Денешна дата
18/08/2019

„ЖЕШКОТО ПОЛИТИЧКО ЛЕТО“ МОЖЕ ДА ЗАВРШИ СО ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ

  • Потресите на домашната политичка сцена му даде поголемо алиби на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да го стави барањето за предвремените парламентарни избори во прв план.
  • Тој дури настани со уцена – ако нема предвремени нема потреба за лидерска средба.
  • Но премиерот Заев сепак рече дека има посуштински прашања кои треба да се решат и затоа треба да учествува на лидерската средба, но потенцира – дека нема намера да го моли Мицкоски да дојде.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Дали владата на Зоран Заев ќе го истера мандатот до крај или пак ќе прифати да оди на предвремени избори, зависи од расплетот на настаните поврзани со последните афери со прислушуваните разговори и со СЈО. Два датуми за предвремени избори би можеле да бидат прифатливи за владејачката коалиција– првиот е во април, а вториот е во септември идната година.

Но, опозицијата бара тие да се одржат побрзо – до крајот на оваа година. Последните афери како да одат во прилог на барањата на опозицијата за брзи предвремени избори. Драматичните настани со случајот „Рекет“, со кој во притвор се Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милевски Кичеец, ја разнишаа и онака кревката доверба на јавноста кон правосудниот систем. Наводна вмешаност на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева му дава отворена можност на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да инсистира на предвремени избори, со голема можност и да ги добие.

ЛИДЕРСКА ЗА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ

Дури и поканата за лидерската средба која премиерот Зоран Заев ја закажа за в петок и на која би се разговарало за СЈО, пописот и Изборниот законик Мицкоски ја одби. Вели дека единствено би прифатив лидерска средба на која би се разговарало за предвремени избори.

Гледам дека Заев повикува на лидерска средба в петок, а јас ќе одговорам дека не ја гледам потребата од мое присуство на средба на која ќе се разговара за се и тоа ќе биде алиби, а нема да се разговара за тоа што денес е потребно на Република Македонија – датум кога ќе имаме предвремени парламентарни избори“ изјави Мицкоски.

Премиерот Заев му одговори дека предвремени парламентарни избори нема да има и дека очекува Мицкоски сепак да се појави на лидерската средба.

Вели за предвремени избори треба да разговараме….човеку дај за изборен законик да се договориме прво. Имаме препораки на ОДИХР, тие препораки треба да ги вградиме. Не гледал причина за лидерска. Бара предвремени избори, нека дојде за изборен законик да разговараме, еве причина сериозна. Лидерската средба останува, таму има уште двајца лидери се надевам дека ќе дојде и господинот Мицкоски, тоа е негова одговорност, сите теми се потенцијал за разговор. Немам намера да исполнувам желби за предвремени избори, иако знам дека ќе победам, дека власта ќе победи“, изјави Заев.

И холандскиот амбасадор во заминување Ваутер Пломп смета дека повикот за предвремени избори од страна на опозицијата е многу несериозен, а дека она што сега и треба на нашава земја е продолжување на работата во делот на реформите и спроведување на владеење на правото.

Реформите треба да продолжат, земјата треба да се фокусира на тоа да покаже резултати и постигнувања во владеење на правото и борбата против корупцијата. И ако мене ме прашате она што последно и треба на земјава, тоа се предвремени избори. Повикот за предвремени избори ми изгледа како многу неодговорна работа“, истакна амбасадорот Пломп.

АРСОВСКИ: СКАНДАЛИТЕ НЕ СЕ ОД ТОЛКАВ РАЗМЕР ДА ПРЕДИЗВИКУВААТ ИЗБОРИ

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека единствен кој повикува на предвремени избори е Мицкоски и ниту една од другите партии. Второ за предвремените избори да станат потреба треба да видиме дали има некаков сериозен прекин во нормалното функционирање на државата. Арсовски истакнува дека тој секогаш бил против предвремени избори бидејќи тоа може да стане метод да се бараат на оние на кои тоа им одговара.

Јас мислам дека изборите треба да бидат во редовен термин, а во оваа ситуација се работи за политичка калкулација. Не знам дали има логика да се разговара за предвремени избори пред крајот на годината, бидејќи тогаш чекаме евентуален датум за ЕУ и завршување на пристапните протоколи за НАТО, така што тие може да се актуелизираат на почетокот на идната година. Имајќи предвид дека има некаков период на Пржинска влада тоа веќе не може да биде пред пролет наредната година, а веќе сме многу блиску до редовниот термин. Така што не знам и во политичка и во логистичка смисла дали се возможни“, анализира Арсовски.

Но, колку последните случувања кои ја потресоа јавноста ќе влијаат сепак да се иницираат предвремените избори, особено по последниот со отворањето на случајот „Рекет“, во кој наводно има вмешаност и Катица Јанева, која, за потсетување, си поднесе неотповиклива оставка скоро во истиот момент кога имаше приведувања на осомничените Боки 13 и Зоран Милевски Кичеец. Арсовски вели дека не верува дека тоа би можело да биде сериозна причина, туку смета дека посериозен државен интерес на земјава е да се заврши пристапниот протокол за НАТО и да се почека исходот за датумот за преговори.

Прво овие скандали кои ги гледаме не се од толкав размер за да предизвикаат предвремени парламентарни избори. Притисокот на Мицкоски е нормален како за опозиција, но не верувам дека ќе се оди на парламентарни избори оваа година. Реално би можело да се разговара за предвремени парламентарни избори на почетокот на идната година што евентуалниот термин би бил на есен наредната година што доаѓа во редовниот термин. Така што не мислам дека во овој момент е создадена ситуација за предвремени парламентарни избори“, истакнува Арсовски.