Денешна дата
12/12/2019

Шарена реалност

Пишува: Трифун Костовски

 

Се чини дека ова лето навистина е многу „жешко“, и во симболичка и во фактичка смисла. Низ Република Македонија имам впечаток дека се тркала еден жежок костен кој остава опекотини во нашето општествено и политичко ждрело. Дали опекотините некогаш од оваа врелина ќе зараснат, времето ќе покаже.

Деновиве сведочиме на најновиот скандал поврзан со сѐ уште не докажаниот поткуп на Специјалното јавно обвинителство, во релација со рекетарските обвиненија кон менаџерите на 1ТВ. Од друга страна, не пеоплосаа и незрелите изјави поврзани со толкувањето на нашата историја.

До пред една година СЈО беше најсветлата точка во изминатава декада. Сигурен сум дека токму затоа беше шок за секој граѓанин како овој светилник на хоризонтот, одеднаш, преку ноќ, се претвори во најгрда слика на реалноста која ја живееме. Како што прашува и Пржинскиот преговарач, Петер Ванхојте, така и ние се прашуваме – зошто токму сега се посочува на можната вина на Катица Јанева? Што стои зад овој огромен скандал? Се чини дека нештата се многу покомплицирани отколку што се прикажани во јавноста. Се разбира, секој треба да одговара за делата кои се спротивни на заканските одредби. Но, се надевам, дека ќе престане шизофрениот круг на селективна правда и на апсурдни политичко-општествени-криминогени динамики. Вербата и довербата дадена од граѓаните и поддржана од политичките партии се истопи како снегулка која налетува на врело сонце.

Рекетарењето станува мода во Македонија и се користи од сите можни позиции, само со цел да се задоволат личните интереси на поединци.

Отворено се прашувам, а воедно ве прашувам и вас мои читатели, дали ова што ни се случува е нормално, и дали е тоа патот на создавање на едно модерно, напредно и чесно општество. Совеста кај одредени чинители на одговорни функции е длабоко потисната, како да не постои. Граѓаните секако се прашуваат како е можно на слобода да бидат најголемите политички и криминални злосторници, да бидат осолободени и амнестирани, а одеднадеж со леснотија да летатаат обвиненија кон некој кој бил најголема надеж за ревоспоставувањето на правната држава. На гротескава и нема крај.

Дали има надеж сето ова да се поправи… за жал, имајќи ги моите години предвид, сметам дека нема да доживеам Република Македонија да биде темелита, стамена и напредна демократска земја.

Бараме утврдување на датум за преговори со Европската Унија, но што имаме да и понудиме на Европската Унија, што ќе биде нашиот придонес како идна членка – организиран криминал, корупција и лажни ветувања.

Не, почитувани мои сограѓани, државите членки на Европската унија и покрај фактот што таму не е се розово, имаат јасни стандарди за опсервација и согледување на капацитетот на идната членка на ЕУ.

Сведоци сме дека замина една гарнитура која целата се обои во криминал, дојде нова гарнитура која вети дека ќе ги врати сите украдени финансиски средства. Но, се чини, не само што нема да се вратат туку, напротив, сите назнаки говорат дека тие финансиски средства сакаат да ги поделат со новите државни органи, а граѓаните ќе останат повторно изневерени и на работ на егзистенцијата.

Длабоко сум уверен дека неопходни се коренити промени во општествениот и политичкиот живот во Република Македонија.

Со овој текст сакам да упатам порака до нашите подржувачи од Европската унија и Соединетите Американски држави, кога веќе толку средства фрлаат во Република Македонија, кои неповратно завршуваат во приватни џебови, нека оформат фонд за финансирање на нов политички субјект којшто претходно ќе го наоружаат со знаење како се функционира во демократскиот свет и нека покренат иницијатива за вклучување на интелектуалниот потенцијал, сѐ, само со една цел – да се излезе од ова дно, кое, како што велеше Горан Стефановски, е дупло дно.

Убеден сум дека во Македонија не постојат ресурси од финансиски карактер кој ќе овозможат етаблирање на нов политички субјект, бидејќи партиите на власт и во опозиција, кои се водечки во македонскиот блок, па и во албанскиот, нема да дозволат заживување на еден ваков нов политички субјект.

Ни стана секојдневие да слушаме афери претежно во финансискиот дел, со криминални позадини. До кога сето ова ќе го игнорираме и ќе сметаме дека сето тоа е нормално. Не, почитувани мои, ова не е нормалност, ова е далеку од сето она што би требало да биде нормално.

Нема незаменливи лидери, кои што сметаат дека ја измислиле сета мудрост и знаење на овој свет.

Сакам да завршам со една позитивна мисла, дека и после дождот ќе огрее сонце, само прашањето е кога? Дали ќе треба да чекаме долго или тоа ќе се случи во краток временски период.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.