Денешна дата
18/08/2019

СЛОБОДА ИЛИ СМРТ ЗА ИЛИНДЕН

На Илинден, му треба ново востание. Илинденските чествувања конечно да се ослободат од бруталноста на политичката окупација и да им се вратат на граѓаните.

Пишува: Зоран Иванов

Не отсега и од овој август туку во целиов овој македонски плурален амбиент на политичките елити како да им одговара подгревање длабока поделеност. Премногу демагошки прoзвучуваат пораките за единство, за обединување и за триста други нереалности. Никој од авторите на таквите апели уште прецизно не појасни, не посочи каде лежат корените на поделеностите, кои и какви се причините и што тие одговорни субјекти прават таквите состојби да се надминат.

Прво, треба да е начисто дека поделбите ги форсираат токму партиските политички водства. Македонската јавност не памети пример за договор за било што меѓу клучните политички играчи СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ без тие претходно да не биле во конфликт за темата. Ова дури и за работи кои немаат врска со политиката и со нивните партиски и изборни програми. Меѓу нив и за прославите на државните празници и посебно на крушевскиот Илинден.

Од осамостојувањето до денес контри, инаети, раздори дури и за клучните историски моменти значајни за егзистирањето на македонската држава. Како со нашиот прием во светската организација со фиром или без фиром, преку рамковниот, локалната организација, пописот, употребата на јазиците, па се до последниот пример со референдумот, со договорите со соседите и со новото уставно име. Постојано антагонизми, табори, делби. Овие две судбински политички партии, наместо како државо градители како што се прокламираат, цели три децении се натегаат за се и за сешто како да се на натпревар во влечење јаже.

Второ, старата докажано нефункционална шема за одбележување на празникот во Крушево, Пелинце и Скопје, наместо обединување и натаму произведува раздори. Од година во година идентични состојби. Во сенката на празничното илинденско чествување упорно егзистираат партиските подземја. Резултатот на изветвените сценарија за производство делби е што на народните собири има сѐ повеќе полиција и сѐ помалку народ. И сѐ повеќе партиски војници и сѐ помалку граѓани.

Од прокламациите за сеопшти, сенародни, помирувачки и обединувачки граѓански прослави и натаму ништо. Од година во година, од август на август, наместо државата, општонародните државни свечености ги креираат партиските штабови. Илинденскиот фестивал на поделби се закостува во грда традиција и тоа му се случува на еден од најсветлите денови за македонската историја и за македонскиот народ. Жално е но практиката упатува дека еден пиво фест или еден летен дојрански фестивал или еден струмички или еден вевчански карневал, за граѓаните се по обединувачки настани отколку што тоа треба и што тоа мора да биде мисијата што треба да ја рефлектира Илинден.

Со своите штапски креации партиите ги избркаа граѓаните од сенародните свечености. Ги демотивираа да се качат на Мечкин Камен, да појдат на Пелинце или масовно и релаксирано големиот празник да го слават во главниот град на државата. Па, ако вака со години не оди, ако од Гумење постојано се повикува на обединување и ако ехото на тие повиците во истиот миг заскитува во темнините на крушевските кории, тогаш е неминовно политичките субјекти кои креираат делби дури и на Илинден, конечно некако да се договорат како натаму со Илинден.

Несомнено, на најсветлиот македонски историски ден Илинден, му треба ново востание. Илинденските чествувања конечно да се ослободат од бруталноста на политичката окупација и да им се вратат на граѓаните. Во овие скоро три децении самостојност на власт се изредија и едните и другите. Се покажа дека нивните партиски менталитети се уште не се адаптирани да исчекорат и да го напуштат граѓанскиот терен. И дека уште, по било кој повод, не умеат да се поштедат од меѓусебни конфликти за темите од сеопшта важност. И дека и натаму не покажуваат подготвеност да се откажат од можноста во секоја пригода да ги промовираат своите спротивставени партиски погледи. Го прават тоа бербатејќи ги дури и најсвечените свечености по повод најсветлите историски настани каков што е Илинден.

Традиционалното одбележување на најголемиот македонски празник од поодамна се задушува во сопствената стерилност. Ако се продолжи со сценаријата како досега, тоа неминовно ќе доживее клиничка смрт. И така традиционалните говори веќе никој не ги слуша, а како тргнало, ќе нема и кој да ги гледа. Апелите за обединување веќе станаа изветвени фрази. Тие со години на ред не покажаа никаков ефект. Напротив, вулгарните меѓупартиски глодарења од година во година се пресликуваат и на Илинден. По инерција на Преспанскиот, меѓупартиската линија на раздорот годинава премиерно се движеше меѓу северна и никогаш северна. Антагонизмите поради политички убедувања се сѐ подлабоки, а историските локации се промовираат во традиционални арени за идеолошки пресметки. Тие беа грда слика и на годинешниот Илинден па главните играчи СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе треба конечно да си ги соберат парталите и од Крушево и од Пелинце и од илинденско Скопје.

Па ако е за аир, доста е. На Македонија и треба радикално нова форма на одбележување на значајните датуми. Илинденски чествувања без шаблонски говори, без доминантни партиски симболи, без политички злоупотреби. Туку празнични случувања со нови димензии втемелени врз модерна национална, мултинационална и космополитска културна матрица.

Затоа, за да си ја поврати својата изворна виталност, ослободувањето на Илинден од политиката е нужно да се случи бргу, веќе за наредното чествување догодина. Второавгустовскиот и сите други државни празници ќе треба целосно да се департизираат. Да станат привлечни за сите. Со програми што ќе анимираат, што обединуваат независно од партиските, верските и етничките колорити. Со културни и естетски содржини кои луѓето домаќини, семејствата, старите, возрасните и младите повторно ќе ги врати на историските врвици. Кои ќе ги насочи и ќе ги мотивира на единство и сплотување токму таму каде што виреел копнежот за слобода, каде што предците крвареле за неа и каде што претходните генерации ја верификувале идејата за држава.

Сето токму во духот на единството и родољубието. Да се организираат и да се случуваат цивилизирани илинденски настан без партиски говори, без партиски симболи, без партиски изјави, без партиски пресови, без партиски патриоти и без партиски предавници. Туку со културни настани. Ако нешто воопшто може да обединува, тоа може да биде само културата. Таквата привилегија, таквата моќ, ја има само таа.

Впрочем, културата е и матрицата која како космополитска супстанца во својата идеологија визионерски ја промовираше и великиот Делчев.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.