Денешна дата
13/12/2019

Чест и почит за нашите воени ветерани

пишува: Денко Малески

 

Деведесет и осумгодишниот Јордан Цеков Дане, командантот на третата македонска ударна бригада го прими во својот дом претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски. Овој симболичен гест на претседателот покажа каков треба да биде нашиот однос кон нашите воени ветерани. Со говорот кој го одржа по повод Илинден, тој им ја врати честа и почитта на луѓето кои ризикувајќи го својот живот се избориле за државата во која живееме денес и отворено им се спротивстави  на нашата пословична неблагодарност и кусо паметење. Велам им ја врати честа и почитта, затоа што, години на ред, таа им беше одземена од оние кои од антифашистичката борба сакаа да направат комунистички заговор. На почетокот, само за да добијат гласови на избори, тие ја продлабочија поделбата помеѓу оние кои се залагале за целокупна Македонија наспроти оние кои со пушка во рака ја создадоа Република Северна Македонија. Потоа, само за да добијат гласови одбија да ги разберат комплексните меѓународни и домашни околности кои беа против идејата за Голема Македонија. Всушност, ништо оригинално не направија нашите националисти. Уште со падот на Берлинскиот ѕид во 1989,политичари ширум Источна Европа ја почнаа играта наречена „антикомунизам“. Парадоксално, тоа, всушност, беше старата игра на догматските комунисти само облечена во националистичко руво. Истата жестокост, истата бескомпромисност, истата исклучивост, само сега за нацијата наместо за комунистичката идеологија некогаш. Покрај домашните гласови, националистите мислеа дека така ќе ја стекнат наклоноста на моќните Западни сили но, не секогаш успеваа во тоа.

Седнати околу конференциската маса во Хаг на состанок со претседателот на Конференцијата за Југославија, Лорд Карингтон, ние министрите за надворешни работи на поранешните југословенски републики со поглед го проследуваме задоцнетото влегување на министерот за надворешни работи на федерацијата, Будимир Лончар. Гласно за сите да можат да чујат министрите на Хрватска, Шепаровиќ и на Словенија Рупел, божем на шега, си дофрлуваат „Што бара овој комунист тука?“. Сјајниот Лорд Карингтон, со типична британска смисла за хумор, извикува: „Комунист, некој рече комунист, па вадете пиштоли и пукајте!“. Тоа беше на почетокот на деведесеттите.

Македонија немаше таква политика. Нашата политика беше дека треба да се сочува државата која ја наследивме од партизаните. Конечно, имавме и партизан за претседател. Но, додека, по стекнувањето на независноста, другите републики бргу се созедоа од првиот антикомунистички бран и на пристоен и човечки начин си го средија односот кон минатото, ние во Македонија, тргнавме во обратна насока. Нашите националисти го направија токму она на што предупредуваше Вацлав Хавел  претседателот на Чехословачка, дека не треба да се прави. „Полоши од комунистите се антикомунистите“, ќе рече тој во една прилика. А што беше лошото кај комунистите? Нивната жестокост, исклучивост, бескомпромисност сублимирана во зборовите на една песна: „Ко друкчије каже, клевеќе и лаже и нашу осетиќе бес…“ Тоа е она што ги импресионираше нашите националисти кои, свесно или не, го превземаа најлошото од претходната идеологија. Затоа доцниме со расчистување и помирување со минатото. Оти, тоа помирување е во нас самите, во тоа со какви очи гледаме на историјата – со очи на одмазда и бес или со очи на разбирање и простување. И наместо како во Словенија и Хрватска да се осудат злосторствата на осилената еднопартиска власт од минатото и да се слави антифашистичката борба и создавањето на младата држава и нација, но и демократската и европска иднина на земјата, власта на македонските националисти со валканата вода упорно го исфрлаше и бебето од коритото. Поразот на комунизмот во светски рамки од страна на либералната демократија, некои скромни умови кај нас го интерпретираа толку буквално што низ нозе ги земаа воените ветерани од НОБ и нивната организација која е дел од меѓународниот отпор против фашизмот.

Комунизмот како движење од средината на деветнаесеттиот век е реакција на екстремната беда на работниците, од Лондон и Париз, до Сент Петерсбург и Скопје. Да, тешките услови на работниците и безмилосната експлоатација на детскиот и женскиот труд, го предизвикаа создавањето на Комунистичката интернационала и првите работнички синдикати. Монструозниот систем кој подоцна го создадоа Ленин и Сталин е друга приказна од која исто така има што да се научи. Имено, дека власт во рацете на една партија завршува во власт на централниот комитет, па на политбирото, па на еден семоќен водач, ќе напише Роза Луксембург. Тогаш, тој семоќен политички господар може, со помош на полицијата, да организира логори и масовни убиства на политичките противници. И самите дел од еднопартиските системи на Источна Европа, искусивме по нешто од тој систем на владеење, особено во првите повоени години. Тој систем дефинитивно го отфрливме во 1991 и, барем на зборови, се определивме за демократија, човекови права и правна држава. Почна нашето мачно прилагодување кон политички непознатото кое афирмира плурализам на идеи и идеологии кои коегзистираат во мир, рамноправност и толеранција. Во таквиот слободен и отворен систем на политички натпревар  факторот на нашето обединување се вредностите на парламентарната демократија, а не националната или идеолошката исклучивост. Стариот партизан запрашан некни како натаму, порача: Единство. Тоа денес е можно само околу принципите на демократската и правна држава. И пристојноста. Го забележа ли некој гестот на пристојност на претседателот на републиката кој го крепеше претседателот на сојузот на борците Никола Стојановски до говорницата на одбележувањето на Илинден во вилата Водно. Зошто тоа не е вест во македонската политика, а вест е кога ќе свлечкаме некого на земја и нема да му дадеме да застане простум?

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.