Денешна дата
16/09/2019

СИМОВСКИ: ПОДГОТВЕН СУМ ДА ОБЈАСНАМ СЕ ШТО НЕ Е ЈАСНО ЗА ПОПИСОТ, БОЈКОТОТ НЕ Е РЕШЕНИЕ

Категоријата резидентно население или вкупно население, како што ние го нарекуваме е утврдена и дефинирана со препораките на Обединетите нации. Ние не можеме да бидеме исклучок и да сакаме, бидејќи ако и милиметар се поместиме лево или десно од дадената дефиниција пописот нема да биде регуларен од аспект на Обединетите нации и на Еуростат и нема да биде валиден воопшто, вели во интервју за Инбокс 7 директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски околу противењето на ВМРО-ДПМНЕ и дијаспората да влезе во пописот. Симовски вели дека токму овие информации ни се многу потребни, како земја која има високо ниво на емиграција, за да се знае колку граѓани се иселиле од државава

разговарала: Светлана Унковска

 

 

Господине Симовски догодина треба да се одржи пописот, после 18 години, а Законот за попис се уште е заглавен во Собранието. Опозицијата, пак, е се погласна во најавите дека ќе повика на бојкот доколку остане ова законско решение. Колкави се ризиците да пропадне и овој попис?

 

Дефинитивно, бојкот не е решение, никакво.. Со бојкотот ќе изгубат граѓаните на државата, а нема да добие никој. Законското решение, искрено не знам од кој аспект сметаат дека е лошо, бидејќи законското решение е направено така да ја формира правната рамка за спроведувањето на пописот. Методолошкиот дел воошто не е ни вграден во законот, бидејќи тоа е оној стручен дел каде што законот не би требало да дефинира треба да се спроведува едно статистичко истражување, тоа се дефинира со методолошките решенија, а методологијата за пописот ќе биде објавена во Службен весник, така да ќе биде јавен документ и ќе ги содржи сите детали кои што се врзани со целокупната операција попис. Сите стандарди, сите дефиниции, сите белези, објаснувања на сите белези, и за сите единици на пописот бидејќи пописот не е само на населението, туку и на становите и домаќинствата во Република Северна Македонија, така да сите единици, сите стандарди ќе бидат вклучени во оваа методологија. И она што напоменувам, не знам веќе година и пол – две, постојано го изјавувам во јавноста, методологијата ќе биде целосно ускладена со препораките на Обединетите нации за пописите во 2020 година и стандардите кои што ги предвидува Еуростат согласно нивните регулативи а се врзани со пописот.

 

Опозицијата главна забелешка има на методологијата, барем така тврди, меѓутоа, клучната точка за која што не се согласува е во пописот да влезе и дијаспората. Како гледате вие на ова?

 

Значи една работа е дали ќе бидат вклучени некои лица во пописот, а друга работа е дали ќе бидат дел од онаа категорија на резидентно население. Категоријата резидентно население или вкупно население, како што ние го нарекуваме е утврдена и дефинирана со препораките на Обединетите нации. И овие препораки се прифатени од страна на Еуростат и нивните регулативи ги дефинира на идентичен начин категоријата резидентно население и оваа дефиниција важи за сите земји во светот. Така да ние не можеме да бидеме исклучок и да сакаме бидејќи ако и милиметар се поместиме лево или десно од дадената дефиниција пописот нема да биде регуларен од аспект на Обединетите нации и на Еуростат и нема да биде валиден воопшто. Така да во тој дел апсолутно нема никакви поместувања. Препораките на Обединетите нации за земјите кои што имаат проблем со емиграцијата како што е случај со нашата држава препорачуваат да се опфатат и лицата кои што не влегуваат во оваа категорија. Значи оние лица кои што се иселени од земјата и се подолго време отсутни од државата, подолго од една година да се приберат информации бидејќи главна карактеристика на сите земји во светот кои што имаат проблем со миграциите е да немаат евиденција административна на оваа категорија. Значи, ние како држава не знаеме колку лица се иселиле од државата, колку државјани наши се надвор од државата, ниту каде се, ниту пак од каде се иселиле. Се шпекулира последните години, особено со едни огромни бројки помеѓу 400 и 500 илјади лица дека се иселиле во последните 10 години. Ние немаме таква информација. Немаме бидејќи административно не се следи. Единствен начин да утврдиме колкав е, или приближно колкав е тој број, бидејќи да се разбереме, илузија би било дека ќе ги опфатиме сите лица што се наоѓаат надвор од државата, да обезбедиме некаков податок, да видиме колкава е таа емиграција, во кои временски периоди се одвивале главните миграциони текови, од кои делови на земјата и во кои правци. И да видиме на крајот на краиштата што сме загубиле од она што е потенцијал на државата, од аспект на работна сила, на образование и сите останати сегменти.

 

Сепак и овие информации како статистика се потребни за државата..

 

Се нужни. Земја која што има проблем со емиграција, се нужни, се многу потребни. Меѓутоа, уште еднаш повторувам категорично дека овие лица нема да бидат составен дел на категоријата резидентно население. Ова ќе биде посебна категорија за која што сакаме, ни требаат, имаме огромна потреба да прибереме информации, бидејќи ги немаме, а еве, барем сите политички чинители постојано тврдат дека ние како држава треба да почнеме да спроведуваме одредени политики, барем да ја намалиме емиграцијата, а ако не да створиме услови полека, полека луѓето да се враќаат назад. Ако немате информација колку се, каде се, од каде отишле, какви политики ќе спроведувате?

 

Што доколку се остварат најавите на опозицијата дека ќе повикаат на бојкот и дали тогаш ќе го одржите сепак пописот или пак ќе биде спроведен делумно?

 

Прво се надевам дека нема да се остварат ваквите најави, бидејќи кажав на почетокот, во ничиј интерес е бојкотот а на штета на сите. Втората работа – илузорно е да правите попис, кога однапред знаете дека неме да имате квалитетни резултати – показатели. Само да се впуштиме во авантура, да ги вклучиме сите наши напори и човечки и финансиски а на крај да немаме резултати е илузорно. Нема зошто такво нешто да се прави. Меѓутоа, повторувам уште еднаш, се надевам дека ќе сфатат и од опозицијата дека целта на овој попис е да се направи една вистинска статистичка слика за состојбата со населението во земјата и врз основа на тоа да може сите чинители во државата да креираат адекватни, добри и корисни политики на развој. Значи овдека нема апсолутно никаква политичка цел за спроведување на пописот. Пописот со овој закон, каков што е ваков ќе биде статистичка, професионална операција, ќе ја спроведе Државниот завод за статистика со сите стандарди кои што се пропишани за ваквата операција и дека државата ќе има конечно реална слика за тоа какви се состојбите со населението, домаќинствата и становите.

 

Имате ли вие забелешки на законското решение?

 

Не, ние го предложивме фактички. Формално го предлага Правда, меѓутоа заедно работевме со Правда, во содржинскиот дел, во методолошкиот дел апсолутно никој не се мешаше и затоа и го нема тој дел во законот. За жал во претходните имаше, меѓутоа, знаеме што ни се случи токму поради таа работа во 2011 година. Поради таквите решенија каде што методологијата се вградуваше во законот каде што политиката влијаеше на методолошките работи, бидејќи сепак политичари го носат законот во Собрание, заради тоа и сосема некои други работи имавме неуспешен попис. Ако сакаме да си играме повторно да немаме попис, тогаш ајде да направиме политички попис, нека не го прави Заводот пописот, нека го прават политичките партии….мислам, илузорно е да се размислува на таков начин.

 

Пописот треба да се одржи догодина во април, меѓутоа законското решение се носи една година претходно. Дали веќе можеме да кажеме дека веќе законот е задоцнет?

 

Доцниме, точно. Пожелно е да биде, односно по правило е да се донесе една година пред спроведување на пописот, меѓутоа се уште има простор, иако тој простор е ограничен, не е неограничен, ние не можеме да го чекаме сега на есен да го носиме тој закон. Ако до крајот на овој месец се успее да се донесе тој закон, нема да има проблем, особено што за оваа година имаме буџет, значи оние средства што се предвидени за пописот ни се дадени во нашиот буџет за статистички истражувања, не се како посебен буџет за оваа година, така што ние веќе ги спроведуваме сите подготвителни активности, информирани бевте и вие и јавноста дека во јуни, во период од 10 до 30 јуни спроведовме пилот попис каде што ги тестиравме сите и организациски аспекти од спроведување на пописот, меѓутоа, она што е најважно, бидејќи пописот ќе оди со користење на ИТ технологија, нема да се прибираат податоци на хартија, тестиравме апликационо решение, тестиравме функционалноста на компјутерите.

 

Токму тоа сакав да прашам, како помина овој пробен попис?

 

Еве, овие денови ги сумираме сите резултати од тоа како се спроведе пописот. Можам со големо задоволство да кажам дека пилот пописот помина многу подобро од она што ние очекувавме.

 

Имаше ли некои проблеми?

 

Затоа и тестиравме, за да ги видиме сите, бидејќи кажувам одиме со апликативно решение, од биро вие не можете да ги предвидите сите ситуации што може да се случи на терен. Апликативното решение беше многу коректно направено, одредени ситни работи кои што правеа проблем се решаваа на дневна основа, ги расчистувавме, така што, генерално сум исклучително задоволен од тоа што го направивме. Во овој период ќе ги подобриме сите перформанси на таа апликација и едноставно да нема никаков проблем на терен и да не се овозможи погрешен податок да биде внесен во тоа апликативно решение.

 

Колку средства се предвидени за одржувањето на пописот и дали доколку пропадне пописот повторно може да ни се случи 2011 година кога пропаднаа голема сума на пари?

 

Предвидени се 8 и пол милиони евра кои што се предвидени да се трошат во две години. Значи една година тоа е 2019 и втората 2020. Средствата за 2019 година претежно се насочени за набавка на опрема која што ќе се користи за пописот, знаете таа процедура е малку подолготрајна, големо количество на лап-топи треба да се набавуваат, сервери исто така, таа процедура мора да ја започнеме порано не можеме да чекаме до година. Втора работа, апликацијата треба да се инсталира во сите тие машини, така да таа набавка мора да ја завршиме оваа година и изготвувањето на апликативното решение. Тие се делови кои што се плаќаат во оваа година, следната година фактички ќе биде во најголем дел плаќање на работната сила, значи на луѓето кои што ќе бидат ангажирани за спроведување на пописот, сите тие тимови пописни, попишувачи, инструктори, комисии реагионални и слично. За вториот дел од прашањето, се разбира, затоа кажав, нецелисходно е да тргаме во спроведување на операцијата, ако не го донесеме законот. Законот сега веќе треба да се донесе, бидејќи треба да набавуваме опрема. Ако во парламентот не се согласат дека треба да помине овој закон, а ние се впуштиме во таа авантура да тргнеме во набавка на опремата, залудно ќе ги потрошиме парите. Затоа ни е потребен законот сега, не можеме да чекаме наесен. Наесен веќе теренската постапка треба да биде во ек, значи некаде во август месец ние да тргнеме со сите процедури таа теренска постапка се реализира. Ако го немаме законот, нема да можеме да ја тргнеме постапката, тогаш нема да стигнеме на време да ги набавиме сите потребни компјутери и се останато придружно од аспект на ИТ технологија.

 

Пописот инаку е обврзувачки. Како тогаш граѓаните би прифатиле евентуален повик од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за бојкот и со тоа да одбијат попишување?

 

За жал кај нас се се прифаќа. Она што упорно се обидувам вниманието да го завртам на другата страна, а не кој бојкот, бидејќи бојкот е опција која никому нема да му донесе добро. Се најавува од опозицијата, значи да претпоставиме дека е можно, бидејќи 1991 имавме таков случај и се бојкотираше пописот од страна на одреден поголем број на лица. Законот предвидува казнени одредби, овие казнени одредби се исклучително ригорозни. Јас не би сакал ниту еден човек да биде казнет заради неучество во пописот. Меѓутоа, ако бидеме присилени ќе мораме и тоа да го активираме, иако повторувам уште еднаш, апсолутно последната намера или идеја ни е да примениме било која казнените одредби од законот. Сакаме луѓето да сфатат а искуството од пилот пописот ни е таква што луѓето навистина сфатија колку ни е нам потребен пописот во државата, ние 18 години немаме, догодина 19 години како немаме попис кога ќе треба да го спроведеме. 19 години немање информации за состојбите со населението во земјата, ние не можете да креирате никакви развојни политики или да креирате погрешни политики бидејќи немате на што да се потпрете. Без квалитетни информации вие немате квалитетни политики, значи одите повеќе на слепо. Еден пример, бизнисот како ќе се реши да инвестира  во било каква активност ако нема информации за расположива работна сила, особено на одредени територии на земјата. Каков е пазарот и икс други работи, кои што ние ќе можеме да обезбедиме информации со пописот.

 

Очекувате ли да се надминат овие несогласувања околу законот, затоа што сепак со буџетот треба да се предвидат средствата?

 

Секако, кажував веќе изминативе денови дека стоиме на располагање да објасниме се што не е јасно. Очекувам да имаме средба со претставниците на пратеничките групи, да се разјасниме, да расчистиме. Велам стоиме на располагање, до најситен детал да им објасниме, спремни сме дури и да прифатиме одреден амандман кој што ќе укаже на тоа дека методологијата не смее и не може да ги дефинира поимите и стандардите кои што се различни од оние на Еуростат и на Обединетите нации.

 

Досега не сте имале средба со ВМРО-ДПМНЕ?

 

Не. Имавме најави за средби, но колку што се моите информации, се уште се консултираат со некои експерти за да бидат подготвени повеќе за таа средба.