Денешна дата
18/11/2019

Судењето за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ тапка во место

Специјалното јавно обвинителство половина година не може да ги даде почетните зборови за случајот „Талир“

Ако се бара одложување и на 9 јули, нов обид за почеток најверојатно ќе има во септември, по судската ферија

 

 

Пишува: Александар Тодески

 

Условната казна за Елизабета Чингаровска која призна вина при крај на минатата година за случајот „Талир“ е единствено поместување откако влезе низ судските лавиринти. Речиси половина година, рочиштата се одложуваат од разни причини, а последното беше поради тоа што екс-министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески не беше спроведен од истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, каде издржува 30-дневен притвор како осомничен од Обвинителството за организиран криминал за неовластено работење во службата.

 

Кога ќе почне првото рочиште за  „Талир“?

Предметот „Талир“ на обвинителна клупа ги седна екс -министерот Миле Јанакиески, екс генералниот секретар Кирил Божиновски, пратеникот Илија Димовски, Леко Ристовски, кој во 2013 година беше избран за директор на “ОХИС”, како и самата партија ВМРО-ДПМНЕ. Со обвинетите во отсуство ќе му се суди и на екс-премиерот Никола Груевски, бидејќи тој нелегално ја напушти Македонија неколку дена пред одлежување на затворската казна за набавката на „Мерцедесот“, додека пак Елизабета Чингаровска се спогоди со судот, па откако призна вина, доби условна казна.

Информациите на “Инбокс7” од судот говорат дека за сите одложувања досега имало објективни причини, но и дека 9 јули ќе биде датумот кога конечно ќе почне судењето за „Талир“. Доколку и тогаш не почне, предметот ќе ја почека судската ферија, односно периодот кога судиите ги користат годишните одмори, а судењето би почнало во септември.

Во Специјалното јавно обвинителство испративме прашање како ги коментираат овие одложувања  кои траат веќе 5 месеци, но одговор до објавување на текстот не добивме.

Предметот првично требаше да почне на 18 февруари годинава, но се одложи поради парламентарни обврски на Илија Димовски. Во мај, судењето се одложи поради хируршки зафат на Леко Ристовски, а одложувања имаше и поради обврски на судијата Осман Шабани.

 

Замрзнување на имотот

 

Во јануари годинава, “Инбокс7” објави истражување за тоа како ВМРО-ДПМНЕ се „ослободувала“ од дел од имотот – доказ во постапката „Талир“. И додека лидерот на партијата, Христијан Мицкоски во телевизиско интервју кажа дека се размислува партиското седиште во центарот на Скопје да го продаде или да го даде под наем, Специјалното јавно обвинителство даде налог да се замрзне имотот на партијата, бидејќи во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ го продала својот стан во Кисела Вода за 100 илјади евра.

Со тоа како неточно се покажа тврдењето на генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев дека се врши притисок врз партијата, бидејќи доказниот материјал не смее да се отуѓува. Извори од СЈО за “Инбокс7” тогаш тврдеа дека и покрај продажбата, тие имаат докази дека станот во Кисела Вода е купен со средствата на партијата за кои го отворија случајот „Талир“.

Луксузниот хотел, пак, за кој фирмата „Бетон“ ги исплати сомнителните трансакции кон ВМРО-ДПМНЕ остана неизграден до денеска. Партијата се уште на прес конференции тврди дека се работи за конструиран случај и дека власта преку СЈО работи на забрана на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Одговор за тоа како Мицкоски не се најде на листата обвинети, иако бил генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ во времето за кое СЈО покрена обвинение праша и екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, во едно од своите отворени писма до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Кој и како издејствува, ти Христијан кој беше ставен во предистражната постапка за предметот „Талир“, поврзан со финансирање на партијата во време кога ти беше генерален секретар, да бидеш тргнат од листата“, праша Мијалков во писмото.

Инаку Мијалков, кој чека потврда на пресудата за случајот „Титаник 2“, со кога треба да издржува тригодишна затворска казна, беше исклучен од матичната партија заедно со екс-министерот Никола Тодоров, поради наводно помагање на премиерот Зоран Заев во време на референдумот и добивањето на дво-третинско мнозинство за уставните измени.

„Ја честитаме новата криминална коалиција Зоран Заев, Вице Заев и Сашо Мијалков“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски на прес конференција откако беше најавено исклучувањето на Мијалков и Тодоров.