Денешна дата
21/09/2019

Наплата на патарините преку горивото: Колку возиш толку плаќаш

  • Наплатата на таксата за користење на автопатиштата преку горивото е најдобар модел.
  • Ќе се врши без ангажирање на дополнителни пари.
  • Најправична е и одзема помалку време.

 

Пишува: Редакција на Инбокс 7

 

Наплатата на таксата за користење на автопатиштата во земјава е многу лоша. Како модел припаѓа на друго време и троши многу пари. Експерти за Инбокс 7 посочуваат факти за замена на овој начин со алтернативни модели за наплата на патните такси. Еден од тие модели е и наплатата на таксите преку горивата. Еве ги и аргументите за овој предлог.

Во земјава, пак, според податоците од Регулаторната комисија за енергетика – РКЕ се трошат околу една милијарда литри нафтени деривати, или за 2018 година точно 987,6 илјади тони. Ако се стави акциза од три денари на секој литар потрошено гориво, ќе се соберат три милијарди денари или околу 49 милиони евра, или околу 4-5 милиони евра повеќе од тоа што државата посакува да го прибере од патарини според планот за 2019.

Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика

„Нема никаков проблем РКЕ да вкалкулира дополнителна сума за користење на автопатиштата што ќе се користи како замена за патарините, ако, се разбира, со закон не задолжат тоа да го сториме. Ние сами такви давачки не може да донесеме. Ние имаме искуство со другите давачки како што е еколошката такса  и останатите што се плаќаат преку системот на нафтените деривати.“

Агим Махмути, декан на Економски Факултет, Универзитет Мајка Тереза

„Еден граѓанин од Србија кој патува за Грција може да губи по 15 минути на секоја патарина, од Куманово до Гевгелија ќе има 5 патарини на 200 километри пат. На тие 5 патарини кога има зголемена фреквенција тие ќе изгубат 75 минути.  Зошто да губат време кога може на самиот граничен премин да платат за тие такси

Бојан Блажевски, новинар

„Секој не патува често, некој оди еднаш или два пати во годината на одмор или викенд, а ќе треба дополнително да ја плаќа таа акциза од денар, два, три, колку и да е . Со ова практично ќе ја плаќаат патарината без притоа да ги користат патиштата онолку колку другите што плаќаат. Но, тука може да размислуваме по логиката на принципот  на солидарност, како што функционира и здравствениот фонд или високото образование,  на пример. Сите го плаќаат ама не сите одат на факултет, да речеме, или не секој ќе има скапа интервенција во здравството. Јас повеќе го претпочитувам принципот на солидарност, но поентата ми е дека некои луѓе тоа нема да го гледаат така. Е, сега, која и да идеја се наметне како алтернатива на постојниот систем на патарини, треба добро да се обмисли“

 

Нови патарини наместо нов систем за наплата

Земјава има најниска цена на дизел горивата во регионот. Доколку цената на дизелот се покачи за 3 денари, С.Македонија ќе го задржи приматот на земја со најниски горива.

Табела 1.

 

Да не спомнуваме и дека самото наплаќање на патарините си прави трошоци од своја страна: во земјава во моментов има 18 наплатни станици за патарини, односно толку се наведени на вебсајтот на ЈПДП. Од нив, 10 се во моментов функционални, а 8 допрва ќе бидат, односно се во фаза на изградба. Тоа се наплатните станици на новите автопатски делници Скопје – Штип, и Демир Капија – Смоквица.

Со новите наплатни станици, а и оние што ќе бидат потоа поставени на новиот автопат Кичево – Охрид, ќе се зголеми и сумата од прибрана од патарини, но ќе се зголеми и бројот на вработени, најмалку двојно, што значи ќе се издвојуваат помеѓу 5-6 милиони евра годишно само за плати. А, каде се трошоците за изградба на наплатните станици, опремата, амортизацијата, одржувањето итн.

Што се однесува до техничкиот аспект на решението за наплата на патарините преку зголемена такса за горивата, тука нема никаков проблем, како што вели директорот на РКЕ, Марко Бислимовски.

„Нема никаков проблем РКЕ да вкалкулира дополнителна сума за користење на автопатиштата што ќе се користи како замена за патарините. Ние имаме искуство со другите давачки како што е еколошката такса  и останатите што се плаќаат преку системот на нафтените деривати, а во нашите одлуки што ги објавуваме наведуваме колкави се тие давачки на секој литат. За ова што вие го велите како опција  нема проблем да се сработи од наша страна страна, ако, се разбира, со закон не задолжат тоа да го сториме. Ние сами такви давачки не може да донесеме.“, изјави Бислимовски.

 

Како е во Европа со патарините?

-Земји  каде што не се наплаќаат патарини

Андора, Германија (освен за возила над 7,5т), Естонија, Финска, Исланд, Косово, Кипар, Лихтенштајн, Луксембург, Малта, Монако, Сан Марино, Украина, Ватикан.

-Земји каде што се наплаќаат патарини само за поедини мостови и тунели

Албанија, Белгија, Данска, Литванија (патарини за возила над 3,5 тони, возила за превоз на стока и возила за 8 и повеќе патници), Латвија (за возила над 3 тони), Црна Гора, Холандија, Шведска.

 

-Земји  каде што се наплаќаат патарини

Белорусија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Франција, Грција, Ирска, Италија, Норвешка, Македонија, Полска, Португалија, Србија, Шпанија, Турција.

 

-Земји каде што се наплаќаат вињети

Австрија, Бугарија, Чешка, Унгарија, Молдавија, Романија, Словачка, Словенија, Швајцарија.

Извор: www.tolls.eu

 

„Про“ и „контра“ аргументи

Но, прашањето е колку има простор ова да се прави во услови на и онака низок економски стандард. Точно е дека цените на бензините во земјава се меѓу најниските во Европа, но точно е и дека Македонија е меѓу трите најслабо економски развиени земји на континентот, исто така.

Треба да се најде алтернативен начин како да се наплаќа користењето на автопатиштата. За да се избере новиот начин треба да се направи подетална економска и финансиска анализа, дали е најисплатливо да се оди преку дополнителна такса за горивата, дали преку регистрација на возилата или постоечките патарини целосно да се дигитализираат“, вели професор Агим Махмути, декан на Економскиот факултет при Универзитетот Мајка Тереза.

Според него, новиот начин на наплата на патарините треба да се однесува на возилата кои имаат регистарски таблички од земјава, а за странските возила да се наплаќаат патните такси на самата граница со вињетки.

Со ваквата мерка ќе се избегнат страшните гужви кои се создаваат на патарините кога бескрајни колони возила коишто  одат на одмор за Грција или кога „гастарбајтерите“ од западноевропските  земји патуваат кон Турција и сл.

 

БРОЈКИ

987,6

илјади тони гориво се потрошени во 2018

61,5

Денари е литар дизел во Македонија и е најефтин во регионот

 

„Еден граѓанин од Србија кој патува за Грција може да губи по 15 минути на секоја патарина, од Куманово до Гевгелија ќе има 5 патарини на 200 километри пат. На тие 5 патарини кога има зголемена фреквенција тие ќе изгубат 75 минути.  Зошто да губат време кога може на самиот граничен премин да платат за тие такси?“, вели Махмути.

Една од позитивните  страни, според Махмути,  на наплатата на патарините преку цената на горивата е што и возилата со странски таблички,  како косовски или бугарски,  на овој начин подеднакво ќе плаќаат надоместок за користење на локалните патишта,  како и останатите возила кои се со македонски регистарски ознаки. Бројката на такви возила според некои процени е над 100.000 во земјава.

Негативната страна е што понекогаш горивата се користат и за други намени, а не само за возила. Уште еден негативен аспект би бил што Македонија има најниски цени на нафтените деривати во регионот, што е своевидна компаративна предност, која што на овој начин би се загубила, ако се покачи цената на горивата за два или три денари.

Нашиот соговорник Бојан Блажевски смета дека иако прибирањето на пари за одржување на патната инфраструктура преку акциза на горива е многу потранспарентна опција од патарините, поедноставно се прибираат парите и сл., негативниот аспект е што не е сосема економски справедлива кон сите што купуваат гориво.

„Секој не патува често, некој оди еднаш или два пати во годината на одмор или викенд, а ќе треба дополнително да ја плаќа таа акциза од денар, два, три, колку и да е . Со ова практично ќе ја плаќаат патарината без притоа да ги користат патиштата онолку колку другите што плаќаат. Но, тука може да размислуваме по логиката на принципот  на солидарност, како што функционира и здравствениот фонд или високото образование,  на пример. Сите го плаќаат ама не сите одат на факултет, да речеме, или не секој ќе има скапа интервенција во здравството. Јас повеќе го претпочитувам принципот на солидарност, но поентата ми е дека некои луѓе тоа нема да го гледаат така. Е, сега, која и да идеја се наметне како алтернатива на постојниот систем на патарини, треба добро да се обмисли“, смета Блажевски.

 

(Продолжува следната недела)