Денешна дата
12/11/2019
Неприфатливо е да се менува Кривичниот законик и кој било друг закон за да се избегне правдата и да се продолжи со заробување на државата од политичките партии. - Невладини организации

НЕРЕДОВНИТЕ ПРАТЕНИЦИ РЕДОВНО ЗЕМААТ ПО 1.200 ЕВРА НЕТО ПЛАТА   

  • Нередовноста на пратениците е многу позната и честа појава, а уште повеќе ги има оние кои иако се присутни на седниците, од нив никакво фајде.
  • Во 6-месечниот Извештај на Собранието меѓу најнередовните се Борис Змејковски, Мендух Тачи и Али Ахмети.
  • Во овој Извештај и еден куриозитет. Иако повеќе од 6 месеци не е во државава, Никола Груевски се води дека бил присутен на една седница.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Пратеникот има право и должност да присуствува на седниците на Собранието и да учествува во работата и во одлучувањето. Ова е наведено во Деловникот во делот на Правата и должностите на пратениците.За овој ангажман, даден на непосредни избори од страна на граѓаните, пратеникот добива нето плата, исто така од граѓаните, во износ од околу 1200 евра, или околу 60 илјади евра во текот на еден мандат. Но, колку од нив ги почитуваат овие обврски?

Во најновиот извештај на „Мојот пратеник“ се наведени присуствата, отсуствата како и активноста на народните избраници во Собранието за последните 6 месеци, односно периодот од јануари до јуни годинава. Во него има пратеници кои во нивните графи имаат и многу нули, некои ретко доаѓаат а некои иако се присутни ништо не сработиле. Затоа пак сите, дури и оние кои ретко се појавуваат во Собранието, секој први во месецот редовно си ги подигнуваат пратеничките плати, обезбедени од парите на граѓаните.

ЗМЕЈКОВСКИ, ТАЧИ И АХМЕТИ – ПРАТЕНИЦИ КОИ Е РЕТКОСТ ДА ГИ НАЈДЕТЕ ВО СОБРАНИЕТО

Во однос на отсуствата првото место го делат Борис Змејковски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и Мендух Тачи од ДПА, со по само 6 присуства за изминатите 6 месеци. Змејковски се потрудил да си ги оправда сите 44 отсуства, додека Тачи има 39 оправдани и 5 неоправдани отсуствувања.

Змејковски ги има сите нули и тоа за број на пратенички прашања, за број на излагања на пленарни и на седници на работните тела. Со ист резултат е и Тачи, и тој ги има сите нули во неговите активности во Собранието.

По нив, на второ место, е Али Ахмети од ДУИ со 10 присуства на седници, има 25 оправдани и 15 неоправдани отсуства. Но нулите во активностите исти како и кај неговите колеги – ниту еднаш не поставил пратеничко прашање, ниту се јавил за дискусии на пленарни ниту на седници на работни тела.

  

ИАКО НЕ Е ВО ДРЖАВАВА, ГРУЕВСКИ ЗАПИШАН Е ДЕКА ПРИСУСТВУВАЛ НА СЕДНИЦА

Во графите на Никола Груевски, кој од ноември минатата година е во бегство во Унгарија, беше очекувано да се видат сите нули, но не беше очекувано и по малку чудно е што за него е запишано и едно присуство. Ако, како што на почетокот споменавме дека овој извештај е за периодот од јануари до јуни годинава, значи дека целосно го опфаќа времето кога тој се наоѓа во Будимпешта. Дали ова би требало да значи дека Груевски дошол и тајно присуствувал на една седница, малку необично, но уште повеќе невозможно.

Единственото објаснување би можело да биде дека некој ја зел неговата картичка и го пријавил неговото присуство, што е и многу честа пракса кај пратениците.За него стои и дека мандатот му престанал на 11.6.2019 година.

 

РЕДОВНИ, НО МОЛЧАЛИВИ ПРАТЕНИЦИ

Од оние најредовните се издвојуваат претседателот на Собранието Талат Џафери, пратениците Бетиан Китев, Панче Иванов, Татјана Прентовиќ и Лидија Тасевска без ниту едно отсуство. Со само едно отсуство од вкупно 50 седници се пратениците Алија Камберовски, Агим Муртезанов, Владанка Авировиќ, Елизабета Канческа Милевска, Јован Митревски, Кети Смилевска, Мира Стојчевска, Милева Ѓоргиева, Никица Корубин, Ристе Ташев, Снежана Калевска Ванчева, Татјана Лалчевска

Но не секој од овие редовни пратеници се и активни на седниците. Долг е списокот на оние кои што или воопшто не биле активни, односно немале дискусии на пленарна и на седници на комисии. Меѓу нив сеДалибор Богдановски, Крсто Јовановски, Љупчо Димовски, Никица Корубин, Никола Попоски, Реџеп Мемеди, Соња Мираковска, Чедомир Саздовски, Амди Бајрам, Африм Гаши, Владанка Авировиќ, Зоран Ѓорѓиевски, Иван Стоиљковиќ, Јохан Тарчуловски, Мирослав Јовановиќ, Агим Муртезанов, Емилија Александрова, Енес Ибрахим, Мира Стојчевска, Панче Иванов, Сашко Костов, Славица Шуманска Митева, Стојан Миланов, Милева Ѓоргиева, Нада Ципушева, Сашко Атанасов, Агим Шаќири, Алија Камберовски, Бети Рабаџиевска Наумовска, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Благојче Трпевски, Бранко Маноиловски, Весел Мемеди кој неодамна си даде оставка, Јусуф Хасани, Мерал Узеири Ферати, Неџбедин Каремани, Татијана Лалчевска, Теута Биљали и Шпреса Хадри. Сите овие пратеници изминативе месеци ги плаќаме од парите на Буџетот за да молчат.

МИНОВ, ЛАШКОСКА И МИЛОШОСКИ НАЈМНОГУ ПОСТАВИЛЕ ПРАШАЊА

Рекордер во поднесувања пратенички прашања е Панчо Минов со 20, потоа е Ане Лашкоска 9 и Антонио Милошоски со 8 поставени прашања до претставниците на извршната власт.

Во изминативе 6 месеци биле одржани 50 сесии на собраниски седници на кои се усвоени 125 закони, од кои 51 од економската област, 53 од политичкиот систем и 21 закон од јавните дејности.

Третото место му припаѓа на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Васил Пишев со само 12 присуства. Тој 36 пати ги оправдал своите отсуства а 2 му се неоправдани. Ниту Пишев не бил многу активен – ниту еднаш не поднел пратеничко прашање, воопшто не се јавил за збор на пленарна, ниту на седница на работните тела, а досега ниту еднаш не гласал ниту за закон ниту за амандан.