Денешна дата
12/12/2019

МЕГА-СКАНДАЛОТ КАКО УВЕРТИРА ВО НОВА ПОЛИТИЧКА КРИЗА: ПОМИРУВАЊЕ И ВО РЕКЕТ?

 

  • Случајот „Рекет“ ги потопи надежите на граѓаните за бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата на СЈО.
  • Со еден потег се сруши кулата надеж која сега се претвори во еден огромен револт.
  • Ако во видео записот постои докази за наводна вмешаност на Јанева, прашањето е зошто е таа се уште недопирлива за правдата и нема постапка.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Евроамбасадорот Самуел Жбогар при неодамнешната посета на општина Новаци изјави дека се обидува случајот „Рекет“ да го гледа од позитивен аспект, бидејќи како што вели, тоа покажува дека Јавното обвинителство се бори против корупцијата и дека се поставува судска пракса за борба против корупција на високо ниво.

„Точно е дека специјалната јавна обвинителка Јанева поднесе оставка и тоа го имаме предвид и свесни сме за тоа, но СЈО ќе продолжи да функционира до 15 септември. Дотогаш има доволно време политичките лидери да размислат на кој начин ќе продолжи работата на СЈО. Знам за многу шпекулации во однос на оставката на Јанева. Сепак, факт е дека СЈО беше многу корисно и важно во својата работа и случаите што ги покрена, таму е сконцентрирана голема експертиза и знаење и сметам дека тоа знаење и понатаму треба да се користи“, изјави Жбогар.

САМО СО „БОКИ 13“ И „КИЧЕЕЦ“ НЕ СЕ РЕШАВА „РЕКЕТ“

Но и покрај позитивните, сепак повеќе би се рекло дипломатските изјави на евроамбасадорот Жбогар, веројатно и самиот тој е свесен дека доколку остане целиот случај само на приведувањето на Боки 13 и Кичеец нема ништо од борбата со корупцијата и криминалот. Бидејќи ниту двајцата кои сега се во притвор нема да можеле да рекетираат доколку позади тоа не стоела силна поддршка од личности на кои моќта и влијанието им е во нивни раце.

Во овој случај сомнежот е за вмешаноста на главната обвинителка на СЈО Јанева како и некои други колеги заедно со личности од власта. Засега фокусот за Јанева се држи на  вештачењето на телефонот за кој не се соопштува никакви детали, а со самото тоа што не се покренува ништо за неа позитивниот аспект на Жбогар сериозно бледнее. Затоа што факт е дека во случајот „Рекет“ во кој биле земени 1,5 милиони евра а било барано 8 милиони евра, предмет бил случајот Империја, за кој постојат снимки кои ги поседува обвинителството на Јанева. Од друга страна нема никаква истрага и за другата, односно рекетираната страна, која за волја на вистината во првиот наврат исплатил 1,5 милиони евра. Не е познато дали при повлекувањето толкава сума пари од неговата сметка алармирала Финансовата полиција, а нема ниту истрага од каде му се тие пари. Дали и со давањето тие пари си обезбедил да не оди во притвор а потоа и да му се даде дозвола за пасош, за кој Јанева убедуваше дека му требал за да продолжи со обврските со бизнисот. Амнестија не може да има само поради тоа што тој после тоа пријавил, а уште помалку да се претстави како жртва.

ДАЛИ СО ОСТАВКАТА ЈАНЕВА ПРИЗНА ИНВОЛВИРАНОСТ?

Професорот Стефан Буџаковски за Инбокс7 вели дека самиот вид на криминал не може да е сторен само од двајцата што сега се во притвор. Давањето оставка на Јанева уште пред да се приведат Боки 13 и Зоран Кичеец практично значи дека обвинителката уште тогаш признала, но обвинителството требало да ги обезбеди и другите докази.

За да почне да владее правото и правната држава и неселективна правда треба да се тргнат ваквите игри. Да не го прават народот дека не разбира, затоа што народот веќе разбира што се прави. Да се остави правосудните органи да си ја завршат работата а политиката да се тргне, бидејќи овој случај е јасен и тоа не смее да остави дамка на никого. Македонија има добар правен систем кој што може оваа работа да ја извади на површина, меѓутоа, политиката очигледно се меша секаде“, вели Буџаковски.

Професорот Гордан Калајџиев за Инбокс7 смета дека според она што е изнесено во јавноста најверојатно дека Јанева е вмешана, а не верува дека Боки 13 сам ги работел рекетите и дека во таа насока е и одземањето на нејзиниот телефон.

По шпекулациите кои што се полуобзнанети иако обвинителството многу чудно на прес конференцијата излезе со полувистини, би рекол, народот со право очекува, а очекува и домашната и меѓународната јавност цела вистина. Не е многу веројатно Боки 13 да бил единствениот осомничен а да се спомнува СЈО, обвинители и слично и да се остава се на шпекулации. Со одземањето на телефонот очигледно е дека Јанева е инволвирана да не речам првоосомничена во случајов бидејќи немаме се уште формална постапка“, вели професорот Калајџиев.

Професорот Буџаковски вели дека сето ова не е добро за државата, а Јанева ако толку е сигурна во себе дека е чиста треба сама да бара да биде опфатена со истрагата. Сепак Буџаковски вели дека постои тенденција да се заташка истрагата до овој степен до каде што е сега.

Ова што досега го видов ми личи како да се сака да се заташка работата и ова веќе не е владеење на правото, туку веќе е игра. Македонија оди кој длабоко непочитување на правото и веќе се е доведено до знак прашање. Кој странец ќе сака да инвестира во држава во која секој ќе може да ве рекетира. Ова многу ќе влијае и врз датумот за почнување преговори наесен. Катица Јанева е производ на Европската унија и ова може да се гледа и како пропаднат проект и од нивна страна“, оценува Буџаковски.

САД БАРА ТЕМЕЛНА ИСТРАГА

И новата амбасадорка на САД Кејт Брнс на средбата со претседателот на Собранието Талат Џафери се интересирала за случајот „Рекет“. Таа истакнала дека мора да има брза и темелна истрага со јасен епилог.

„Мора да има јасен епилог и без соодветен исход од овој многу сериозен случај ќе има само шпекулации. Ако истрага и разрешницата задоцни, перцепцијата ќе биде многу неповолна“, изјавила амбасадорката Брнс на разговорот со Џафери.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со секојдневни напади и критики забележува дека во овој случај постојат низа нелогичности во постапката која ја води обвинителството и како што велат од оваа партија се покажува тенденција случајот да биде забошотен и практично да се заврши со минимална штета.

Истрагата е се освен непристрасна и професионална. Начинот на кој што Вилма Рускоска ја води укажува дека таа има намера да ја заштити главата на политичко-медиумскиот-рекетерски октопод. Дали лажниот исказ на Катица Јанева даден во истрагат во врска со телефонот не е индиција дека и таа е инволвирана, односно и против неа треба да бидат преземени посебни истражни мерки. Дали Рускоска со непокренувањето постапка против Катица Јанева свесно и остави време да ги уништи доказите и пораките што ги разменувала со оштетените, рекетарите или пак функционерите на СДСМ од кои ја добива поддршката“ праша Димче Арсовски портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Засега се уште е нејасно зошто обвинителството не отворило постапка против Јанева, бидејќи и шефицата на Обвинителството на организиран криминал Вилма Рускоска посочи дека постои видео снимка на која што се гледа и слуша како се врши рекетот, а во еден дел од разговорот на интерфон е вклучена и шефицата на СЈО во оставка, во моментот кога се врши изнудата.