Денешна дата
14/10/2019

ЕВРОКОМЕСАР

Пишува: Александар Кржаловски

 

Иако минатава недела имаше други интересни настани за коментирање, од реконструкцијата на Владата која беше одобрена во Собранието, преку почетокот на разоткривањето на вистинските ликови во корупцискиот серијал “Коки, Кики, итн.“, локалните избори во Албанија, па се до саботните – парада и марш на гордоста, сепак најмногу внимание ми остави се уште незавршената постапка за избор на водечките позиции во Европските институции.

Имено, она што требаше да биде релативно рутински (иако вонреден) самит на лидерите на ЕУ земјите во Брисел во неделата вечер, на кој после два неуспешни обиди во текот на јуни, а последователно на мајските избори за Европскиот Парламент, требаше да се утврдат новите кандидати за петте топ позиции (претседатели на ЕУ Комисијата (сега е Жан-Клод Јункер), Парламентот (Антонио Тајани) и Советот (Данило Туск), како и високиот претставник за надворешна политика (сега е Федерика Могерини) и претседателот на Европската централна банка (Марио Драги)), се претвори во 20-часовна драма (започната со три-часовно задоцнување во 21 часот во недела, траеше цела ноќ) и се прекина нешто после пладне вчера), која засега не доведе до договор.

Продолжението е закажано за денес (вторник) од 11 часот и додека го читате ова можеби веќе ќе има договор и одлука за целиов пакет позиции или дел од нив, а можеби пак нема да се успее во тоа. Но, и досегашниов процес е фасцинантен и вреди да се сподели и нешто научи од тоа – според некои, демонстрација на функционална демократија на дело во целиот свој сјај, а според други – приказ на нивото на проблеми во кои се наоѓа ЕУ денес. Во секој случај, сето ова има и ќе има влијание на перспективите на Македонија за членство во ЕУ и добивањето на фамозниот датум во октомври, па и заради тоа е битно да се разбере што сè се случува „на ЕУ фронтот“.

 

Нејсе, да започнеме од самите избори за ЕУ кои се одржаа од 23-26 мај и за кои пишував во колумната „Евро-избори“. Најбитниот исход од нив беше падот на водечките две групации – Европските народни партии (ЕПП) и социјал-демократите (СиД), кои загубија по 40-45 пратеници од претходниот состав, со што се оневозможи самите тие да владеат како до сега (заедно имаа мнозинство во Европскиот парламент, а и сега се две најголеми групации, но немаат веќе мнозинство), па мора да се внесе најмалку и трета групација (либералите, кон кои се приклучи и францускиот претседател Макрон со својата новоформирана партија/движење), а реалноста покажа дека ќе има и четврта (зелените, со кои либералите брзо постигнаа начелен договор за заеднички настап кон „големите ЕПП и СиД“).

Првата последица на ова е дека (ќе) има и повеќе кандидати за водечката функција – претседател на Европската комисија. Секоја од овие групации на изборите излезе со свој кандидат – ЕПП со Манфред Вебер (од Германија), СиД со Франс Тимерманс (Холандија), а либералите со Маргрет Вестагер (Данска). И секој од нив, а и нивните групации, имаат свои математики, кои се судрија во неделата и вчера во Брисел.

ЕПП смета дека без оглед на падот во бројот на пратеници, тие сепак се победници и Вебер треба да биде Еврокомесарот. СиД исто така иако падна во бројот на пратеници, нивниот кандидат Тимерманс (неочекувано) победи во Холандија и со тоа сметаат дека е покредибилен кандидат за Еврокомесар од Вебер. Конечно, кога веќе мора да бидат вклучени за да се постигне мнозинство во Парламентот за избор на овие функции, либералите сметаат дека наместо двајцата „големи“ да се караат, Еврокомесар треба да биде третиот, т.е. нивната кандидатка Вестагер.

 

На претходните рунди консултации на лидерите на 28-те земји членки (веднаш по одржаните избори и потоа на редовниот ЕУ самит на 20-21, не се стигна до договор, но се насети дека нема да има поддршка за водечкиот кандидат Манфред Вебер (либералите и зелените јасно кажаа дека нема да гласаат за него). Исто така, дека ЕПП иако и натаму најголема групација, не може да смета (како до сега) на сите водечки функции, туку ќе треба да се задоволи веројатно со една од нив.

 

Маневрирајќи во таква ситуација, најискусната (а и најважната, ем најмоќна) од нив – Ангела Меркел, предложи план за поддршка на вториот кандидат – „опозицискиот“ социјал-демократ Тимерманс за Евро-комесар, а за сметка на тоа – Вебер да стане претседател на Европскиот парламент. Во тој пакет, веројатно либералите ќе го добиеја претседателствувањето со Европскиот совет. Овој предлог таа го консултирала и со самиот кандидат Вебер и со претседателот на ЕПП Жозеф Даул, а во рамките на Г-20 состанокот во Јапонија пред некој ден и со неколку од европските лидери присутни таму (францускиот Макрон, холандскиот Руте, шпанскиот Санчез, како и сегашниот претседател на ЕУ советот Туск).

Но, изненадувањето и „побуната“ дојде од неочекувана страна, од повеќе или помалку сите лидери на помалите ЕУ членки кои се дел од Меркеловата ЕПП групација (четирите земји од Вишеградската група: Полска, Чешка, Словачка и Унгарија; но и бугарскиот премиер Борисов, како и хрватскиот Пленковиќ). Имено, покрај незадоволството што не биле консултирани, тие се “тврди“ и во ставот дека ЕПП сепак победи и мора да го добие местото Еврокомесар. Ова ги отсликува и менталитетските разлики на „западот“ и “истокот“, што е патем случај и кај нас – дека „победникот зема се“, т.е. треба да ги добие сите функции во државата и воопшто да не го интересира тоа што „другата“ страна/партија всушност добила исто така голема поддршка од гласачите и поделбата на власта и моќта треба да биде резултат на компромис кој ќе ги отсликува и тие гласови/ставови на граѓаните.

Ова му дојде како „кец на десетка“ на претседателот Макрон, да декларира дека цврсто ќе опстои на позицијата да нема понатамошно проширување, додека не се реформира ЕУ – бидејќи овој состанок демонстрира колку е тешко да се договори било што во група од 28 земји, а не пак со повеќе. Оваа изјава може да е „клинец во ковчегот“ на датумот за проширување за Македонија, но да се надеваме дека е само излив на емоции од фрустрирачкиот состанок и дека по проспиената ноќ, сите ќе смогнат сили за договор, а следствено и во омекнување на оваа позиција на Макрон.

 

Резултатот од процесот досега, односно немањето резултат, веќе се толкува и како голем пораз на Меркел, особено што „саботажата“ на нејзиниот план стигна токму од „нејзините“ политички партнери во ЕПП. Еден од можните заклучоци од ова е „и Меркел веќе не е она што беше“ (кога ја блокираат премиери како Борисов и Орбан), што е лоша вест и за нашиот „датум“. Пропустот да се консултираат помалите земји во блокот на време (или и само да се информираат), без оглед дали е тоа нејзина вина или на претседателот на ЕПП Даул, се покажа фатален за досегашниот процес, а веројатно и за двата водечки кандидати Вебер и Тимерманс. Меркел го разбра тоа и иако до крајот на долгите консултации се стигна до потребните бројки (поддршка од најмалку 21 од 28-те земји и од над 65% од гласачкото тело во ЕУ), таа истакна декатоа не е доволно! Јасно (и) е, дека без најширока можна поддршка (пожелно и консензус), проблемите во ЕУ само ќе се прошируваат и продлабочуваат во овој 5-годишен мандат, а во кој претстојат поголеми внатрешни реформи на Унијата. И ова покажува разлики со нашите разбирања на политиките, дека борбата за Преспанскиот договор се сведе на стигнување до бројката од 80 пратеници кои ќе дигнат рака „за“, наместо да се цели кон поширока и вистинска поддршка, вклучувајќи ја и опозицијата.

 

Верувам дека денешниот ден, а и периодот понатаму ако не се стигне до договор денес, ќе го демонстрира правилното функционирање на демократијата, способноста на ЕУ за постигнување компромиси и договори, како и лидерството на Меркел. Дали постигнатите компромиси ќе се во наша корист – тешко е да се очекува… сепак силите против проширувањето се доста силни… но, да видиме!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.