Денешна дата
21/09/2019

Патарините економски неисплатливи, служат за вработување партиски војници

  • Треба да се најде алтернативен начин како да се наплаќа користењето на автопатиштата.
  • За да се избере новиот начин треба да се направи подетална економска и финансиска анализа:  дали е најисплатливо да се оди преку дополнителна такса за горивата, дали преку регистрација на возилата или постоечките патарини целосно да се дигитализираат, велат експертите за Инбокс7
  • Екипата на Инбокс7 го побара за изјава и директорот на ЈПДП, Зоран Китанов, којшто ни рече дека има состанок со Кинезите (претпоставуваме со претставници на кинеските компании што се изведувачи на неколку автопатни правци во земјава, н.з.) и не може да зборува во моментот. На прашањето кога да го побараме, само ни ја спушти слушалката.

 

Пишува: Редакција на Инбокс7

 

Во земјава од почетокот на месец јули профункционира електронското наплаќање патарина, и тоа на делот од Коридор 10, односно патниот правец  Табановце – Гевгелија. Патарината се плаќа со бесконтактни смарт – картички и со т.н. микробранови транспондери, или „тагови“ што се ставаат на предното ветробранско стакло од возилата, за да може електронскиот систем да ги чита од далечина. Покрај овие опции, на неопределено време се остава можноста за плаќање во готово, а од Јавното претпријатие за државни патишта –  ЈПДП најавија дека до мај 2020 треба сите патарини во земјава  да бидат дигитализирани.

Патарините да се наплаќаат преку цената на горивата

Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика

„Нема никаков проблем РКЕ да вкалкулира дополнителна сума за користење на автопатиштата што ќе се користи како замена за патарините, ако, се разбира, со закон не задолжат тоа да го сториме. Ние сами такви давачки не може да донесеме. Ние имаме искуство со другите давачки како што е еколошката такса  и останатите што се плаќаат преку системот на нафтените деривати.“

Агим Махмути, декан на Економскиот факултет при Универзитетот „Мајка Тереза“

“Позитивна страна на евентуалната наплата на патарините преку цената на горивата е што ќе бидат опфатени и возилата со странски таблички, со косовски и бугарски најмногу. Негативен аспект би бил што Македонија има најниски цени на нафтените деривати во регионот, што е своевидна компаративна предност, која што на овој начин би се загубила.“

Бојан Блажевски, новинар – аналитичар на состојби во патна инфраструктура

Иако замената на патарините со зголемена такса на горивата  е многу потранспарентна опција, поедноставно се прибираат парите и сл., негативниот аспект е што не е сосема економски справедлива кон сите што купуваат гориво. Но, тука може да размислуваме по логиката на принципот  на солидарност, како што функционира и здравствениот фонд или високото образование,  на пример.“

Електронската наплата на патарините каква што се користи во повеќе европски земји има за цел да го зголеми протокот на македонските автопатишта, со што ќе им заштеди време, нерви, но и пари на возачите, затоа што со помалку прикочувања и застанувања се штеди гориво, а и самите електронски картички нудат одредени попусти.

Меѓутоа, се наметнува прашањето дали С.Македонија може да најде и уште поефикасно решение за наплата на патарините, односно за собирање пари со коишто подоцна треба да се одржува и обновува патната инфраструктура што ја гради државата. Во Европа има различни пракси (види рамка, н.з.) на наплата на патарините, односно, има држави, како соседна Бугарија, Унгарија или Австрија на пример, каде што се купуваат т.н. вињети што се лепат на шофершајбната  и коишто имаат одреден период на важење, држави каде што се наплаќаат патарини само за некои мостови и тунели чијашто изградба чинела многу, но и држави каде што патарини воопшто не се наплаќаат, односно не постои никаков начин на наплата на надомест за користење на патната инфраструктура. Такви земји се Германија, каде што се наплаќа патарина само за возила потешки од 7,5 тони, Албанија, Косово, Финска, итн.

ЈП за државни патишта се финансира од три извори: патарини, такса од горивата и такса од регистрацијата на возила. Пример дека може да се функционира без патарини се Косово и Албанија, тие имаат само такса при регистрација и такса од цената на горивото“, вели Бојан Блажевски, новинар и добар познавач на проблематиката околу патната инфраструктура и начините за нејзино финансирање. Тој вели дека опцијата за укинување на патарините преку наплатните рампи и нивно вметнување во некаква друга такса, како цената на горивата на пример, треба да се разгледа како потенцијално решение и за Македонија.

„Според мене ова е елегантно решение за решавање на проблемот со патарините, избегнување на колоните и застоите што се создаваат во време на годишните одмори, празници, итн. на наплатните места. Практичен е и концептот со вињети, но јас кога му ја спомнав идејата за замена на патарините на директорот на ЈПДП Зоран Китанов, воопшто не му се допадна. Јас го прашав за сите можни опции тогаш кога правев интервју со него. Тој беше многу нерасположен за системот со вињети, образложувајќи дека не е практична како што се мисли, бидејќи и само еднаш да имаш искористено возење по автопат во определениот период за кој важи вињетата, треба да ја платиш целата сума однапред. Како и да е, лично сметам дека системот на наплата на патарини каков што е во моментов е застарен и треба да се смисли ново решение“, вели Блажевски.

 

БРОЈКИ

40,5
милиони евра се собираат од патарини годишно (2018)

30-40%
од вкупните приходи на ЈП за државни патишта се остварува од патарини

 

Системот за наплата на патарините само во функција на партиски вработувања 

Екипата на Инбокс7 го побара за изјава и директорот на ЈПДП, Зоран Китанов, којшто ни рече дека има состанок со Кинезите (претпоставуваме со претставници на кинеските компании што се изведувачи на неколку автопатни правци во земјава, н.з.) и не може да зборува во моментот. На прашањето кога да го побараме, само ни ја спушти слушалката.

А, колку „заработува“ државата всушност од патарините? Според финансиските извештаи на ЈПДП, ова претпријатие во 2018 година инкасирало 40,5 милиони евра од наплата на патарина на македонските автопатишта, или за 5% повеќе пари во однос на претходната година. Планот што си го поставиле за годинава, е да приберат 44,7 милиони евра од патарини.

Од овие 40 милиони евра што се наплаќаат од патарините, според груби проценки, над 10 милиони евра се трошат само за системот за наплата на патарините. Имено ЈПДП, моментално има околу 400 благајници и друг персонал за непречена наплата на патарините. Моментално во земјава има 10 активни наплатни пунктови. Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта најави изградба на уште дополнителни 8 наплатни рампи. Во овие 8 не се вклучени идните наплатни рампи на автопатот Кичево-Охрид. Со ваквата поставеност на патарините, во земјава за кратко како наплаќачи на патарина ќе има над 1.000 луѓе.

Според Блажевски, идејата за отварање на нови патарини не е многу чиста, а смета дека и политичките партии имаат скриени намери на штета на граѓаните.

„Наплатните места за патарините остануваат како адут за партиски вработувања и други популистички моменти што ги користат партиите, коишто сигурен сум на нож би го дочекале евентуалниот предлог патарините да се вкалкулираат во цените за гориво“, вели Блажевски.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, просечната бруто плата во март годинава е 34.764 денари или 560 евра. На годишно ниво ова сума изнесува 6.700 евра, кога на ова сума ќе се додаде и ноќниот труд тогаш сумата кај некои вработени стигнува и до 8.000 евра.

Кога 1.000 вработени ќе помножиме по 8.000 евра добиваме сума само за плати од 8 милиони евра.

Како дополнителен трошок на ова сума е и амортизацијата и одржувањето на наплатните рампи кое се движи и до неколку милиони евра, тогаш излегува дека 30 до 40% од парите од патарините одат за одржување на системот за наплата.

 

Изгубено време на патарините

Изгубеното време на патарините е дополнителен трошок. Минатата година преку системот за наплата на патарините се наплатени околу 40 милиони евра или околу 2.500.000.000 денари. Доколку земеме една просечна цена од 50 денари за секога патарина излегува дека околу 50 милиони сметки се издадени од наплатните пунктови или тоа се 50 милиони возила кои застанале на патарините. Ако сите овие возила изгубиле по една минута да ја намалат брзината од 100 километри на час, да платат патарина и пак да ја постигнат брзината до 100 километри на час тогаш имаме изгубени 50 милиони минути. Доколку оваа сума ја по 60 минути колку што има во 1 час добиваме сума околу 900.000 работни часа. Да претпоставиме дека во секое возило се превезува просечно по 2 патници тогаш оваа сума нараснува на 1.800.000 работни часови.

Според податоците на Државниот завод за статистика просечната исплатена бруто плата за март годинава од 34.764 денари. Доколку оваа сума ја поделиме на 22 работни дена излегува дека дневница е 1580 денари. Ако просечната дневница ја поделиме на 8 работни часа излагува дека 1 работен час не чини 200 денари или скоро 3,5 евра по час.

Доколку 1.800.000 работни часови кои се изгубени од застанувањето на патарините ги помножиме со 3,5 евра, тогаш добиваме сума од 6,5 милиони евра што се во изгубено време од застанувањето на патарините годишно.

Во следниот период кога бројот на патарини ќе се дуплира, оваа сума ќе нарасне и над 10 милиони евра.

Залудно потрошено гориво

Во претходната пресметка споменавме дека околу 50 милиони застанувања се регистрирани на македонските патарини минатата година. Доколку тие возила потрошиле по 100 милилитри гориво за да ја намалат брзината од 100 километри на час, да платат патарина и повторно да тргнат и достигнат брзина од 100 километри на час, треба годишно да трошиме околу 5 милиони литри гориво. Доколку ставиме просечно по едно евро за секој литар гориво излегува дека 5 милиони евра губиме го гориво за застанувањето на патарините.

Доколку ги вкалкулираме трошоците од 6,5 милиони евра за изгубено време, 5 милиони евра за потрошено гориво, излегува дека Македонската економија изгубиле скоро 12 милиони евра заради застанувањето на патарините.

Покрај ова кога ќе го додадеме трошокот за наплата на патарините од уште толку излегува дека околу 25 милиони евра ние имаме трошоци за патарините а наплаќаме 40 милиони евра годишно.

Деканот на Економскиот Факултет при Универзитетот Мајка Тереза Агим Махмути смета дека овој систем на наплата на патарините е крајно неодржлив.

Треба да се најде алтернативен начин како да се наплаќа користењето на автопатиштата. За да се избере новиот начин треба да се направи подетална економска и финансиска анализа“, смета Махмуди.

 

 

(Продолжува следната недела)