Денешна дата
18/08/2019

Македонската и албанската хамлетовска дилема

пишува: Денко Малески

Некни, албанскиот претседател Илир Мета официјално побара од ОБСЕ да посредуваат во односите помеѓу партиите кои никако да се договорат каде е патот за излез од политичката криза. Тоа го направи иако е свесен дека секој повик надворешен фактор да се замеша во внатрешните работи на една држава е доказ дека домашната политика не е способна да произведе решение за проблемите кои самата ги создала. Ако, пак, државата очекува покана за отпочнување преговори за членство во ЕУ, повикот е рамен на признавање дека Албанија не е спремна за тој чин. Дека корените на нашите балкански политички зла се во главите на луѓето во кои нема демократска свест, се уверив при една посета на Тирана каде, на покана на тогашниот претседател на НАТО клубот и иден претседател на Албанија, Алфред Мојсиу, зборував на една нивна конференција. И тогаш, пред една деценија и повеќе, албанскиот политички систем беше во криза а улиците на Тирана беа преплавени од демонстранти кои протестираа против Сали Бериша кој, според тврдењето на тогашната опозициска партија која е сега на власт, ги фалсификувал изборите. Таа пролетна квечерина, следејќи ги од далеку брановите демонстранти кои се кршеа од кордоните полицајци околу државните институции, бев на прошетка со тогашниот претставник на ОБСЕ во Тирана, амбасадорот Герд Аренс. Го прашувам во што е недоразбирањето и тој вели дека не можат да ја утврдат вистината околу регуларноста на изборите. Забележувам дека мора да е предвидено со устав или со закон некакво тело кое чесно и непристрасно ќе пресече. Потврдува дека постои такво седумчлено тело но дека проблемот е во луѓето. Сосема сериозно заклучува дека нема седум независни и непристраснни личности во политиката на државата. Нема седум независни луѓе во политиката на една држава? Се насмеав, но набргу длабоко се замислив. Имено, се обидов на прстите од рацете да избројам седум политички независни личности во Македонија и се најдов во проблем.
Двата народи, и македонскиот и албанскиот се поделени народи. Нашите национализми не заслепуваат пред објективната историска вистина дека дел од вината е и во нас самите а не само во интерсите на големите сили.
Во случајот на Македонија, последната европска провинција на отоманска Турција, нашите народи никогаш не прозбореле со еден глас на конференциите на кои се цртала политичката карта на Европа. Македонците најчесто биле зафатени со меѓусебни убиства, предизвикани од духовите на поделби и на насилство на балканските национализми. За прв пат прозборевме со еден глас на Конференцијата за Југославија во 1991 кога, државата создадена од партизанската генерација во текот на антифашистичката војна на југословенските народи, требаше да се промовира во полноправен субјект на меѓународното општество на суверени држави. Тоа, пак, се случи со безрезервна поддршка на албанската партија во парламентот на нашата татковина. Обединети околу заедничката цел успеавме на мирен начин земјата да стане независна.
Во случајот на Албанија, во сеќавање ми е еден карактеристичен дијалог од Версајската конференција кога се цртале границите на државите опишан во книгата „Париз 1919“ на Маргарет Макмилан. На предлогот за припојување на територии населено со албанското население кон соседни држави, некој прашал а зошто не би се собрале сите Албанци во една држава. Запрепастувачкиот одговор тогаш бил дека политичарите на Албанија во тие први години на државност, знаеле само „да си ги сечат гркланите“ но не и демократски да ја управуваат земјата.
Тука е нашиот заеднички проблем. Како демократски да се управуваме со власт и опозиција посветени на принципите на парламентарната демократија и правната држава, е хамлетовската дилема на политичките системи на Албанија и на Северна Македонија денес кога и двете држави чукаат на вратата на Европската унија. Задоволете ги базичните демократски постулати (престанете да „си ги сечете гркланите“), вели Франција, за да отпочнете преговори. Ние, пак, со нашето поведение како да ја праќаме пораката: отворете ги преговорите со нас за да научиме како да ги почитуваме базичните демократски постулати. Кој е во право?

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.