Денешна дата
23/10/2019

ХИМНИ

Пишува: Александар Кржаловски

 

Секако дека повод за оваа колумна е „прашината“ што се дигна околу погрешното пеење на македонската химна од нашата водечка (барем годинава) пејачка Тамара Тодевска, на традиционалната прослава во Американската амбасада на нивниот Ден на независноста – 4 јули.

Немам намера да додавам на тоа по мене непотребно и претерано дигање прашина, освен да се согласам дека реакцијата (започната од Обединетата македонска дијаспора – ОМД) беше оправдана, како и последователните извинувања и на пејачката и на самата амбасада. И тука требаше да заврши.

Добро беше додуша и да се потсетиме колку и секој од нас ја знае или не ја знае химната. И која од нејзините (барем) три различни верзии:

  • Оригиналната, на Владо Малески прв пат изведена во Струга на дочекот на новата 1942 година во куќата на Сотир Шута, со четири строфи (вклучително и таа која ја пеела Тамара, за „старо, младо, машко и женско, (што) на нозе се кренало“, како и со (Никола) Карев и (Димитар) Влахов меѓу споменатите наши херои (покрај Гоце Делчев, Питу Гули и (Јане) Сандански);
  • „социјалистичката“, која важеше (и сите ние од тие генерации така ја учевме) од после „случајот Информбиро“ од 1949 па се до 1992 година, а во која беа тргнати Карев и Влахов (како наводни бугарофили според тогашните проценки на тие што одлучувале), а со додаден Даме Груев;
  • Актуелната, усвоена од Собранието на (независна) Република Македонија на 11 август 1992 година, во која е изоставена втората строфа, па таа сега има три строфи.

 

Како што реков, не би додавал повеќе на дискусијата за актуелната ни химна и нејзината историја (за тоа може многу покомпетентно и изворно да не просветли синот на нејзиниот автор Владо, професорот Денко Малески), но сето ова ме потсети на една друга (слично вжештена) дебата за тоа – дали и колку нашите спортисти (особено фудбалерите) ја пеат химната при нејзиното интонирање пред самите натпревари.

Не се ни сеќавам што тогаш беше поводот за дискусија, ниту за кого конкретно се однесуваше, но тој случај ме поттикна да ги погледам историите на најпознатите химни во светот, а импресиониран од глетката како фудбалерите на Франција, сите до еден, гласно и страсно ја пеат нивната Марсељеза пред почетокот на секој натпревар (во случајов на ланското Светско првенство во Русија, но тоа важи и генерално, т.е. секогаш е таква глетката со французите).

Малку ми дојде чудно, како толкава приврзаност покажуваат кон химната, иако најголем дел од нив се црни, па би рекол „не се баш оригинал французи“. Го проверив тоа и испадна дека од 23 члена на тимот, всушност само двајца не се родени во Франција (сите други се родени таму, па со тоа си се и „французи по раѓање“, т.е. државјани на Франција со самото тоа што се родени таму). Но, дури 14 од тие 23 потекнуваат од други (главно африкански) држави и тоа во прво колено, односно родителите на сите нив НЕ се родени во Франција и се имигранти кои се доселиле пред 20-30 години.

Уште почудна ми се виде таа лојалност, кога ги прочитав стиховите на Марсељезата. Имено, знаев дека е воен марш (во еден стих и буквално се повикува да се земе оружјето и маршира, за внимавајте – да со нечистата крв (на непријателот) да се натопат нашите ровови“), но не знаев дека е толку брутална. Добро, се зборува и за слобода и за спас од тираните. Патем, тогаш тираните биле императорите на Прусија и Австро-унгарија со кои Франција влегла во војна во 1792 и всушност, песнава е напишана тогаш за да се мотивираат француските војници и се викала „Воена песна на Рајнската армија. Друг куриозитет е дека во тоа време и тој регион на Алзас, околу Стразбур, повеќето француски војници НЕ знаеле француски јазик, па песната е преведена и на германски!!!). Но, се зборува и за предавници, за колење и сечење грла, за орди на робови и слично.

Чудното ми беше што ги замислив француските војници како ја пееле Марсељезава, кога ги освојувале своевремено африканските колонии и со таа песна ги убивале предците на истиве овие сегашни фудбалери кои толку гордо ја пеат истата таа  химна. Баш се чудни патиштата господови.

Интересно е дека во 1992 година имало иницијатива да се сменат стиховите на оваа химна (и тоа предводена од сопругата на тогашниот француски претседател Франсоа Митеран, Даниела), со цел да се усогласи со духот на времето и да се отстранат зборовите кои во денешен контекст не се “политички коректни“, а и друг поранешен претседател (Жискар д’Естен) изјавил дека е глупаво да се пеат стихови за „полнење на нашите ровови со Пруска крв“ кога до вас сред Париз стои Германскиот канцелар! Но, тие иницијативи не добиле поддршка и се уште си важат оригиналните стихови. Претпоставувам тоа се тие идентитетски прашања – кога нешто толку ќе се вкорени во духот на нацијата, што е невозможно да го промениш!

 

Да видиме нешто и за германската химна – песната на Германците. Композицијата (музиката) потекнува од Јозеф Хајдн од 1797 година и е создадена во често на тогашниот Кајзер (император) Франц II. Текстот е создаден во 1841 и се смета за еден од симболите на обединувањето на Германија. Во времето на Вајмарската република, 1922 година е прогласена за национална химна, а потоа и во 1952 година – но, внимавајте, само со нејзината трета строфа (која зборува за единство, правда и слобода). Да не го прочитав тоа, ќе се заколнев дека текстот почнува (а мислев дека е тоа и насловот) со „Дојчланд, Дојчланд убер алес“ односно – Германија над сите. Всушност, точно е дека е тоа првиот стих на оригиналната химна (и тогаш со тоа се мислело да се надминат локалните интереси на помалите војводства, кнежевства и други форми на тогашните власти, за да се остварат идеалите за една поголема национална држава на сите Германци), но бидејќи истата химна важела и во времето на Нацистичка Германија – тие стихови добиле и друго значење, па после Втората светска војна се избегнуваат! Интересно, никогаш не се забранети, ниту отстранети од полната верзија на химната, но во официјалните интонирања не се изведуваат првите две, туку само третата строфа.

Оваа ситуација, логично, доведува до заблуди и чести се погрешните изведувања, т.е. започнување со стихот од погоре. Има неколку случаи и на официјални спортски настани, а интересно – најчесто грешат англиски изведувачи! Но, има и се повеќе барања, овие стихови да се вратат и во официјалната химна, а децата во училиште секако да ја учат во целост песната. Злобниците (а и конспираторите) би рекле, тоа е таа германска потреба од доминација и победа над другите. А кој знае – веројатно и е ова исто така идентитетско прашање и еден од елементите на успехот на Германија да биде во многу нешта прва и подобра од другите.

 

Има интересни приказни и за други(те) химни. Шпанскиот „Кралски марш“ е на пример првата официјална химна на некоја држава (1770 година) и е непроменета до денес, а интересно – е една од ретките која нема текст. Или едноставноста на британската „Господ да ја спаси Кралицата“ (God Save the Queen). Повеќето зборуваат за татковината (или во варијанти за: домовина, родина, или мајка земја), а не ретко и за знамето (пр. американската или албанската). Американската химна исто така слави воена победа, над британската морнарица во заливот на Балтимор во 1812 година, кога на тврдината МекХенри се развеало знамето на САД (тогаш со по 15 ѕвезди и линии), додуша тоа не е експлицитно наведено во самиот текст. Нов Зеланд има две химни, а во Јужна Африка самата химна содржи стихови на пет од официјалните 11 јазици.

 

Толку за денес за химните, а во очекување да го водиме составот на новата влада во Грција, предводена од Киријакос Мицотакис, по големата негова победа овој викенд, а уште повеќе нивното однесување во однос на Преспанскиот договор!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.