Денешна дата
18/08/2019

Иднината на Балканот

Пишува: Трифун Костовски

 

Колку и да ни се чини дека сите теми кои го засегаат нашето општество се исцрпени, сепак, колку повеќе темите се продлабочуваат толку повеќе се гледа дека се таложи потребата од говорење за политичкото и општественото секојдневие кај нас. Сепак, денес би сакал да анализирам некои аспекти од нашето општество како дел од Балканскиот полуостров, кој му припаѓа на Европскиот континент. Важно е да ја согледаме нашата позиција во поширокиот контекст и да ги разгледаме развојната перспектива. Само така некои нешта можат да добијат приоритет.

Ако ја погледнеме мапата на Европа ќе видиме дека доминираат 3 полуострови и тоа Пиринејскиот, каде што постојат две држави Шпанија и Португалија, Апенинскиот каде што постои една држава, тоа е Италија, и Балканскиот полуостров каде што има вкупно 10 држави.

Имајќи ја на ум ваквата констелација  може да се запрашаме дали оваа слика за Балканот дава гаранција за просперитет на регионот? Покрај десетте држави на Балканот длабоко се етаблирани трите основни религии, кои денес доминираат на европскиот континент, па и во светот, а тоа се православната, католичката и муслиманската конфесија. Да не говорам дека постојат и многу разгранувања на овие доминантни религиски кластери, меѓу кои е и протестантизмот.

Почитувани мои читатели, замислете сите овие држави да се спојат во една Балканска унија, што тоа би значело?

Тоа би значело перспектива за целиот регион, за целата популација која живее на овој полуостров. Сите жители на овој полуостров, историски и вековно гледано, имаат повеќе заеднички нешта кои нѐ спојуваат отколку што разединуваат. Делиме приближно иста клима, се идентификуваме со сличен начин на живот и исхрана, имаме речиси идентични точки во културните идентитети и културната историја.

Рушењето на границите, рушењето на веќе создадени системи, полициски и царински служби, владини кабинети и советници, премиери, ќе го растоварат од давачки обичниот граѓанин и ќе му овозможат побрз проток на движење на луѓе и стока.

Само како мал негативен пример од оваа фрагментираност на Балканот, ќе го наведам следниот – ние граѓаните на Македонија на која било дестинација да одиме на море, во двата правци на граничните премини ќе изгубиме повеќе од половина ден. А кои би биле бенефитите од една таква федерација? Заедничка економија, развој со изградба на модерна и функционална инфраструктура, патишта, железници, аеродроми, пристаништа, мобилност и економска и културна и професионална и туристичка. Финансирањето на заеднички проекти за целиот регион во областа на енергетиката, заживувањето на земјоделието и сточарството и преработката на добрата во финални производи, зајакнување на меѓусебната соработка на членките на таа федерација по принципот на Европската Унија.

Сигурно ќе помислите дека со ова предлагам копирање на Европската унија на Балканот, но не почитувани мои читатели, јас само би сакал да се преслика и прилагоди она што е убаво, корисно и што покажува резултати, односно функционалност во Европската унија.

Далеку од тоа дека  ЕУ е идеално поставен политички систем, меѓутоа, за разлика од нас е многу понапреден.

Ако малку подалеку погледнеме во однесувањето на Европската унија кон Балканот, нема да ни биде далечен принципот на римската изрека РАЗДЕЛИ ПА ВЛАДЕЈ, што денес се случува со Балканот. Сите земји на Балканот, кои не се членки на Европската Унија гледаат во неа спас и перспектива, а при тоа не согледувајќи го егоизмот што е длабоко вкоренет во Европската унија.

Денес земјите на Балканот кои не се членки на Европската Унија на тацна ги извезуваат своите високо образувани човечки ресурси во развиените европски земји, во најбараните експертски области – лекари, информатички инженери и програмери, градежни инженери, архитекти и слично. Ние сме само расадник на човечки ресурси за потребите на богатата Европска унија, и не само ние, туку и останатите земји на Балканот.

Ова е злосторство за земјите во развој од Балканот, но ако треба некого да обвинам тогаш ќе ги критикувам големите лидери на Балканот кои не умеат да ја согледаат големата слика што значи важноста на идејата за идна Балканска федерација. Дури тогаш ќе бидеме вистински партнери за преговори со сите земји во светот, вклучително Европската Унија, Соединетите Американски Држави и Руската Федерација. Вака, раздвоени, мали со ситни економии и голем национализам меѓу ситните луѓе, не можеме да пркнеме и сфатиме дека час поскоро треба да го фатиме патот за создавање на Балканот како безбедно и достоинствено место за живеење.

Многумина од вас ќе помислат дека ова е утопија. Да, почитувани мои, беше утопија и кога Жил Верн го напиша романот 20 000 милји под морето, а по 200 години стана и реалност. Јас лично не би сакал да чекам 200 години, а се надевам ни вие.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.