Денешна дата
13/12/2019

Центарот за зависници во Кисела Вода – без полиција и дислокација

Повеќе од половина година од првите протести за дислокација на Центарот за зависници во Кисела Вода, не е исполнето ниту едно од ветувањата кои ги даде градоначалникот Филип Темелковски на граѓаните

Според информациите до кои дојдовме, се разгледува можноста да се врати старото решение, секој зависник да добива метадонска терапија во општината од која доаѓа

 

Пишува: Александар Тодески

 

Додека жителите на Кисела Вода протестираат против пасивноста на општината и Министерството за здравство, околу Центарот за зависници го нема зголеменото присуство на полицијата, ветување кое го даде градоначалникот Филип Темелковски на средба со граѓаните, за што сведочи и видеото снимено на 6. мај, а кое го објавува “Инбокс7”.

Нема дислокација, нема ни контрола

Центарот за зависници во Кисела Вода датира од пред осамостојувањето на државата. Неговата цел е зависниците да добиваат метадонска терапија на дневно ниво, но откако вработените ќе ја дадат терапијата, зависниците се оставени сами на себе. Оние кои не се во центарот по сопствена волја, откако ќе го земат метадонот консумираат најразлични наркотици во паркот кој одамна не наликува на парк, туку на урнатина која служи како место на кое жителите гледаат како се вбризгуваат наркотици со игли.

Оваа мрачна слика ги натера граѓаните по долгогодишни тивки молби, гласно да побараат дислокација, бидејќи околу Центарот има цела населба. Протестите имаа резултат, но кратко, бидејќи повеќе од половина година подоцна, го нема ниту ветеното полициско присуство, ниту пак дислокација.

Од општина Кисела Вода за “Инбокс7” велат дека градоначалникот Темелковски бил на неколку  протести и разговарал со граѓаните, но и дека решение се уште се бара.

„Како што и претходно информиравме, градоначалникот Филип Темелковски од почетокот на мандатот и покрај тоа што во неговата изборна програма нема ветено дислокација на Центарот за зависности постојано вложува максимални напори за истата да се реализира. Градоначалникот во знак на поддршка на граѓаните кои живеат и се соочуваат со проблеми околу Центарот заедно со претседателот на Советот на Општина Кисела Вода, Дарио Шимиќ и со дел од членовите на Советот на неколку од протестите оствари средби со нив“, велат од општината.

Шести мај, Ѓурѓовден, празник на општината Кисела Вода. Пред црквата која се наоѓа на 15-тина метри од Центарот за зависници се собираат голем број граѓани, бидејќи таму има панаѓур. Од видеото кое го сними „Инбокс7“ може да се види како во паркот има зависници, но не и полиција. Околу паркот пак, цело време поминуваат граѓани, дел од нив со мали деца, кои се сведоци на сликата за која околните жители протестираат.

Од општината за „Инбокс7“ велат дека секојдневно има полиција, иако видеото кое го објавуваме го докажува спротивното.

„Ве информираме дека пред Центарот за зависности секојдневно има полициско присуство. Напорите на градоначалникот Темелковски за дислокација на Центарот за зависности продолжуваат“, велат од таму.

Градоначалникот Филип Темелковски во интервју за „Инбокс7“ во декември минатата година изјави дека тие предизборно не ветиле дислокација, иако во неговата програма имаше најавено „креативни решенија“.

Филип Темелковски

„Едно од тие креативни решенија беше да се намали бројот на корисници на болницата, а ние како општина да го средиме делот околу болницата, да се исчисти, да се стават нови дрва, нови реквизити, најбитно од се ни е да се осветли за да може што помалку да се собираат луѓе по работно време на болницата. Ние предизборно или во мојата програма ниту на централно ниво на СДСМ, ниту на локално ниво, не ветивме дека ќе се дислоцира“, рече тогаш Темелковски, иако до денеска ниту овие решенија не се имплементирани.

Ќе се враќа стариот метод – Секој зависник во својата општина да зема метадон?

Бидејќи ниту една општина не сака Центарот за зависници да биде преселен на нејзино тло, како што дознава „Инбокс7“, Министерството за здравство ја разгледува можноста да се врати стариот метод, секој зависник да зема метадонска терапија во општината во која што живее, со што драстично би се намалил бројот на зависници во Центарот во Кисела Вода.

Сепак, се уште нема официјални информации за тоа како ќе се реши проблемот на жителите, иако во општината има голем број ненаселени места  каде што би можел да се дислоцира центарот.

Градоначалникот Темелковски во декември минатата година зборуваше дека по консултациите со граѓаните, и тој дошол до заклучок дека треба да има нов објект за корисниците, иако до сега нема никаква најава за таков објект.

„Секојдневно добиваме и пораки и општината добива информации, јас живеам блиску до Домот за зависници и ги знам состојбите. Нас првично ни беше целта да ги запознаеме сите институции. Ние првично не бевме за целосна дислокација, туку нашиот став како општина беше дека секој градоначалник горе-долу си има обврска кон своите граѓани, но со договори и консултации се дојде до заклучок дека треба целосно да се дислоцира и да се направи објект кој ќе може да го издржи капацитетот, или поточно потребите на сите корисници“, рече Темелковски.

И додека се уште се бараат целосни решенија, граѓаните се уште се сведоци на голи зависници кои лежат во паркот предозирани. Во истражувањето кое „Инбокс7“ го објави минатата година, граѓаните сведочеа дека игли има на секој чекор околу Центарот, слика која до денес остана непроменета.