Денешна дата
16/07/2019

ДАЛИ МИЦОТАКИС ЌЕ ЈА УНИШТИ „УСПЕШНАТА БАЛКАНСКА ПРИКАЗНА“?

  • Новиот грчки премиер, Киријакос Мицотакис, беше еден од најжестоките противници за Преспанскиот договор.
  • Се поставува прашањето дали сега ќе слегне реториката или пак промената на власта ќе значи и нови препреки за земјава во евроинтегративните процеси.
  • Во јануари годинава пратениците на Нова Демократија не гласаа за ратификација на Договорот во грчкиот парламент, но експертската јавност вели дека со смената на власта, нема ништо да се смени.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Што ќе донесе победата на конзервативната Нова Демократија предводена од Киријакос Мицотакис на предвремените парламентарни избори во Грција за нашава земја? Какви политики ќе води кон нас и дали нивото на добрососедство што претходно го подигнаа премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас ќе биде симнато?

Експертската јавност не очекува нешто драматично да се смени во  политиката меѓу двете земји. Иако Нова Демократија додека беше опозиција силно се спротивставуваше на Преспанскиот договор кој го оцени како штетен за грчките интереси. Во јануари годинава пратениците на Нова Демократија гласаа против неговата ратификација во грчкиот парламент а Мицотакис, тогаш изјави дека Договорот ќе создаде повеќе проблеми отколку што ќе реши. Сето ова и донесе големи политички поени и силна победа на неделните избори. Но, дали ваквата реторика ќе има влијание на натамошните односи Атина – Скопје, откако Мицотакис ги доби изборите?

 

ПОЛИТИКИТЕ И РЕЛАЦИИТЕ АТИНА – СКОПЈЕ

 

Поранешниот дипломат Огнен Малески вели дека формално не би требало да има промена на билатералните односи на новата влада на Грција кон нашата земја. Клучното е дека позицијата пред изборите на Нова Демократија и нејзиниот лидер беше дека ќе се почитува Преспанскиот договор и тоа е темелот на нашите билатерални односи и затоа не треба да се очекуваат драматични промени.

Тоа што е таму договорено тоа ќе се имплементира комисиите ќе продолжат да работат, дипломатското ниво ќе биде подигнато, односно во иднина ќе имаме амбасади. Она што пак е отворено, е тоа – со кој интензитет ќе продолжат да се развиваат односите, ова пред се затоа што меѓу претходниот грчки лидер Ципрас и нашиот премиер Заев имаше и една идеолошка блискост бидејќи припаѓаат на левицата а воспоставија и лични пријателски релации последниве години и тоа даваше пачат на добрите билатерални односи. Сигурно дека во краток рок не може таква блискост да се воспостави, за тоа е потребно време и стекнување меѓусебна доверба но, формално, мислам дека односите нема да доживеат драматични промени“, оценува Малески.

Љупчо Петковски од Еуротинк вели дека иако Мицотакис додека беше во опозиција остро го напаѓаше Преспанскиот договор, тој сега нема да преземе некакви потези што би го вратило процесот.

Иако Преспанскиот договор целосно го користеше во предизборни цели, по преземањето на власта, маневарскиот простор за нешто повеќе ќе се намали. Но она што го очекувам се некакви несогласувања во односите поради тоа што одредбите во Преспанскиот договор се двосмислени, најверојатно затоа што во тие делови немало конкретен договор и сега за нив постои отворена можност за различно толкување. Поради тоа се можни одредени несогласувања, но сепак тешко е однапред да се предвидува“, вели Петковски.

 

МЕЃУДРЖАВНАТА КОМИСИЈА ЌЕ ПРЕТРПИ КАДРОВСКИ ПРОМЕНИ

 

Како отворен простор за можни опструирања може да дојде во работата на меѓудржавната комисија, која ако не целосно тогаш Мицотакис најверојатно ќе го смени шефот на преговарачкиот тим, вели Малески.

„Колку брзо ќе воспоставиме релации со новата влада, колку ќе ги регулираме односите, ќе разменуваме посети на високо државно ниво тоа се уште е една непознаница. Но сметам дека не би требало да има нарушување на позитивниот тренд кој е формализиран. Тоа што беше како реторика пред изборите сепак е една комуникација во пресрет на изборите, знаеме и овде е тоа така, и таму се случува за потоа да се заборави. Бидејќи едно се говори пред избори, а друг е односот кога сте на чело на држава и имате одговорност и пред меѓународната заедница. Сега ќе се види дали ќе има промена на првиот човек на преговарачкиот тим а за другите членови не очекувам бидејќи тие се од редот на професионалците, за да се постигне договор околу историскиот дел со промени во учебниците, но и трговските марки“, вели Малески.

ЦИФАКИС: АКО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ПРОДОЛЖИ ДА ГО ПОЧИТУВА ДОГОВОРОТ ЌЕ НЕМА ПРОБЛЕМИ

 

Според Николаос Цифакис, професор за меѓународни односи на Универзитетот на Пелопонез во разговор за European Western Balkans мала е веројатноста дека победата на Нова Демократија ќе создаде проблеми во односите меѓу Атина и Скопје, кои напреднаа кон целосна нормализација за време на владата на Алексис Ципрас.

„Преспанскиот договор не беше главно прашање во текот на изборната кампања, Мицотакис повторуваше дека тој нема да го доведе во прашање Договорот кој е ратификуван од грчката држава. Иако се противеше на Договорот, тој исто така изјави дека „кога еден договор веднаш е ратификуван, многу малку може да се направи тоа да се промени“. Ако Северна Македонија, продолжи со почитувањето на Договорот, не треба да се грижи за дополнителни тешкотии, особено со отворањето на преговори со ЕУ“, вели професорот Цифакис.

По блиските пријателски односи со Ципрас, сега Заев ќе треба да се приближи и до новата грчка влада и да воспостави атмосфера на продолжување на пријателските односи и со премиерот Мицотакис. Заев телефонски му честитал за победата на изборите на новиот премиер на Грција при што му посакал просперитет и благосостојба на соседна Грција и грчкиот народ, информираат од Владата.

„Двајцата премиери заеднички изразија надеж за продолжување на соработката меѓу Северна Македонија и Грција, во очекуквање на нивната прва средба како премиери. Премиерот Заев ги потврди позициите дека Грција е стратешки партнер на Северна Македонија со којшто развиваме соработка и градиме трајно пријателство и изрази благодарност за поддршката којашто нашата земја ја добива од Грција, за членството во НАТО и за почетокот на преговорите со Европската унија“, наведуваат од Владата, за телефонскиот разговор.

 

КОЈ Е КИРИЈАКОС МИЦОТАКИС?

51-годишниот Киријакос Мицотакис е новиот премиер на Грција. Во политиката влезе пред 15 години, а на чело на Нова демократија е од 2016 година. Сепак, неговото поблиско семејство доминира на грчката политичка сцена веќе неколку децении. Киријакос е син на сега веќе покојниот Константин Мицотакис, поранешниот грчки премиер од 1990 до 1993 година, со кого всушност и започна спорот за името со Македонија. Киријакос е правнук на Костас Мицотакис грчки политичар од крајот на 19 век. Неговата сестра Дора Бакојани беше градоначалничка на Атина од 2003 до 2006, како и министерка за надворешни работи во Владата на Костас Караманлис од 2006 до 2009 година. Во нејзино време се случи и блокадата на Грција за нашето членство во НАТО на самитот во Букурешт 2008 година. Неговиот внук, односно синот на Дора Бакојани, Костас, на последните локални избори во јуни годинава стана градоначалник на Атина.    Киријакос Мицотакис е роден 1968 година во Атина, а поради доаѓањето на воената хунта на власт, неговото семејство помина шест години во Париз. По нормализирањето на состојбите и воспоставувањето на демократијата во 1974 година тие се враќаат повторно во Грција.