Денешна дата
18/08/2019

ЛАЖНИ ВЕСТИ ЗА КРАДЕЊЕ ИСТОРИЈА

Пишува: Александар Кржаловски

Во недостаток на нови моменти во случајот Рекет, кој полека има тенденција да продолжи во стариот добар стил „секое чудо за три дена“ или што би рекле Србите „много буке ни око чега“, изминатава недела јавноста беше разбранувана од владината најава за борба против лажните вести и пред тоа релативно несреќната изјава на премиерот за една грчка телевизија – за наводното наше присвојување (крадење) на историја од соседите.
Тоа ќе биде темата и на оваа колумна, но не од аспект на вообичаените дневно-политички препукувања, туку во полабав контекст во духот на летниве одмори, со малку историја, нешто географија и археологија и чинам многу лажни вести.

Позната е фразата дека историјата ја пишуваат победниците. И повеќето работи што ги знаеме или се колку толку општо прифатени како такви се во најголем дел интерпретации на современиците на од победничката страна тие случувања. Јас отсекогаш сум бил љубител на историјата, од основно училиште, па до ден денес со често следење на ТВ каналот за историја “Viasat History Channel”, кој топло го препорачувам. Нивната главна актуелна реклама вели „има верзија на историјата за која сите знаеме… и друга верзија – што навистина се случило“. Моќна порака, дека и за можеби „најчистите“ историски случувања, има елементи кои не се до крај јасни, ниту доволно истражени или едноставно немало кој да ја каже „другата страна на приказната“ или доволно документи/докази за да се утврди што навистина се случило.
Една од практиките на телевизијата е да соочува спротивставени мислења за особено контроверзни теми или случувања и да се обиде да даде погледи од повеќе агли и разбирања, со доволно простор и аргументација на сите вклучени, за на крај да се обидат да извлечат заклучок што била вистината (а што биле лажни вести) – каде што може тоа да се поткрепи со цврсти и издржани докази или да се констатира дека нема доволно такви докази за да се тврди што точно се случило.
Деновиве актуелна таква тема беше „слетувањето на Месечината“ а по повод 50-годишнината од тој настан. И се разбира – скептицизмот на приврзаниците на теориите на заговор – дека тоа воопшто не се случило. Што би рекол еден мој познаник со свој Фејсбук статус: денес славиме што 400,000 лица вклучени во 6 лажни слетувања на Месечината, 50 години молчат за тоа! Во емисијата подробно се испитаа веројатно сите аргументи на „конспиративците“, како на пример: како тоа се вее американското знаме, кога нема ветер на Месечината; како лунарниот модул при слетувањето скоро воопшто не дигна прашина; зошто нема ѕвезди на сликите направени на Месечината; како не ги „спржила“ астронаутите (а и фото-апаратите и филмовите) радијацијата и соларните ветрови од кои нема заштита како на земјата; до прашањето – ако сме можеле да одиме таму пред 50 години, зошто никој не го повторил тоа до денес, со многу подобра технологија. За секој од овие (и други) наводи се даваа аргументи зошто е тоа така, а во прилог на тоа дека сепак се случило слетувањето на Месечината, се наведува дека во услови на Студената војна во тоа време меѓу САД и Советскиот сојуз, во „битката за вселената“ другата страна секако ќе нашла начин да го оспори постигнувањето (а како што САД не ги оспорува успесите на СССР со првиот сателит Спутник и првиот човек во вселената – Гагарин, така и Русите никогаш не го оспориле стапнувањето на Месечината). И како што се констатира на крајот на емисијата – на НАСА и било полесно навистина да направи вселенски број и прати луѓе на Месечината, отколку да осигура дека баш ниеден од скоро пола милион луѓе вклучени во тој проект нема да кажат ништо за тоа доколку навистина не се случило. Но, верувам дека и покрај сите аргументи и докази, ќе има и натаму луѓе што ќе мислат или веруваат дека сепак не стапнал човек на Месечината.

Друга тема која доста се истражува е Библијата и се поврзано со создавањето и развојот на христијанството, вклучително и ликот и делот на Исус Христос. На пример, зошто во најголем дел на неговите претставувања на фреските и иконите во црквите, тој се претставува како висок човек со светол тен, најчесто со плави очи и коса, кога логиката (според изгледот на типичните жители на тој регион во тоа време), а и форензичките реконструкции прикажани во некои од емисиите на ТВ каналот, укажуваат дека тој не би можел да биде повисок од 165 сантиметри, а најверојатно имал црна кадрава коса и црни очи, ем темен тен. Посебно внимание во последно време се посветува на Марија Магдалена и веројатно нејзината поголема и позначајна реална улога, отколку што тоа и се придава и признава во христијанските цркви. Имено таа само два пати се споменува во четирите евангелија кои го сочинуваат Новиот завет (вториот/последниот дел од Библијата) и се официјално признаени од црквите, но има доста повеќе за неа во други четири евангелија кои се многу подоцна пронајдени и никогаш не се признаени од етаблираните религиски институции. Ова потекнува од 4-тиот век и еден од тогашните Папи, во духот на времето и разбирањето дека „ова е машки свет“, кога „по грешка“ е поистоветена и со други две Марии од Библијата (од кои едната е проститутка, па од тогаш и стигмата по таа основа). Но, тоа е друга тема, овде само ја илустрирам тезата за победниците и интерпретацијата на историјата. А богами и за тоа колку ли „лажни вести“ или уште повеќе колку лажни интерпретации на исти ставови се содржани во можеби најзначајните историски книги, од кои се црпи идентитетот на целата денешна цивилизација.

Но, да се вратиме на „земни“ теми и поблиски до нас. Деновиве нели се откопа некој антички саркофаг и брзо брзо се затрупа – веројатно за да не не обвини некој пак за антиквизација. Тоа ме потсети малку на мојата посета на Рим и разочарувањето (после импресионирањето од Колосеумот) колку е всушност мал делот со археолошките остатоци од античкиот Рим (Фора Импера) – на површина отприлика колку плоштадот Македонија во Скопје. Тој дел завршува со ридот Капитолини (на кои сега се наоѓаат музеи дизајнирани од Микеланџело… во ренесансен стил, а не во антички или нео-класичен), а продолжува со импресивната нео-класичниот Олтар на татковината (Altera della Patria) која е градена од 1911-1935 година (што би се рекло „Рим 1914“) и споменикот на првиот цар на обединета Италија – Виторио Емануеле II. Мала дигресија – и американскиот Конгрес и Сенат се вика Капитол и има ист нео-класичен стил (како и нашиот нов Археолошки музеј) па никој не помислува да ги обвини за некаква антиквизација.
Зошто го споменувам ова? Откако се крена галама за „нашиот“ саркофаг, се обидов да се присетам на некој антички локалитет или споменик во Солун, во Грција нели, т.е. во античката Македонија. И имав тешкотии да се сетам на било што. Побарав и по интернет и најдов два позначајни локалитети (не сум ги посетил): антички театар/форум во близина на главниот Аристотелов плоштад; како и нешто што го нарекуваат Галерија. Двете се од – Римскиот период. Сум бил и во Пела (Археолошкиот музеј) на кој може да се прочита дека е комплетиран во 2009 година (патем со околу 14 милиони евра средства од ЕУ), а последователно на откривањето (од локален фармер со трактор) на најголемата античка гробница во цела Грција. Сакам да кажам… ајде што ние не правиме слично со откритијата на нашата територија, ама не ми е јасна потребата да се „посипуваме со пепел“ за се и сешто, па и тоа што се неспорни историски наоди и факти.
Втора работа, кога веќе го споменав првиот италијански цар. Ако за нешто досега не не обвиниле нашите соседи, тоа е дека им ги присвојуваме нивните цареви. Се надевам ќе остане така. Додуша, не гледам дека и тие нешто многу се фалат со своите цареви. Можеби затоа што и тие самите не се баш „нивни“. Првиот цар на Бугарија во модерната ера (формирање на бугарската национална држава во 1878 година, по излегувањето од Отоманската империја), е Александар I Батенберг (роден во Верона), а вториот – Фердинанд е од кралската куќа Саксо-Кобург-Гота (роден во Виена). Кај Грците пак, првиот крал (1832) е баварецот Ото (роден во Салцбург). Монархијата во Бугарија траела до 1946 година, а во Грција од 1973-та. Не знам зошто не сме се сетиле досега малку да им поткраднеме или присвоиме и од таа нивна историја?

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.