Денешна дата
23/10/2019

II. ИЗБОРНИТЕ МОДЕЛИ И МАКЕДОНСКИТЕ ПАРЛАМЕНТАРНИ – КАКО НАТАМУ

На наредните парламентарни со мнозински, со пропорционален или со нешто комбинирано?

Овој пат, токму под притисок и на демократската јавност, се бара модел со отворени листи.

 

Пишува: Зоран Иванов

 

Во ова второ од трите продолженија на серијалот за изборниете модели за македонските парламентарни избори, како што е најавено во претходниот текст, еве уште по нешто. Овде поконкретно за потребата од демократизација на изборниот процес со можност за поизвесни изборни шанси за помалите политички партии како претпоставка за натамошна демократизација на македонското општетство и како можност за заживување и на нови политички идеи.

Како што беше елаборирано во претходното пртодолжение, и овде констаираме дека и со актуелните изборно моделски комбинации со шест изборни единици и со затворени листи на доминантниот пропорционален изборен модел, помалите партии не можат да ги остварат своите амбиции и самостојно да бидат застапени во парламентот па и во власта. Вака поставениот изборен модел и досега привилегирано и монополистички го користеа големите партии и при сите изборни циклуси. Во своите коалициски јата тие практично ги прибраа а, со тоа и политички ги неутрализира речиси сите помали  партии задушувајќи ги нивните идеи. Со тоа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, вклучително и ДУИ, ги згаснатаа амбициите на помалите партии, а со тоа и можностите за нови политички понуди надвор од нивните партиски програмите.

Од тие причини, помалите партии, но и демократската политичка јавност, сега повторно ги покренуваат парашањата за редефинирање на изборните правила. Предлозите пак се движат во насока на пропорционален изборен модел. Но овој пат се бара модел со отворени листи. Партиски или граѓански сеедно, но интенцијата е во парламентот да се најдат што повеќе афирмирани личности докажани во своите области на сметка на партиските послушни бирократи. Тоа секао ќе наиде на отпори токму кај големите султански партии во кои нема внатрешна демократија и каде што отсустува јавна и транспарентна внатрешно партиска конкуренција за избор на кандидати за пратеници.

Но притиснати со се`помалата доверба и со се`понискиот рејтинг, кај и да е, тие ќе бидат принудени на некоја варијанта на модел каде што на нивните изборни листи се`почето ќе се евидентираат и непартиски кандидати. Згора, се понагласени се и барањата на јавноста на изборните листи самите избирачи да имаат можност да до впишуваат кандидат за кои тие би го дале својот глас. Но за оваа можност, која е применлива во повеќе демократски држави, за кај нас сепак сигурно ќе се чека подолго време.

Засега максимумот би бил на самите отворени, практично полуотворени листи, покрај заокружувањето на партиската или на  листата независни кандидати, на гласачите да им се овозможи по свој избор на самото избирачко место да заокружуваат и поединечно кандидати од самите листи за кои генерално како политичка опција се определиле. На тој начин ќе се создаде можност граѓаните најдиректно да влијаат при кадровското рангирање на листите, а со тоа и подиректно врз пратеничкиот составот.

Со една ваква  можност граѓаните гласачи практично  ќе бидат  во можност да го направат рангирањет од понудената листа кандидати од страна на предлагачите и на тој начин многу подиректно да решаваат за тоа кому од предлижените кандидати му  даваат предност да добие мандат за пратеник во парламентот за да ги застапува нивните интереси. Значи, барањата се изборниот модел да се демократизира. Листите да станат подвижни и на избирачите да им се овозможи да интервенираат во нив, покрај гласањето за листите како за партиска изборна програма, директно и  непосредно да се изјаснуваат и за кандидатите во кои посебно вертуваат дека ќе ги реализираат тие програми.

Бидејќи бројот на мандатите што ги освојува политичкиот субјект зависи од бројот на гласовите, партиите ќе добијат и толку мандати. Но при овој модел на отворени листи гласачите се тие кои директно решаваат кој од кандидатите на конкретната листа ќе добие повеќе гласови и поголеми шанси да влезе во парламентот. Значи, редоследот на листите во крајна линија ќе го одредува волјата на граѓаните, а не политичкта партија како досега. Ваквото изборно правило овозможува пратенично место да освојат оние кандидати од листата што директно од избирачите ќе добијат најмногу индивидуални, односно преференцијални гласови. Секако, при ова, изборниот модел треба прецизно  да дефинира колкав процент вакви гласови треба да добие кандидатот од изборната лииста за да го помести своето место нагоре во однос на утврдениот редослед од страна на предлагачот на листата, односно од политичката партија или од независна граѓанска листа .

Накратко, овој модел генерално нуди три, четири предности:

Прво, што граѓаните самите ќе решаваат кој од предложените кандидати ќе биде избран за пратеник, наместо изборот, односно рангирањето на листата да го врши највисокото партиско раководство или самиот партиски лидери.

Второ, моделот директно влијае врз мотивираноста на граѓаните да излезат на избори и на изборниот процес да му дадат позначаен легитимитет.

Трето, партиите ќе бидат мотивирани и за поголема застапеност на листите на кандидати од другите, особено од помалите етнички заедници за да дојдат до гласовите на нивните гласачи.

Четврто, ова изборно правило директно ќе влијае врз внатрешната демократизација на самите политички партии. Тие ќе треба да бидат поодговорни при изборот на кандидатите со кои на изборите ќе се престват пред граѓаните.

Впрочем, успешноста и демократичноста на пропорционалниот модел со отворени листи е масовно применет и во земјите членки на Европската Унија. Од 28 држави во 20 се применува пропорционалниот или комбинираниот изборен модел, а во 17 од нив и со отворени листи.

Но ние не сме Европа па инаетот и стравот од губење политичка доминација на големите партии и натаму ги задушуваат иницијативите за промена на изборниот модел и на целиот изборен систем. Па, поради неможноста да се постигне политичка согласност за една изборна единица без изборен праг, шансата на малите партии, нешто како меѓупериод, евентуално може да се бара и во промената на методот на пресметка на пратеничките места според освоените гласови. При пресметката на изборните резултати да се преферира Сент Лагеовиот систем. Тој, за разлика од сегашниот Донтов метод, ги фаворизира малите партии па и ги мотивира и граѓаните помасовно да учествуваат во изборниот процес.  Но секако, основните забелешкио на сегашната изборна легислатива се во поделбата на Македонија во шест изборни единици па барањата се за една изборна единица без или со многу низок изборен праг. Доколку ова не се случи малите политички играчи и натаму ќе немаат никакви шански за позбначајна политичка доминација. Нивната судбина на приврзоци и натаму останува кај големите, а со тоа ветреат и нивните политички идеи.

Во наредниот петок, во третото последно продолжение на овој мини серијал за изборните модели за избор на пратеници во македонското собрание, поконкретно уште за некои насоки за нужните реформи во македонскиот изборен процес.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.