Денешна дата
18/08/2019

СТУДЕНТИТЕ „ЛЕТААТ“ НА ЗАПАД: НАЈПРИВЛЕЧНИ ГЕРМАНИЈА И САД

  • Само во една од агенциите, за работа во Германија летово аплицирале 850 студенти.
  • Сè поактуелни се летните студентски работни програми, кои им овозможуваат на студентите да запознаат други култури, стил на живот, да патуваат и како најпримамливо, се нудат (за нашиов стандард) високи саатници.
  • Од агенцијата Контекст во Скопје за Инбокс7 велат дека бројот на заинтересирани студенти за работа преку лето е во постојан пораст.

 

Пишува: Љубица Иванова

Митко T. од Скопје е среќен што им помага на родителите со тоа што успева да заработува за да покрие дел од неговите трошоци за школување. Тој веќе второ лето по ред работи во Америка како студент. Вели дека работата што ја има таму може да се најде и во С.Македонија, но работењето во странство е поатрактивно за него од неколку причини. „Работењето во Америка ми овозможи да посетам места кои можеби никогаш во животот не би ги ни посетил. Покрај тоа, заработувачката е далеку повисока од заработка при сезонска работа во Македонија, што ме мотивира уште повеќе да ја искористам оваа шанса како студент“.

Како најпозитивно во овие програми за студенти, Митко го истакнува животното искуство кое го стекнало живеејќи далеку од дома.

БЕГАЊЕ ИЛИ ПРИВРЕМЕНА РАБОТА?

Не само Митко, туку и над илјада студенти од Северна Македонија одлучуваат летниот одмор да го користат за да заработат сопствени пари за да ги покријат трошоците на студирањето. Само во една агенција летово аплицирале 850 студенти, сите со надеж дека ќе добијат привремена работа во Германија.

Сè поактуелни се летните студентски работни програми, кои им овозможуваат на студентите да запознаат други култури, стил на живот, да патуваат и како најпримамливо, се нудат (за нашиов стандард) високи саатници.

Студентите со кои контактираше Инбокс7 велат дека има и такви кои се запишуваат на факултет само да си го олеснат патот до Америка – земјата на соништата.

„Нашите истражувања покажаа дека главни причини поради кои младите заминуваат од земјава се: немање соодветна работа, поради средината во којашто живеат и поради менталитетот на луѓето околу нив“, вели Стефани Спировска од Младински Образовен Форум.

При користењето на летните програми, дел од студентите се враќаат навремено во родната земја, пред истекот на визата, додека некои од студентите нелегално, своглаво го продолжуваат престојот во САД.

Огромни се шансите никогаш повеќе да не си ја видите фамилијата и блиските ако се одлучите на ваков чекор, или да добиете црн печат и никогаш повеќе да не ја видите Америка. Но, постојат и случаи кога студентите успеале да добијат виза за подолг престој па и државјанство.

За легализирање на престојот, младите бараат спас во браковите со американски државјани, па претежно по неколку години успеваат да добијат државјанство.

Оние кои се одлучиле на таков чекор, анонимно по форумите раскажуваат дека одлуката не била лесна, некои од нив на тоа ги натерала мизеријата, условите во кои живеат, други останале да работат на црно во потрага по подобра иднина.

АГЕНЦИИТЕ ГО КРИЈАТ ВКУПНИОТ БРОЈ НА СТУДЕНТИТЕ

Од агенциите Интракс и Коузон не сакаа да дадат информации за вкупниот број на студенти кои ги користат „Work and Travel“ програмите.

Но, според пооддамнешно интервју за радио МОФ на Зоран Кочоски од туристичката агенција „Коузон“, деведесет отсто од оние на кои им истекла визата остануваат нелегално. Сепак, бројката на студенти кои ги користат програмите „Work and Travel“, по што остануваат во странство, не надминува од 7 до 12 отсто од вкупниот број на студенти што заминуваат.

Според законските регулативи на САД, лицата кои го продолжуваат престојот во земјата, по истекувањето на визата, добиваат три годишна забрана за влез во државата доколку задоцниле 180 дена по истек на виза, односно десет годишна забрана за влез во државата доколку го продолжиле престојот за година или повеќе од година дена.

САД И ГЕРМАНИЈА – НАЈАТРАКТИВНИ ЗА РАБОТА

Агенциите сè почесто вметнуваат работни понуди во нивните програми. Како најактуелни дестинации за студентска летна работа се САД и Германија. Секој кој е редовен студент има право да аплицира за студентска програма за работа преку лето или така наречени Work and Travel програми. Во програмите за работа во САД, учествуваат повеќе од 100.000 студенти од целиот свет, македонските студенти имаат право да земат учество и да престојуваат во Америка во период од 4-5 месеци за време на летниот студентски распуст. Во овие програми студентите гледаат шанса за прошетка плус заработувачка.

„Во Америка сме платени со минимални саатници, а сепак за нас тоа се многу пари. И не само што имаш доволно за шетање и пазарење за време на престојот таму, туку и ни останува добар дел да вратиме дома, сума на пари која во Македонија, со минимална плата би ја заработиле за 30 месеци, доколку не се потроши ни денар од истата“,вели Моника Ј. од Скопје.

За работа во Германија пак од студентите најчесто се бара солидно познавање на германскиот јазик. Но, бидејќи за да се отпатува во Германија нема потреба од виза, агенциите велат дека шансите за еден студент да добие работа во Германија за која аплицирал, се многу поголеми. Тие додаваат дека кратките и поевтините летови се олеснителна околност за студентите.

И во САД и во Германија, според студентите, најчести позиции за работа се во областа на гастрономијата, чистење и одржување на објекти (хотели, ресторани), работа во кујна, собари, келнери.

РАСТЕ ИНТЕРЕСОТ ЗА РАБОТА НАДВОР

Од агенцијата Контекст во Скопје за Инбокс7 велат дека бројот на заинтересирани студенти за работа преку лето е во постојан пораст. „Само за летово, 2019 година, се пријавија и добија работа во Германија 850 студенти, а бројката расте од година во година.“

Студентите не се задоволуваат со практиканска работа, потребни им се пари  како за летување, така и за наредната студиска година

Од друга страна пак работодавците во С.Македонија, покрај завршено високо образование бараат и две, до три годишно искуство од обласата за која нудат работни позиции. Волонтерството, како чекор кон стекнување на работно искуство, е на незавидно ниво. Летната практика која ја воведоа факултети е сведена на формалност, за што вината се наоѓа како во работодавците кои немаат расположение за давање пракса, така и во студентите кои не сакаат да одвојуват време од летото, за пракса.

Биљана Живковска, раководител на Одделение за односи со јавност, комуникација и меѓународна соработка во Агенција за вработување, за Инбокс7 вели дека летните работни програми за студенти не се од доменот на работата на Агенцијата. „Евиденциите што ги води АВРСМ се уредени согласно Законот за евиденциите во областа на трудот, а студентите не можат да бидат евидентирани како невработени лица, согласно Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, па во таа смисла не можат да ги користат услугите на Агенцијата.“

Покрај тоа, социјалните мрежи се прплавени со рекламни огласи за сезонска работа, не само за студенти туку за младите воопшто. Во овој поглед најпопуларни за македонската младина се Грција и Хрватска.

Во училиштата за странски јазици се поинтензивно се земаат курсеви за изучување на германски јазик. Заинтересираноста на студентите за германскиот јазик е показател за нивните аспирации за напуштање на државата.