Денешна дата
23/10/2019

МОЌНИ И КОНТРОВЕРЗНИ ФИГУРИ СТОЈАТ ЗАД БИЗНИСОТ СО БРЗИ КРЕДИТИ (2)

  • Олег Бојко, еден од 100-те најбогати Руси е сопственикот на Диџитал Фајнанс Интернешнл, финансиското друштво зад брендот за брзи кредити Форца во земјава. Бојко е официјално махер за финансиски технологии и информатика, а неофицијално матен олигарх којшто својот подем го должи на блискоста со руските тајни служби и контроверзни бизнис операции.
  • Силјан Мицевски, некогашен градоначалник на Битола, поврзуван со аферата ТАТ, сега еден од најмоќните бизнисмени во државава којшто успешно „игра“ со секоја власт е исто така сопственик на финансиско друштво за брзи кредити, „Пелистер Дооел“.
  • И поширокото семејство на премиерот Заев е влезено во бизнисот со брзи кредити. Во управата на финансиското друштво „Пеон“ од Струмица седи Катерина Бојовиќ – Заева, којашто е исто така и ко – сопственик на „Фарма Медика Канабис“ заедно со Бобан Заев, фирма што доби одобрение за одгледување канабис за медицински цели во Валандово.

 

Пишува: Екипа на ИНБОКС7

 

Бизнисот со брзи кредити во Македонија вртоглаво расте. Експозитурите наречени популарно „продавници за пари“ никнуваат на секој чекор, а маркетинг тимовите на медиумите од државава задоволно тријат раце од се поголемиот број на реклами што ги нарачуваат финансиските друштва што стојат зад брзите кредити.

Но, кој всушност стои зад овие финансиски друштва, чиј е капиталот што се врти во нив?

 

МЕГА ИМИЊА ЗАД МИКРО КРЕДИТИТЕ

 

Веројатно најмоќната бизнис фигура што стои зад некое од финансиските друштва за брзи кредити во земјава е рускиот милијардер Олег Викторович Бојко. Тој е сопственик на „Диџитал Фајнанс Интернешнал Дооел Скопје“, компанија основана во Македонија во октомври 2016 година. Финансиското друштво е познато на домашниов пазар по својот бренд за брзи кредити Форца.

Бојко е сопственик и претседател на групацијата Финстар, под чијшто менаџмент се средства во износ од преку две милијарди долари. Личното богатство на Бојко, Forbes го проценува на 1,4 милијарди долари, со што влегува меѓу 100-те најбогати луѓе во Русија.

Официјално, Финстар Групацијата се занимава со операции на финансискиот пазар, пазарот на информатички технологии, телекомуникациската индустрија, медиуми и други бизниси. Бојко се занимава со банкарство од 1988 година, кога ја основал првата ИТ компанија која произведувала софтвер за финансискиот сектор.  Бојко, односно Финстар Групацијата, исто така е сопственик на финансиската група 4Фајнанс која работи во повеќе од 20 земји во светот, вклучувајќи ги Германија, Шпанија и САД, чија дејност е кредитирање на населението спојувајќи ги искуствата од информатичката технологија и финансиите.

Меѓутоа, на повеќе веб-страници чијашто кредибилност во моментов ја проверуваме, наведени се истражувања  коишто фрлаат поинакво светло врз бизнис успехот на Олег Бојко. Така, на пример, на една од нив има огромен текст каде што наводно се демаскира целата кариера на милијардерот, од тоа како станал еден од најмоќните олигарси во Русија во 1990-те по падот на Советскиот сојуз, искористувајќи ја помошта од тајните служби, па се до матните бизнис операции на наводно перење пари.

СИЛЈАН МИЦЕВСКИ И ЗАЕВИ ВО ТРКАТА СО БРЗИТЕ КРЕДИТИ

Зад некои од финансиските друштва за брзи кредити стојат моќни имиња и во домашниот бизнис. Како што споменавме во претходниот напис на оваа тема, во регистарот на финансиски друштва што се наоѓа на веб-сајтот на Министерството за финансии, може да се види дека во управата на финансиското друштво „Пелистер ДООЕЛ“ од Битола седи Силјан Мицевски.  Тој е еден од најмоќните бизнисмени во државава, сопственик  на градежното претпријатие „Пелистер“, синџирот аптеки „Еурофарм“ и други компании.


Мицевски е инаку поранешен градоначалник на Битола, чиешто име беше најдиректно поврзувано со фамозната финансиска афера ТАТ од пред дваесетина години. Во поново време, Силјан Мицевски беше „интересен“ за опсервација заради високите износи од десетици милиони евра на тендерите што ги добиваше неговата компанија ГП Пелистер од државното претпријатие ЕЛЕМ за ископување на јаглен и јаловина за потребите на РЕК Битола, во време на претходната владејачка гарнитура на Никола Груевски. Инбокс7 пишуваше за оваа контроверзна тема во својата истражувачка сторија, а  Мицевски продолжи да добива високи износи на тендери за истите услуги и во време на актуелнава власт на Зоран Заев.

И членови од поширокото семејство на премиерот Заев се вклучени во бизнисот со брзи кредити. Во управата на финансиското друштво „Пеон“ од Струмица седи Катерина Бојовиќ – Заева, којашто пак заедно со Бобан Заев, братучед на Зоран Заев, е ко – сопственик на „Фарма Медика Канабис„, фирма што доби лиценца за одгледување на канабис за медицински цели на шест хектари во валандовско.

 

ЗДРУЖЕНИЕ „АНТИ КОЦКАЊЕ“: БРЗИТЕ КРЕДИТИ ГО ОТЕЖНУВААТ ПРОБЛЕМОТ СО ОБЛОЖУВАЊЕТО И КОЦКАЊЕТО

Вртоглавото ширење на експозитурите за брзи кредити низ земјава според мислењето на нашите соговорници има влијание и врз социјално – девијантните појави како што е коцкањето, на пример. Каква е корелацијата помеѓу брзите кредити и обложувалниците и казината?

Џемал Абдиу од здружението „Анти Коцкање“ вели дека во средината каде што живее и работи секојдневно гледа примери на луѓе коишто постојано земаат ситни позајмици од друштвата за брзи кредити, што потоа ги трошат во обложувалниците и казината.

„Секако дека ние како здружение или јас лично како човек не може да го осудам трендот на никнување на ‘продавниците за пари’ како што популарно ги нарекуваат, затоа што тоа се бизниси коишто легално се отвораат и борат за клиенти на пазарот. Но, нивната појава на некој начин дополнително го отежнува проблемот со коцкањето и обложувањето, за чие што пак регулирање и ограничување се бориме со години, затоа што едни од бројните клиенти на овие финансиски друштва се токму луѓето што се коцкаат во казината или уплаќаат ливчиња во кладилниците. Сведоци сме секојдневно на појави кога луѓето наместо да ги потрошат парите од брзиот кредит за семејни потреби и сл., тие ги оставаат во казината. Ова го гледам постојано, сите имаме блиски луѓе, дали во семејството, во соседството, на работа и сл. Најчесто не се работи за големи суми, но сепак сметам дека никнувањето на експозитурите за брзи кредити паралелно со казината и обложувалниците како печурки по дожд, е симптоматично во најмала рака“, смета Абдиу.

Како што спомнавме во претходниот текст на оваа тема, брзиот раст на брзите кредити се гледа и од статистиката што ја најдовме на сајтот на Народната банка: вкупните средства на сите финансиски друштва во државава изнесувале 3,24 милијарди денари (околу 53 милиони евра) на крајот од првиот квартал годинава, за разлика од 2,4 милијарди денари на крајот од истиот период лани, или пак 1,3 милијарди денари истиот период во 2017 година. Што значи, за две години, активата на финансиските друштва (како и нивниот број, н.з.) зголемена е за 2,5 пати.

Износот на одобрени кредити од страна на овие друштва на крајот од првиот квартал годинава изнесувал 2,84 милијарди денари (околу 46 милиони евра), што е пораст од 55% за една година, а 170% за две години. При анализата на овие бројки, треба да се има предвид дека во билансите на финансиските друштва, во вкупната актива освен брзите кредити, влегуваат и издавањето на кредитни картички и факторинг, односно преземање на ненаплатени побарувања. Минатата година финансиските друштва ја завршиле со 43% поголем износ на одобрени кредити во однос на  2017, и за дури 190% или без малку три пати  повеќе во однос на  2016 година.

(Продолжува)