Денешна дата
16/07/2019

ПАРТИИТЕ ПАК ГО „МАТАТ“ ПОПИСОТ

Последната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е дека се против законското решение и методологијата на спроведувањето на пописот и доколку тоа остане така, ќе повикаат на бојкот. Законот сè уште е заглавен во Собранието, бидејќи претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби вели дека нема да го стави на дневен ред се додека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не ги „испеглаат“ несогласувањата

Светлана Унковска

 

Законот за попис остана заглавен во Собранието, а од ВМРО-ДПМНЕ се погласни се најавите дека тие ќе повикаат на бојкот на најголемата статистичка операција. Опозицијата не се согласува со предложениот закон за попис и обвини дека тоа е политички пазар меѓу коалициските партнери, СДСМ и ДУИ. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски бара да биде сменет законот и методологијата.

Ние остануваме на ставот дека ако остане законот и методологијата за попис вакви какви што се, ние како опозиција нема да бидеме дел од тој попис и ќе ги повикаме граѓаните против попишување. Ние сметаме дека овој начин на попишување е крајно штетен за мнозинската заедница, Македонците. Мислам дека е крајно време да се престане со принципот Македонците да се чувствуваат граѓани од втор ред во својата држава“, изјави Мицкоски во неговото последно интервју.

Со ваквата изјава на Мицкоски, практично виси спроведувањето на пописот идната година, а собраниската расправа за законот се уште останува неизвесна. Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски во интервју за „Инбокс 7” вели дека методологијата ќе биде целосно ускладена со препораките на Обединетите нации и стандардите кои што ги предвидува Еуростат согласно нивните регулативи. Потенцира дека не е добро да се размислува за бојкот.

Дефинитивно, бојкот не е решение, .. Со бојкотот ќе изгубат граѓаните на државата, а нема да добие никој. Искрено не знам од кој аспект сметаат дека законското решение е лошо, бидејќи е направено така да ја формира правната рамка за спроведувањето на пописот. Категоријата резидентно население или вкупно население, како што ние го нарекуваме е утврдена и дефинирана со препораките на Обединетите нации и ако и милиметар се поместиме лево или десно од дадената дефиниција пописот нема да биде регуларен од аспект на Обединетите нации и на Еуростат и нема да биде валиден воопшто“,вели Симовски.

Клучната спорна точка во предлог законот е тоа што е предвидено да се попишува и дијаспората, дури и ако во моментот граѓаните не се во државава, нивните податоци ќе можат да ги дадат нивните блиски роднини, за која опозицијата е децидно против таквата одредба. Симовски укажува дека не смее да се политизира пописот, особено поради тоа што тоа е статистичка операција која не сме ја спровеле веќе 18 години. Особено не се согласува со проблематизирањето на попишувањето на дијаспората.

„Како држава која има проблем со миграцијата ние не знаеме колку лица се иселиле од државата, колку државјани наши се надвор од државата, ниту каде се, ниту пак од каде се иселиле. Единствен начин да утврдиме колкав е, или приближно колкав е тој број, бидејќи да се разбереме, илузија би било дека ќе ги опфатиме сите лица што се наоѓаат надвор од државата, да обезбедиме некаков податок, да видиме колкава е таа емиграција, во кои временски периоди се одвивале главните миграциони текови, од кои делови на земјата и во кои правци. И да видиме на крајот на краиштата што сме загубиле од она што е потенцијал на државата, од аспект на работна сила, на образование и сите останати сегменти“, укажува Симовски.

Иако предлог законот има европско знаменце, што значи дека треба да се разгледува по забрзана постапка се уште не се знае кога ќе дојде на расправа. Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби вели дека законот е влезен во собраниска постапка, но дека ќе биде ставен на дневен ред на седницата на Комисијата откако власта и опозицијата ќе постигнат договор за него.

„Законот е влезен во постапка, но за него ќе се расправа откако ќе се надминат несогласувањата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Законот има европско знаменце, но нема рок кога треба Комисијата да биде свикана. Додека траат консултациите со опозицијата за надминување на разликите, законот ќе биде ставен на разгледување на Комисијата“, вели Артан Груби од ДУИ.

Но, лежерноста на политичките партии во неносењето на законот може да го закочи или пак да го испроблематизира пописот. Со оглед на тоа што законот за попис се носи една година пред одржувањето на најголемата статистичка операција, тоа значи дека веќе сериозно се доцни со донесувањето на законот. Инаку, во текот на јуни беше спроведен пробниот попис и тоа во 13 општини низ земјава. Пописот се планира да чини околу осум и пол милиони евра, а иако претходно имаше обид да се отстрани, сепак ќе има и етничка графа.