Денешна дата
13/12/2019

III. ИЗБОРНИТЕ МОДЕЛИ И МАКЕДОНСКИТЕ ПАРЛАМЕНТАРНИ – КАКО НАТАМУ

Од осамостојувањето до сега Македонија ги испроба речиси сите познати изборни модели

Пишува: Зоран Иванов

Во ова трето последно петочно продолжение од мини серијалот посветен на изборните правила со акцент на изборните модели, посебно за парламентарните избори, збор два повеќе за некои насоки за тоа каде, судејќи и според барањата на стручната и на демократската политичка јавност, би требало да се насочува политичката волја со цел Република Северна Македонија да дојде до потраен, подемократски, поправичен, поиздржан и долгорочно одржлив изборен модел.

Парламентарните избори се демократски механизам за избор на пратениците во еднодомното Собрание на Република Северна Македонија. Граѓаните преку гласање го доверуваат својот суверенитет врз избраните пратеници. Принципите на парламентарните избори се регулирани со уставот на државата, а начинот, условите и постапката за избор на пратеници со изборниот законик. Собранието, како што е уставно дефинирано, го сочинуваат од 120 до 140 пратеници, а точниот број е оставено да го регулира изборниот законик. Тој сега предвидува вкупно 123 пратеници од кои 120 се избираат во шест изборни единици во земјава, а за тројца гласаат македонски државјани во странство.
Пратениците се избираат за време од четири години на општи и непосредни избори со тајно гласање. Редовните парламентарните избори се одржуваат секоја четврта година во термин на последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав. Ги распишува претседателот на собранието. Парламентарни избори се одржуваат и при самораспуштање на собранието доколку за тоа се изјаснат мнозинството од вкупниот број пратеници. Во тој случај, изборите се одржуваат во рок од 60 дена од денот на распуштањето на собранието.
Од осамостојувањето до сега Македонија ги испроба речиси сите познати изборни модели, а по воведувањето на политичкиот плурализам, во земјава се одржани пет редовни и четири предвремени парламентарни избори и тоа во 1990, 1994, 1998, 2002, 2006, 2008, 2011, 2014 и 2016.

Сега сите анализи упатуваат на тоа дека земјава конечно треба да се реши како натаму со стабилен изборен модел кој ќе биде најадекватен за македонскиот плурален демократски амбиент.

Во таа насока многу елаборации на оваа тема упатуваат на повеќе нужни реални решенија врз кои треба да се темели идниот скорешен изборен модел за состав на македонскиот парламент. Една група теоретичари сметаат дека за земјава би бил најадекватен комбинираниот изборен модел, мнозински и пропорционален затоа што тој обезбедува стабилни коалиции кои за наши македонски околности се неизбежни. Притоа е важно да се напуштат сегашните статички кандидатски листи и тие да се заменат со отворени со цел за непосредно учество на избирачите за личностите кои сакаат да ги застапуваат во собранието. Тоа, сметаат и во некои аналитички кругови, ќе е добро и за кадровско отворање со непартиски кандидати и за демократскиот дизајн на сегашната монополска поставеност на големите партии. Инаку, комбиниран изборен систем се применуваше на изборите во 1998 година. Тогаш, врз основа на мнозинскиот изборен модел при дефиниран изборен праг од 5%, беа избрани 80 пратеници додека со примена на пропорционалниот изборен модел другите 40 пратеници беа избрани на ниво на целата држава како од една изборна единица.

И сега, посебно од помалите политички партии, но и од актуелната владејачка СДСМ која од позиција на опозиција ветуваше една наместо сегашните шест изборни единици, се покренува прашањето за територијалното редефинирање на територијалната изборна платформа. Се смета дека ваквото решение повторни ќе ги фаворизира поголемите партии, но во вакви услови но помалите партиски субјекти не ќе бидат принудени на предизборни коалиции, ќе можат самостојно да настапуваат и за разлика од сега многу појасно да ги афирмираат и своите изворни програмски заложби и сопствените кадровски потенцијали.

При едно вакво решение, а за да не се губат гласовите на избирачите во неповрат, неизбежно ќе се наметне дилемата и за висината на изборниот праг, но засега тоа е споредно прашање. Позначајно е што веќе е сосема јасно дека моделирањето на изборната регулатива која би овозможила отворени динамични листи кај големите партии и поголем мотив за самостојност кај помалите, може да ангажира повеќе авторитетни непартиски личности активно и најнепосредно да се вклучат во политичкиот живот. Оттука, модел со една изборна единица со отворени изборни листи, секако претставува предизвик во насока на демократизирање на изборниот процес и можност за понагласена автентичност на волјата на гласачите.

Меѓутоа, тргнувајќи од досегашните македонски плурални искуства и посебно од карактерот на големите политички партии чии манири се да приграбат се доколку им се укаже и најмал шанса за тоа, тогаш би било најдобро, колку е тоа се разбира можно, партиите да се подалеку од директното учество во креирањето на новиот изборен модел или модели кога станува збор за сите избори за парламентарни, локални и претседателски. За ова важно е новите насоки да ги креираат експерти проследени со широка јавна дебата каде што партиите би се вклучиле само како учесници во јавната расправа. И секако како поддржувачи на доминантните решенија. Притоа, нашите досегашни искуства, негативните последици од досегашните модели и особено меѓународните стандарди и компаративните искуства за изборите треба да се приоритетите во отпочнувањето на креирањето на новите законски решенија за македонските изборни процеси.

Засега, во настојувањата за промена на изборниот модел за избор на пратеници во македонското собрание доминантни се неколку барања: пропорционален модел или комбинација со мнозинскиот, отворени листи, ревидирање или елиминирање на сегашниот систем за гласање во странство, во изборните комисија да нема евидентни партиски кадри, перманентно континуирано да се ажурира избирачкиот список, да се намали временскиот дијапазон за предизборните кампањи, да се редефинираат начините за изборните финансирања на партиите и се друго што е поврзано со докажани европски изборни практики.

Згора, тргнувајќи од фактот што во некои држави изборниот модел е уставно дефиниран што дава гаранција за негова долгорочност и што не дозволува владејачка партија самостојно да го адаптира според некои свои лукративни партиски потреби, можно е ваквата гаранција да се примени и на нашата македонски изборни регулатива. Но за вакво уставно етаблирање секако е прво потребно малку подолгорочно практикување на изборен систем кој како консензуален и успешен ќе се потврди во неколку последователни изборни циклуси.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.