Денешна дата
12/11/2019

„МОЈ ДДВ“ – САМО БОГАТИТЕ СЕМЕЈСТВА ЌЕ МОЖАТ ДА ВРАТАТ ЕДНА ПРОСЕЧНА ПЛАТА

  • Просечна плата во својот семеен буџет – како што ја рекламираше мерката премиерот – ќе може да врати само семејство што троши 20.000 евра годишно за стоки и услуги или помалку од 2% од македонските семејства.
  • Повеќето граѓани и семејства ќе може да сметаат на годишен поврат од околу 700 денари за најсиромашните, до неколку илјади денари кај потрошувачите од средната класа.
  • 1800 денари е максималниот износ што едно лице ќе може да си го врати како дел од ДДВ за три месеци, додека максималниот износ на една фискална сметка е 30.000 денари.

 

Пишува: Екипа на ИНБОКС7

 

Само најбогатите домаќинства коишто годишно трошат по 1,2 милиони денари, ќе можат да вратат една просечна плата со новата мерка „Мој ДДВ“ којашто стартува од 1 јули годинава, покажува анализата на Finance Think, тинк – тенк  центар од Скопје. Најсиромашните домаќинства ќе вратат во просек само 738 денари годишно, вели анализата.

Мерката за поврат на 15% од данокот на додадена вредност – ДДВ, што сите ние го плаќаме купувајќи секојдневно најразлични производи и услуги, и којшто го гледаме пресметан во фискалните сметки, државата ја воведува со намера да ја намали сивата економија, но и да врати пари кај граѓаните.

„Благодарение не оваа мерка едно четиричлено семејство ќе може да си врати на сметка до 28.800 денари годишно во семејниот буџет. Нешто повеќе од една просечна плата во нашата земја, односно плата плус за секое семејство.“, рече премиерот Зоран Заев, при официјалното претставување на мерката.

Сепак, според погоре наведениве математики излегува дека таа „плата плус“ ќе може да ја „заработат“ само семејствата што трошат речиси 20 илјади евра годишно, односно преку 1.500 евра месечно потрошувачка кошничка. Тоа е многу мал процент од семејствата, ако се има предвид податокот дека само 2% од вработените во земјава имаат плата над 40.000 денари месечно, а над 60.000 денари уште помалку, додека најголем дел од вработените се во сегментот до 16.000 денари нето плата, или 46% од граѓаните, според Државниот завод за статистика. Плата во сегментот од  16.000 до 30.000 денари земаат вкупно 33% од граѓаните.

Или, како што покажува анализата на Finance Think, посиромашните домаќинства ќе може да сметаат на поврат на дел од ДДВ во износ не поголем од околу 2.000 денари годишно, додека средната класа ќе може да си врати од државата процент од ДДВ во износ што варира од околу 2.500 до кај речиси 9.000 денари, во зависност од категоријата на потрошувачка кошничка во којашто припаѓаат.  На над 10.000 денари, па сѐ до максималниот износ од речиси 29.000 денари колку што може едно семејство да си поврати дел од ДДВ во една година, ќе може да се надеваат едвај 5% од семејствата во Северна Македонија. Од Министерството за финансии и УЈП велат дека ваков тип на мерка првпат се воведува, не само во земјава, туку и во регионот, и дека доколку се исполнат нивните очекувања и граѓаните бараат фискални сметки, ќе им бидат вратени околу 50 милиони евра годишно.

„Максималниот износ на поврат за едно лице ќе изнесува 1.800 денари за три месеци. 98% од домаќинствата ќе можат да направат поврат на ДДВ на нивната вкупна потрошувачка, а за оние најбогатите 2% ќе има лимит.  Оваа придобивка е обезбедена за сите граѓани, и  заради правичност, за да не се случи повратот да оди главно кај најбогатите граѓани, поставени се лимити кои оневозможуваат поврат на дел од ДДВ од сметка над 30.000 денари.“, информираше при промоција на мерката, сега веќе поранешниот министер за финансии, Драган Тевдовски.

МЕРКА ЗА СУЗБИВАЊЕ НА СИВАТА ЕКОНОМИЈА

Експертската јавност во принцип ја прифаќа мерката како коректна во нејзината намера да се намали сивата економија.

„Постои одреден потенцијал да се сузбие дел од сивата економија, но во овој период од две години Владата можеше малку поуверливо да ни објасни колкав дел од сивата економија всушност претендира да намали оваа мерка“, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Според некои процени, додава тој, сивата економија е од 20 до 30% од формалната економија, значи меѓу 2,5 и 3,5 милијарди евра годишно.
„Да претпоставиме дека би ја оданочиле со стапка од 10%, тоа се најмалку 300 милиони евра изгубени приходи за државата. Ако мерката Мој ДДВ врати 50 милиони евра како приход во буџетот, тогаш има резон да се спроведува, бидејќи ќе потроши исто така 50 милиони евра, како што е проекцијата за првата година. Но, Владата не понуди начелна пресметка за тоа кој е потенцијалот на мерката. И спротивно, ако сузбие 10 милиони евра од сивата економија, а потроши 50 милиони евра, тогаш значи дека не е добра“, објаснува професорот Петрески од Универзитетот Американ колеџ.

Или, поинаку кажано, ако граѓаните го користат повратот на дел од ДДВ претежно кај трговците што и онака регуларно си издаваат фискални сметки, а многу слабо се стимулира издавањето на фискални сметки од страна на оние трговци што досега ја забошотувале оваа обврска – тогаш мерката ја губи својата смисла, односно клучната цел не е исполнета, а тоа е борба против сивата економија.

 

 

Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи

„Со плаќањето данок, граѓаните вложуваат во напредокот на државата. Сега за прв пат дел од ДДВ  се враќа назад кај нив и токму затоа граѓаните не заслужуваат и не смеат да толерираат неиздавање на фискални сметки.  Очекуваме од нив масовно да почнат да бараат фискални сметки од трговците.“

 

Павле Гацов, даночен советник

„За едно тромесечје, максималниот износ на ДДВ што може да го вратите е 1.800 денари, но тоа е во идеален случај, во пракса износите ќе бидат многу помали. Но, сепак, кога од државата сме добивале нешто назад? Да, дадеме шанса на можноста дел од сивата економија да се ‘избели’, а ние како граѓани да вратиме некој денар во нашиот џеб.“

 

Марјан Петрески, универзитетски професор

„Ако мерката Мој ДДВ врати 50 милиони евра како приход во буџетот, тогаш има резон да се спроведува, бидејќи ќе потроши исто така 50 милиони евра, како што е проекцијата за првата година. Но, Владата не понуди начелна пресметка за тоа кој е потенцијалот на мерката, односно колкав дел од сивата економија планира да сузбие.“

 

 

НЕКОЛКУ ПРИМЕРИ  ВО ПРАКСА

Даночниот советник Павле Гацов од консалтинг бирото Про Агенс, направи неколку симулации како би изгледал повратот на 15% од ДДВ за граѓаните.

„На пример, ако во едно тримесечје за купени добра и услуги сте собрале фискални сметки со вкупен промет од 70.000 денари, при што ДДВ е 18%, износот на ДДВ во овој случај е 10.678 денари, додека она што ќе ви го врати државата се 1.602 денари. Пример 2: имате фискални сметки со вкупен промет од 20.000 денари за три месеци, при ДДВ од 5%. Вкупниот ДДВ во случајов е 952 денари, а вам ќе ви бидат вратени 15% од ова, или 143 денари. Или пак, ако имаме граѓанин којшто повеќе троши, односно за едно тримесечје потрошил да речеме, 120,000 денари преку своите фискални сметки. Со стапка од 18%, ДДВ во случајов е 18.305 денари, а нему треба да му бидат вратени 15% од тоа или 2.746 денари. Но, затоа што мерката пропишува максимум 1.800 денари поврат по лице за три месеци, на граѓанинот ќе му биде вратен овој граничен износ“, објаснува Гацов.

Тој додава дека пресметката на највисокиот промет со којшто може да се врати ДДВ во висина на максимално дозволените 1.800 денари за едно тримесечје, е 66.667 денари при стапка на ДДВ од 18%, како и 240.000 денари промет при стапка на ДДВ од 5%.

Од овие математики заклучуваме дека од една фискална сметка при ДДВ од 18%, она што го добива граѓанинот како поврат изнесува 2,28% од вкупниот износ на сметката, додека во случај на 5% ДДВ, тој процент е 0,7%.

„Тука има една опасност, којашто се надевам дека во УЈП ја антиципирале, а тоа е ако му побарате фискална на трговецот што вообичаено не ви дава ваква сметка, тој да ви рече, па добро, колку ти е повратот? 2,28%? Јас ќе ти дадам 5% попуст, ама да не ми бараш фискална“, вели Гацов.

На оваа забелешка во една од дебатните ТВ емисии на темава, директорката на УЈП, Лукаревска, одговори дека токму тој попуст е износот што државата треба да го врати кај граѓаните.

“Сега кај нив е одлуката, дали ќе сакаат да земат пари назад и да помогнат во борба со даночната евазија и намалување на сивата економија, или ќе му овозможат на маалскиот драгстор  и понатаму да не плаќа данок“.

ШТО ЗНАЧИ МЕРКАТА „МОЈ ДДВ“?

Мерката “Мој ДДВ“ ќе се спроведува преку системот на УЈП, односно апликација којашто граѓаните ќе можат со своите мобилни телефони да ја симнат и да извршат скенирање на фискалните сметки. Апликацијата низ 5 едноставни чекори ќе биде алатката преку која граѓаните сега за прв пат ќе се стекнат со можност да вратат дел од ДДВ, и на тој начин да станат партнери во борбата против сивата економија, како што истакна директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

 

“Отсега фискалните сметки  нема повеќе да претставуваат парче хартија коешто ќе ги потсетува граѓаните само на парите коишто ги потрошиле, туку и на парите коишто ќе им се вратат. Мој данок, моја заштеда е мотото на оваа мерка. Со плаќањето данок, граѓаните вложуваат во напредокот на државата. Сега за прв пат дел од ДДВ се враќа назад кај нив и токму затоа граѓаните не заслужуваат и не смеат да толерираат неиздавање на фискални сметки или издавање на неважечки фискални сметки.“, рече Лукаревска.

 

Правото на враќање на дел од ДДВ ќе се остварува со пријавување на податоците од бар кодот на фискалната сметка преку апликативен софтвер на УЈП, што ќе може да се врши најдоцна во рок од 10 дена од датумот на издавањето на фискалната сметка.

 

„Враќањето на ДДВ ќе се врши на трансакциската сметка на граѓанинот, без поднесување на барање, по службена должност од страна на УЈП, во рок од 60 дена по истекот на календарското тримесечје во коешто е издадена фискалната сметка. Вратениот износ на ДДВ по овој основ не претставува доход кој подлежи на оданочување со данок на личен доход“, објаснува даночниот советник Павле Гацов.