Денешна дата
23/10/2019

ВО БИТКАТА ПРОТИВ ЛАЖНИ ВЕСТИ ДА НЕ СЕ ПОРАЗИ СЛОБОДАТА

И Владата и ЗНМ против лажните вести, едните со Акциски план, другите преку формирање листа на кредибилни медиуми. Новинарската фела смета дека за да се поверува во чесните намери, во сите потези на Владата треба да се вклучени и новинарите и медиумите

Светлана Унковска

 

 

Самата најава на премиерот Зоран Заев за борба против лажните вести ја вознемири медиумската фела и отвори сомнеж – дали е ова повторно најава и на оваа Влада за справување со критичарите и  неистомислениците со власта? Дел од медиумските организации и здруженија оценија дека ова претставува отворена најава за цензура и за ограничување на слободата на изразувањето. Заев најави дека со акциски план ќе се бори против ширењето дезинформации и против нападите на демократијата преку безбедносни и проактивни мерки.

„Владата планира да воспостави јасни критериуми за медиумите кои се акредитирани за следење на нејзината работа, модел на поддршка за продукција на медиумски содржини и едукативни програми, како и соработка со организациите кои се занимаваат со проверка на фактите и регистар на изворите кои шират дезинформации“, рече премиерот Заев.

На ова реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде истакнаа дека Заев се обидува да воведе цензура на медиумите кои не размислуваат како него.

„Јасно е дека планот на Зоран Заев предвидува преку обвинувања за лажни вести да се покријат сите скандали, афери и криминали кои секој ден излегуваат“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Да не се премине преку линиите за слободата на говор

Директорот на Здружението на новинари на Македонија, Драган Секуловски во интервју за „Инбокс 7“ вели дека будно го следат процесот и како што вели, генерално, добро е што Владата има интерес и идеја да ги превенира дезинформациите и малициозните информации кои, секојдневно се јавуваат во нашето општество. Но сепак, додава тој,  акциската група која ќе биде задолжена за борба против лажните вести не смее да навлегува со оценки дали е некој етичен и професионален.

Ако оваа акциска група има проактивна улога во насока на тоа да има повремени активности со што ќе се обиде да се наметне со свои ставови дали е нешто етичко или не во самите медиуми, е тогаш имаме проблем. Бидејќи дали некој медиум си ја врши својата работа на професионален начин или не, дали некој новинар постапува во рамки на кодексот на етичко известување или не, тоа е работа на само и исклучиво на новинарската фела. Тука на еден начин не можеме да кажеме дека владина институција или какво било тело составено од претставници на повеќе владини институции  би можело да биде објективно и дека има потенцијал и капацитет да на еден начин се бави со вистинитоста на фактите или вистинитоста на информациите креирани од професионалните медиуми и новинари во нашата земја“, нагласува Секуловски.

Долгогодишниот новинар Зоран Иванов смета дека е многу важно Владата да ја дообјасни својата улога во спроведувањето на овој нејзин проект и особено да ги презентира алатките, инструментите за негова имплементација за да не постојат дилеми во јавноста.

Ќе беше најдобро пред да ја напише и да ја објави предлог стратегијата, Владата да иницираше расправа за намерата и особено за содржините на стратегијата. Во таа иницијална фаза да ги вклучеше новинарските здруженија, редакциите, новинарите, новинарските факултети, невладините чии теми на активност се медиумите и медиумските продукти и јавноста. Претпоставка е дека на тој начин во старт, главно од професионалната новинарска фела, која и самата катадневно се бори против лажните вести ќе собереше поддржувачи и помагачи за успешност во перманентната реализација на проектот и фронтот против медиуимските лаги и воопшто против лажните вести и нивните извори ќе го направеше најширок“, оценува Иванов и додава дека иако според него не станува збор за обид за замолчување на медиумите, најавата за формирање владино тело вели – звучи малку грдо. Ова особено откако слободарската медиумска јавност беше изгорена од претходното режимско минато, па сега, „дува и на кисело млеко“.

Контролата врз вистината не е работа на Владата. Грижата за вистината е обврска на јавноста. Владата треба само да ги создава условите, да ги буџетира активностите и да ги тргне рацете од медиумите дури тие и да се произведувачи на лажни вести. Со некакво владино, а не со невладино тело, односно субјект кој ќе биде произведен од Владата, финансиран од Владата, кадровски екипиран од Владата и диригиран од неа, колку и да е професионално и објективно, јавноста ќе го доживува како цензорско. Со тоа самата Влада, сакала или не, во старт го стеснува просторот за успешност на проектот“, оценува Иванов.

 

Секуловски: Листата на релевантни медиуми е еден вид саморегулација на он-лајн медиумите

 

И на сета оваа вознемиреност, реакции и критики дојде и најава за создавање на некаква листа на релевантни медиуми. И веднаш се постави прашањето, дали се подготвува „црна листа на медиуми“, со каква цел, кој ќе ги селектира и по кои критериуми ќе се оценува нивната релевантност? Директорот на ЗНМ Секуловски вели дека таквата иницијатива потекнува од здружението во насока на придонес кон борбата против лажните вести и се однесува исклучиво на он-лајн медиумите.

Ние како Здружение во соработка со Советот на етика на медиумите во Македонија како и во соработка со Стопанската комора започнуваме еден, би рекол, смел проект, преку кој ќе се обидеме, да речеме до крајот на годината или во наредните месеци или наредниот период да формираме регистер на професионални он-лајн медиуми во рамки на Советот за етика. Со точно утврдени критериуми што претставува медиум. Ефектот што сакаме да го постигнеме е следниот: оние он-лајн медиуми што се уште ги немаат оние елементи на професионални медиуми, се уште има медиуми кои немаат ниту контакт и не знаете кој стои зад нив, значи ако тие сакаат да бидат третирани како професионални, да бидат препознаени од рекламерите, ќе мора на некој начин да се корегираат, а оние што на еден начин сакаат да продолжат со таква неетичка работа да, тоа може да продолжат да го прават, меѓутоа јавноста ќе знае дека тие се непрофесионални и бизнис заедницата не треба да ги поддржува“ , објаснува Секуловски. Тој е уверен дека мора да се стави фокус и на таканаречените портали кои најчесто се користат за да се пласира говор на омраза и клевета и навреда.