Денешна дата
13/12/2019

ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ?

Пишува: Александар Кржаловски

 

Да, насловот е позајмен дел од познатата изјава на Винстон Черчил, а се однесува на актуелниот случај Рекет, вчерашното обраќање на премиерот Заев во врска со тоа, како и денешниот текст на новинарот Героски, кој го покрена целиот овој случај со своите приказни со фиктивни ликови. И да, прашањето е дали оваа држава има сила (и начини) да стави крај на високата корупција! Или барем да почне да ја третира соодветно па да остане некоја надеж дека во догледно време ќе може да се види крајот на таа борба.

А насловот може да се разбере и пошироко – дали се гледа крајот на тридецениската македонска транзиција и почеток на преговорите за членство во Европската унија? Или барем да се одреди фамозниот датум за тие преговори, па макар и да не биде датумот во оваа година.

 

А прашањето од насловот е провоцирано од повеќе фактори и чудното затишје до ова обраќање на премиерот, а по драмата што се направи од денот на приведувањето и притворањето на засега единствените двајца осомничени, кој да потсетиме беше пред повеќе од 20 дена, точно на 15 јули. Од тогаш практично ништо ново, освен сослушување на одреден број сведоци… немаше обелоденување на нови сознанија од обвинителството, нови осомничени, ниту приведувања. Со тоа во јавноста веќе се доби впечаток за разводнување на работата, а сите спомнати лица (а и некои неспомнати, или оние кои на некој начин се препознаа во фиктивните ликови од приказните на Героски, или беа посочени/препознаени од други) почнаа да смислуваат изговори, па дури и самите да повикуваат на расчистување на случајот до крај, а дел се задржаа на изјавите во Јавното обвинителство и се криеа зад фразата „да не се наруши истрагата“. Или како што новинарката Билјана Секуловска во својата колумна за Нова ТВ напиша – сите испаднаа жртви во овој случај, биле злоупотребени или не знаеле што се сѐ прави со наводно нивно покритие; вклучително и самите осомничени.

Но, дека „ѓаволот ја однесе шегата“ деновиве не потсетија и евро-американските емисари – Хан, Рикер, а на крај и Метју Палмер. И во сите нивни изјави (покрај и досега примарното решавање на судбината на СЈО) приоритет стана борбата со високата корупција и соодветна реформа на правосудството. Пред тоа и францускиот амбасадор Тимоние укажа на истото, дополнувајќи ја со „насилноста на регионот“ како пречка за поддршка од Франција за процесот на проширување.

И така, покрај „само техничките прашања“ во јуни како објаснување за недобивање датум за преговори, потоа судбината на СЈО како клучен показател за потребните реформи (кои нели не беа услов?!), сега одеднаш случајов Рекет станува главен услов за евентуален датум во октомври.

И затоа прашањето од насловот. И затоа веројатно и обраќањето на премиерот – да се демонстрира политичка волја и посветеноста на оваа Влада, да се соочи со предизвикот и „испорача“ се што треба, за да се постигне целта за ЕУ преговори. Но, не ќе да е доволна премиерската изјава. Ниту декларацијата на водечката партија. А и обвинителството ќе треба и да делува побрзо и да биде потранспарентно и во честа (ако не и секојдневно) комуникација со јавноста, особено за овој случај, но и не само за тој. Но, во меѓувреме, сите отидоа на одмор!?!

 

Затоа и не сум многу оптимист дека и од овој случај ќе произлезе нешто поголемо, дека ќе се прошири и истрагата и обвиненијата на повеќе од вклучените лица, а ниту дека ќе се стигне во догледно време (секако не до октомври) до осудителни пресуди… можеби ни за сега осомничените.

Како што ни во досегашните постапки на СЈО (па и на ОЈО) речиси и да нема пресуда за висока корупција, особено за стекнување противправна имотна корист (освен можеби во случајот Труст, во кој е осуден Сеад Кочан). Ни во случајот Тенк, во кој беа осудени поранешниот премиер Груевски и министерката Јанкулоска, не се работи за „украдени пари“ туку влијание на набавката на Владиниот блиндиран мерцедес (кој патем се уште се користи за намената за која е набавен – безбеден транспорт низ Македонија, т.е. главно од аеродром до и низ Скопје, на странски државници, како канцеларката Меркел на пример). Патем, целиот износ на набавката во тој случај (600,000 евра) е помал од само првата позната уплата во случајов Рекет (750,000 евра од фирмата на Силјан Мицевски). Многу други случаи се уште немаат разрешница, а како тргнало со преговорите меѓу партиите, може и никогаш нема да се завршат. За жал и повеќето од нив не беа за „нашите пари“ што ги снемало од државниот буџет, а се шпекулира со износи од 500 милиони до 5 милијарди евра за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, а чие враќање требаше го означува бројчаник на триумфалната капија со секоја нова пресуда или наплата).

И затоа веројатно премиерот почувствува потреба за директно обраќање до јавноста за бескомпромисност во случајов Рекет, независно до каде ќе стигне истрагата. И затоа веројатно Героски во денешниот напис посочи на отприлика половина Влада да ја обзнанат својата улога во случајов и да се обидат да излезат чисти од сето тоа. Тој внимателно, како и до сега, не обвини никого конкретно (иако за прв пат користеше вистински имиња, наместо прекари), туку ги повика конкретните лица да се произнесат јавно за случајот и ги оправдаат своите постапки. До сега немаше резултати од јавните директни или индиректни прозивки. Да видиме од сега!

 

Како што реков, насловот е од Черчил. Дел е од изјава која тој ја дал во ноември 1942 година (некаде на половината на Втората светска војна) по првата голема победа на Британците над нацистичките Германци кај Ел Аламејн (битката за Египет), а таа во целост гласи: „Ова не е крај. Ова не е ни почеток на крајот. Но се надевам дека е ова крај на почетокот“!  И јас се надевам дека и ние сме барем на крајот на почетокот, но и за тоа не сум оптимист – ни оваа битка се уште ја немаме добиено!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.