Денешна дата
16/07/2019

Одговорноста – основна вредност на човекот како политичко битие

Пишува: Трифун Костовски

 

Можеби еден од најдревните, најисконските пориви во човекот, кој го прави битие различно од сите останати живи суштества, е свесното, рационално промислување на одговорноста. Одговорноста кон себеси, кон своето најблиско опкружување и кон пошироката заедница. Тоа е содржано и во мудроосмисленото сознание на еден од најзначајните антички филозофи, Аристотел, кој го одредува човекот како политичко/општествено битие/животно (ζῷον πoλιτικόν): тој јасно, и во своите дела Политика и Никомахова етика, укажува дека човекот не може да опстои вон својата политичност, вон заедницата во која нужно создава релации на одговорност, взаемност, дејствувајќи за заедничко добро.

Се прашувам дали можеби забораваме, овде и денес, на овие мудри сознанија на еден од најголемите антички филозофи и творци на современите политички стратешки промислувања на заедницата. Доколку Александар Велики, чии учител бил Аристотел, се раководел по овие принципи, зошто не би можеле и ние.

Сите знаеме за изреката на Римските императори, кои, спротивно од концептот на Аристотел, ги создале гладијаторските игри: „Дајте му на народот леб и игри и со тоа сте го купиле мирот во земјата каде што владеете“. За жал, кај нас како да преовладува суровата, популистичка императорско-гладијаторска концепција на владеење, а не Аристотеловата, мудра, грижлива и благородна.

Карневализацијата на политичкиот живот на која сведочиме во современото Македонско општество, ни дава за право да потврдиме дека Римјаните сосема биле во право, градејќи го популистичкиот концепт, за да го анестетизираат незадоволството на гладниот плебс. Ако во преносно значење лебот е одраз на бедата, а игрите со кои плебсот се забавува се дефокусирање од карневалските политики на нашите политичари, најотворено се прашувам кој ја плаќа оваа висока цена на ваквиот скап циркус и панаѓур? Кога велам цена, не мислам на цена изразена во цифри, туку цена која има далеку пошироки последици во социо-културниот контекст во Република Македонија.

Наместо да чекориме напред, кон смели, современи и јасно артикулирани демократски цели, ние тапкаме во место, очекувајќи дека, ете така, нашата сервилност кон Европската Унија и Соединетите Американски држави, треба да биде наградена со членство во ЕУ и НАТО.

Живееме во еден динамичен период на многу брз економски развој во светот, каде што науката и технологијата секој миг сè повеќе и повеќе се имплементираат во современото живеење. Повеќепати споменав дека сум уморен на дневно ниво да ја пратам политиката на Република Македонија и најискрено се обидувам да ги избегнам сите дневни, неретко и банално иритантни информации околу политиката. Мене ме засегаат големите стратешки визии и „органиграми“ за сите општествени сегменти на Република Македонија. Верувам во иднината, верувам во човекот и неговите вештини и знаења, но каде се тие? Заминати од Република Македонија, отселени, иднината си ја бараат во високо развиените општества и земји, каде што нивниот труд е адекватно валоризиран, што ќе им овозможи без никаков проблем да го продолжат својот спокоен и достоинствен живот, каков што оваа земја не може да им овозможи, за жал.

Што правиме ние да го задржиме тој квалификуван кадар во Република Македонија? За жал, ништо. Па дури и сметам дека заминувањето на слободоумните интелектуалци е поддржано од политичките партии, кои изминатите три децении владеат со Република Македонија. Бидејќи во земјава, токму на оние што владеат, потребни им се послушници, медиокритети, а не мислечки експерти со критички дух и интегритет.

Ве прашувам вас, а и себе, дали не научивме дека образованието и образованиот човек е најсилниот капитал со кој располага секоја држава? Не би сакал да ја имам оваа таговна нитка, но, за жал, не можам да бидам слеп и игнорантен пред фактите кои секому му надвиснале како најтемен облак – како оваа земја дозволи да се одлеат најумните, најдобрите, најквалификуваните!

Дали имаме спас од оваа „чума“? Лично сметам дека секоја влада има право да бара отштета од земјите каде што многу наши сограѓани наоѓаат прибежиште. Ќе се прашате зошто? Затоа што секој човек поединец, кој се стекнува со одредени знаења и вештини е инвестиција која ова општество го чини меѓу 300 и 500 илјади евра. И покрај таа инвестиција, тој создаден капитал, ние дозволуваме тој човек да си замине без поврат.

Почитуван Премиер на Влада на Република Македонија, почитувани министри, почитувани членови на опозицијата кои до вчера седевте во владините кабинети, треба да си ставите прст на главата дека веќе ја изгубивме супстанцата за градење на здраво и современо општество. Ова е злосторство, мои почитувани, за кое сите сносиме одговорност и вина, но најмногу луѓето кои ја водат оваа држава скоро три децении.

Болно е чувството кога од телевизиските екрани ве убедуваат дека владата е посветена на решавање на суштинските проблеми во општеството, а гледате и чувствувате дека апсолутно ништо не се менува. И кај најоптимистичните почнува да преовладува чувството на резигнација, чемер и јадосаност.

Жалам што во колумнава можеби преовладува песимизмот, но сметам дека токму заради напредокот на земјата нужни се соочувањата и критичкиот дух. Инаку, секако, со голема радост упатувам пофални зборови за нештата кои државниот врв ги решава во полза на иднината на земјата, одговорно, за заедничко добро, онака како што Аристотел тоа го бараше од човечките битија.

Можеби летото ќе донесе повеќе мудрост, бидејќи погледот од страна дава почиста слика.

Си ја сакаме татковината и тие на власт и тие во опозиција, но повеќе ни се потребни дела отколку флоскули и карневализации на политиката.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.