013 како финансиско друштво со дејност издавање кредити, факторинг и издавање гаранции. Според пишувања на порталот Лидер, ова фирма е во сопственост на членови од фамилијата на премиерот Зоран Заев.

 

КОЈ СТОИ ЗАД ФИНАНСИСКИТЕ ДРУШТВА ЗА БРЗИ КРЕДИТИ?

Од неодамна, финансиските друштва, или барем седум од нив, решија да се организираат во здружение, поточно Асоцијација на финансиски друштва на Северна Македонија (АФД), чии основачки членови се: Тиго Фајнанс ДООЕЛ Скопје, МОГО Кредити ДООЕЛ Скопје, М Кеш Македонија ДООЕЛ Скопје, ИУТЕ Кредит Македонија ДООЕЛ Скопје, Диџитал Фајнанс Интернешнал ДООЕЛ Скопје, Кредисимо ДООЕЛ Скопје и СН Финансии ДОО Битола.

Според добиените документи од Централниот регистар, како сопственици доминираат поединци и компании од Русија, поранешните советски републики на Балтикот и Бугарија. Па така, сопственик на Диџитал Фајнанс Интернашнал Дооел Скопје е рускиот милијардер Олег Викторович Бојко, којшто ваков тип на бизниси има и во други земји од централна и југоисточна Европа, а компанијата во Македонија ја основал во октомври 2016 година со влог од 300 илјади евра. Инаку, Диџитал Фајненс е друштво познато на домашниот пазар по својот бренд за брзи кредити Форца.

Сопственик на Кредисимо Дооел е Кредисимо АД Софија, чијшто управител е извесен Сокол Радостинов Јанков, а компанијата во земјава ја формирале со влог од 100 илјади евра.

Со ист износ на влог е формирано и друштвото М Кеш Македонија, чии сопственици се Аксес Фајнанс, исто така од Софија, Бугарија, а управител е Димитер Александров Продански.

МОГО Дооел е формирано од страна на МОГО Финанце С.А. со седиште во Луксембург, со основачки капитал од 200 илјади евра, а главна дејност е финансиски лизинг за автомобили. Управител на луксембуршката фирма е Раинерс Виланс, со адреса на живеење во Рига, Латвија.

Од оваа земја е и сопственикот на Тиго Фајнанс, Аигарс Кесенфелдс, којшто ја основал компанијата во Македонија со влог од 400 илјади евра.

Од соседната Естонија доаѓа сопственикот и основачот на Иуте Кредит Македонија, а тоа е компанијата АС Иутекредит Европа, со седиште во Талин, главниот град на оваа балтичка држава.

Единствена компанија помеѓу седумте членки на Асоцијацијата којашто е формирана со домашен капитал е СН Финансии од Битола, со паричен влог од 210 илјади евра, чиишто сопственици се седум содружници: Благој Крстевски, Христо Кондовски, Никола Митровски, Никола Јошевски, Пецо Стојаноски, Петар Милошевски и Зоран Пејчиновски, сите со место на живеење во Битола.

Инаку, отворањето на финансиските друштва во земјава се овозможи со Законот за финансиски друштва донесен кон крајот на 2010 година и тие се уште се многу мал дел вкупната економија.

Образложението за потребата од влез на финансиски друштва на пазарот, од Министерството за финансии кое што беше и предлагач на законот, беше дека тие треба да претставуваат дополнување на кредитната активност на банките, особено за клиентите коишто имаат ограничен пристап до кредитите на банките поради нивните поконзервативни кредитни политики.

Во тоа време, јавноста ги доживеа овие друштва како конкуренција на банките. Законот не им дозволува на овие финансиски друштва да прибираат пари од депозити од граѓани и фирми, туку се финансираат доминантно од сопствен капитал и резерви, или пак се задолжуваат со краткорочни кредити во банките.

 

Во следното продолжение: Сведоштва на граѓани што заглавиле во вртлогот на “бескаматните“ кредити? Зошто финансиските друштва  и покрај „лихварските“ камати сe’ уште работат со загуба? Каков кодекс за заштита на потрошувачите имаат потпишано финансиските друштва?

 

Почитувани,

 

Во врска со текстот – “Граѓаните тонат во брзи кредити: за две години задолжувањето порасна за 170 проценти”, во име на Асоцијацијата на финансиски друштва (АФД) сакаме да Ве информираме дека една од основните цели на формирање на АФД е членките да работат заедно во обезбедување унифицирани стандарди за квалитет на индустријата, односно да промовира сигурни, општествено одговорни и одржливи практики на кредитирање.

 

Воедно, нашите членки потпишаа и Кодекс за добра пракса со кој членките се обврзуваат да обезбедат дополнителни мерки за заштита на потрошувачите. Кодексот има за цел да обезбеди повисоко ниво на заштита и јасни правила на соработка со клиентите кои добиле кредит или планираат да земат одреден кредит од членка на Асоцијацијата, а кој ги опфаќа прашањата како што се проценка на кредитоспособноста на клиентите, етички маркетинг, брза и практична процедура за ревизија на жалби и наплата на долгот, и друго. Членките на АФД се стекнуваат и со ознака „Одговорен кредитор“ која ќе овозможи препознавање на оние даватели на услуги кои се приклучиле на Асоцијацијата и се обврзани да работат во согласност со принципите утврдени со Кодексот за добра пракса.

 

Следствено на тоа, а во контекст на споменувањето на членките на Асоцијацијата во Вашиот текст, се обраќаме до Вас со напомена дека статијата претставува генерализирање на условите под кои се нудат различни финансиски производи од различни финансиски друштва кои ги нудат своите услуги на територијата на Република Северна Македонија. Имено, ги демантираме тврдењата дека „за кредит од 12.000 денари, треба да се вратат 18.000 денари за еден месец“, како и тврдењата за агресивен маркетинг кој претставува нереална слика во јавноста, бидејќи истото не претставува генерална одлика на сите финансиски друштва, во кои се вбројуваат и членките од Асоцијацијата, а кои нудат и одобруваат кредити кои навистина се со 0% камата и 0% трошоци. Односно, статијата е објавена без притоа да се изврши детално истражување поединечно за сите производи кои се нудат на пазарот од страна на сите финансиски друштва.

 

Имајќи го во предвид горенаведеното, а со цел да не се создава погрешна слика и забуна кај јавноста, бараме веднаш да бидат отстранети сликите  од ФД ТИГО ФАЈНАНС и ФД М-КЕШ од наведената статија, како и називот на Друштватачленки на Асоцијацијата од текстот на истата, бидејќи ваквото посочување на компаниите, на потрошувачите индиректно им наметнува мислење дека наведените податоци и информации за условите под кои се одобруваат микро потрошувачките кредити се неповолни и дека такви услови нудат конкретно посочените членки на АФД, без притоа на потрошувачите да им бидат пласирани информации кои се реални и конкретни за конкретен финансиски производ од конкретно финансиско друштво.

Во име на Асоцијацијата, Ве покануваме на поблиска соработка со цел детално запознавање со нашите заложби во насока на градење на одржлива и стабилна индустрија, што може да придонесе и за финансиска едукација на пошироката јавност заради подобро разбирање на начините на работа на финансиските друштва.

 

Со почит,

Асоцијација на финансиски друштва на Република Северна Македонија