Денешна дата
18/08/2019

Спасот не е во оваа или онаа партија туку во демократскиот систем

пишува: Денко Малески

 

Забележувам дека упорно повторувам една вистина од доменот на домашната политика како што, со години,  тоа го правев со една друга вистина од меѓународната политика, имено дека сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки и дека без компромис со Грција нема што да бараме во нејзините сојузи. Овој пат, се работи за вистината дека партиите не се тие кои ја спасуваат демократијата, туку демократскиот систем не спасува од злоупотребите на партиите. Поинаку кажано, СДСМ и ВМРО можат само, како топка, да си ја префрлаат од раце в раце заробената држава, но ниту една партија не може самата да изгради демократски систем. Ќе рече некој, нашите партии, како и сите партии во светот, се борат за власт. Сепак, има една битна разлика. Политичката битка на нивните политичари се одвиваат во услови на изградени демократски институции. Има и разлика како двете култури гледаат на власта. Кога, во нашата источна авторитарна култура, ние зборуваме за власт мислиме на моќ, сила. На Запад, зборот е government, управување, но не исклучиво како моќ и сила туку и како демократски систем на соработка, пречки и рамнотежи. И, секако, во услови на независно судство. Ние во Македонија, тоа допрва треба да го изградиме. И нивниот почеток некогаш, како и нашиот почеток денес не бил лесен. Но, во нивните политички истории, покрај партиите, забележуваме група луѓе, таканаречените татковци основачи на републиката, кои без оглед на партиските разлики биле посветени на изградбата на демократски систем. Со чест на исклучоци, во управувачката структура на нашата република, нема таква група луѓе посветени на принципите на демократијата. Сите се посветени на избори, како тие да можат да бидат замена за заедничкото осмислување на еден демократски систем со принципи кон кои сите ќе се придржуваат.

Некни телевизиската камера го покажа полното име на СЈО и ме врати во сеќавањата: Специјално јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите. Наслов кој со лексиката сведочи за инволвирањето на странскиот фактор во еден систем во кој каналите кои водат кон правдата во редовното обвинителство се затнати. Не е проблемот во Специјалното обвинителство, институција на која инсистираат политичари на Запад кои сакаат да си го обелат образот низ специјална постапка која ќе докаже дека се невини. Кај нас, пак, осилени политички гангстери си поставија сосема друга задача: свесни дека се виновни, да ја урнат институцијата. Така почна една неверојатна приказна не на утврдување на вистината, туку на попречување таа да види бел ден. Размислувам, какви површни и неодговорни луѓе ќе бевме ние кога целата дебата за незаконското прислушување на преку 20,000 граѓани и за криминалот кој е толку очигледен од снимките, ја завртевме на незаконско прибавените снимки. Па, зарем, било каде во светот, такви снимки кои откриваат злоупотреба на власта можат да се добијат законски? И така, наместо целото општество да стане на нозе и да бара расчистување со праксата на илегалното снимање и расчистување со криминалот регистриран во снимките, надвладеа гневот зошто некој нелегално ги земал снимките и ни отворил очи за сторениот криминал. Зошто сме гневни? Затоа што треба да земеме одговорност за состојбите во општеството, а ние бегаме од одговрност.

Но, европските и светските процеси покажуваат во обратна насока. Политичарите и интелигенцијата би морале да му помогнат на дезориентираниот народ кој остана без секаков морален компас по откривањето на аферата со специјалната јавна обвинителка. Но, тоа не е можно затоа што и тие се дел од тоа замрсено балканско клопче на лични, политички и бизнис интереси. Зарем мораме да се помириме со фактот дека и натаму ќе живееме во корумпирано општество? Се разбира, не треба да се помириме со тој факт но мораме да бидеме свесни дека борбата е ужасно тешка. Барем за оние на кои им е важна правдата и вистината. Обидот насилно да се променат работите тука не помага ми вели некогашниот германски специјален пратеник Јоханес Хајндл на заеднички ручек во Скопје. Мислите ли дека Украина е помалку корумпирана денес од што беше пред демократската револуција? Погледнете само што се случи во Босна и Херцеговина. Народот излезе на улица и буквално ги запали политичките институции. Ги запалија зградите на владата и на парламентот, но кога се изгасија огновите и папса гневот, политичарите кои се засолнија дома, повторно се вратија на своите функции.

Идеалистот во мене ми вели дека можеби е време за некаква демократска конвенција на политичките сили на Северна Македонија околу поставувањето на темелите на демократскиот систем. Ако сакаме датум за отпочнување преговори со ЕУ треба, во овие драматични времиња за државата, партиите да демонстрираат заедничка желба за демократија и за правна држава. Ова, се разбира, е само апел: партии, најдете точка на обединување, институцијата претседател, на пример, и почнете посветено да работите на изградбата на демократскиот систем! За жал, такво ниво на свест нема во македонските партии кои се дел од замрсеното коруптивно клопче, па шансите се дека тие ќе одберат да продолжат да се уништуваат додека сите заедно скапо не ја платиме школата и  ја научиме лекцијата дека нема демократија со една партија и дека демократскиот систем е тој кој ја спасува демократијата од злоупотребите на партиите.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.