Денешна дата
16/07/2019

Иванов конечно ги пријави становите на Водно

Во последниот анкетен лист за имотната состојба, испратен последниот ден од законскиот рок, освен станот кој е на име на неговата сопруга, ништо друго не е исто со претходните два доставени на почетокот на првиот и вториот мандат. Но токму во него се наведени двата стана купени на атрактивна локација на Водно кои се на име на неговиот син, а за кои во јавноста многу се пишуваше. Иванов пријавил и дека во 2016 година зел кредит од 126 илјади евра, иако претходно овој кредит не е пријавен

пишува: Светлана Унковска

 


ПОСЛЕДЕН АНКЕТЕН ЛИСТ НА ЃОРЃЕ ИВАНОВ


Двата стана кои екс претседателот Ѓорге Иванов ги купил на Водно се впишани во последната имотна состојба што ја достави до Антикорупциската комисија во последен момент. Иако во јавноста се говореше за два стана, всушност во анкетниот лист има пријавено дека е еден стан кој е на име на неговиот син. Неговата вредност, Иванов напишал дека изнесува 15.727.518 или 255.732 евра, но, нема наведено за колкава квадратура се работи. Имајќи предвид дека просечната пазарна вредност на становите на атрактивна локација на Водно се движат над 1.200 евра за квадрат, според проценките, се работи за стан од над 200 квадрати. Но, според информациите во јавноста, во катастарската документација е сепак наведено дека се работи за два стана и тоа еден од 131 метар квадратен кој се наоѓа на вториот спрат од зградата и уште еден стан од 91 метар квадратен кој се наоѓа на поткровјето на истата зграда.

 

Во 2016 Иванов подигнал кредит од 126.000 евра, но досега не го пријавил

 

 

Иванов во анкетниот лист наведува дека во ноември 2016 година на име на неговата сопруга подигнале кредит во висина од 126.000 евра од ТТК банка, но иако тоа го сторил пред две и пол години, тој досега не пријавил никаква промена на состојбата, ниту дека подигнал кредит, ниту дека купил станови. Сето тоа го наведува во последниот лист за неговата имотна состојба, а кој Антикорупциската комисија не може да го објави во јавност, бидејќи со престанувањето на мандатот, тој веќе не е носител на државна функција и затоа тој анкетен лист не се објавува на веб страната на Комисијата. Иванов претходно се правдаше дека станот се уште не е исплатен и не е во сопственост на семејството Иванови и поради тоа не може да биде пријавен во анкетниот лист. Сепак, Антикорупциска комисија поведе постапка за да го испита имотот на поранешниот претседател. Претседателката на Комисијата Билјана Ивановска тогаш изјави дека ќе истражуваат како било извршено плаќањето.

Становите на Иванов на улица Салвадор Аљенде. Фотографија на ТВ 24 вести

„Ќе се изврши проверка на имотот, односно ќе се види како се обезбедени парични средства и дали сите промени се навремено евидентирани во неговиот анкетен лист“, изјави тогаш првата антикорупционерка Ивановска. По ова од тогашниот кабинет на Иванов одговорија дека тој изразил благодарност што ќе биде поведена постапка за проверка на неговата имотна состојба, а неговата порака беше дека во политиката влегол чесен и дека чесен излегува по неговите два мандати.

Единствено непроменета е состојбата со станот на сопругата

Покрај овој стан, во анкетниот лист е наведен и станот со вредност од 5.000.000 денари (81.300 евра) на име на неговата сопруга, кој што Иванов го пријави уште во првата пријава на неговата имотна состојба, кога во мај 2009 година ја презеде должноста претседател во првиот мандат. Но, забележливо е дека иако првиот и вториот анкетен лист имаа одредени разлики, во последниот, состојбата е сосема поинаква. Освен станот на неговата сопруга, ништо друго што претходно го имаше, нема наведено дека веќе го поседува. Од платежни картички овој пат пријавил дека има само една, на негово име, на која во моментот има 2.012.827 денари средства од личен доход, една на име на неговата сопруга, чија состојба напишал дека е променлива.  Кога се објавија во јавност купените станови на Водно, тогаш тој објасни и дека се што претходно имал пријавено во анкетните листови било употребено за купувањето на стан за кој дополнително е земен и кредит.

 

Иванов пријавил дека поседува книги со непроценлива вредност

 

Екс претседателот Иванов во последниот анкетен лист пријавил и дека поседува лична библиотека од 5.000 книги, за кои навел дека имаат непроценлива вредност.

 

 

Платежна картичка                        2009                         2014                    2019

 

Денарска                                    204.289                   4.017.058            2.012.827

Девизна – евра                           3.347 + 3.798                 34.440

Девизна – долари САД                      273                             277

 

Денарската платежна картичка на неговата сопруга

Денарска                                  120.000                     120.000               променлива

-112.129.00