Денешна дата
18/08/2019

ЖЕШКО (РЕКЕТНО) ЛЕТО

Пишува: Александар Кржаловски

 

После почетната прашина крената со отворањето на случајот Рекет, со притворањето на двајца (и засега единствени) осомничени на 15 јули, како и чудната тишина во меѓувреме (вклучително и со уште почудното одење на годишен одмор на сите битни обвинители во случајот и од Јавното и од Специјалното обвинителство), изминатава недела се чини сепак вниманието на оваа афера се интензивира и можеби ќе кулминира во текот на оваа или идната недела.

Прво премиерот Заев минатиот понеделник повика на расчистување на случајот, а вчера тоа го направија и претседателот Пендаровски, а по серијата странски емисари (Хан, Рикер, Палмер) се огласи и новата американска амбасадорка Кејти Барнс со Твитер порака за темелна, транспарентна и брза истрага. Во своето обраќање, би рекол многу добро, Пендаровски се чини ги пренесе доминантните впечатоци и расположение на пошироката јавност:

  • се работи за голема афера, која освен што ја загрозува довербата во институциите и самата држава, може негативно да влијае и на евро-интеграциите;
  • не е важно дали вклучените во рекетот се леви или десни (т.е. вмровци, сдсмовци, од ДУИ или други), сите треба да се идентификуваат и да одговараат за своите постапки;
  • не е важно кој објавува и какви снимки, ниту од какви побуди и причини го прави тоа, важна е нивната содржина која треба целосно да се истражи;
  • сериозноста на ситуацијата не оправдува одење на одмор во клучните институции (пред се обвинителствата);
  • искажа разочараност од СЈО и особено неговиот прв човек Јанева.

На точно три месеци од својата инаугурација, во (повеќе или помалку) првата битна изјава во своето претседателствување, тој веќе демонстрира натпартиско делување (иако предложен и главно избран со гласовите од една страна на политичкиот спектар – сегашната владејачка коалиција), а со тоа и посветеност кон она што го истакна како свој главен приоритет – деполаризацијата на општеството. Ова е особено важно, во услови кога двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со глупавите прес-конференции (особено тие пред седиштето на другата партија) во кои се натпреваруваат кој повеќе прашања ќе постави за другата страна за нивните криминали (наместо да поднесат кривични пријави ако веќе имаат такви сознанија, а не да не замараат нас со тие нивни игранки… досега веројатно и ќе се прочистеа самите од криминалите во сопствените редови).

 

Значи, претседателот го направи тоа што требаше, а прашањето сега е дали ќе има некаков ефект од овој негов повик за дејствување. За жал, тој и нема многу инструменти да осигура дека институциите ќе постапат по неговите укажувања, па останува да видиме дали неколкуте надежни вести (пр. дека се повикани на распит обвинител(к)и од СЈО во текот на оваа недела) ќе вродат со плод, односно дека во текот на оваа или идната недела ќе се идентификуваат преостанатите лица од сагата на Героски со фиктивните прекари, а секако и сите други вклучени лица во овој случај; дека сите личности кои се споменуваа во медиумите како поврзани – и самоиницијативно (а ако не така – тогаш со повик од ЈО) ќе дадат искази за својата улога и вмешаност во аферата; дека ќе се подигнат обвиненија за сите лица за кои ќе се утврди таква вмешаност (а и ќе се побара и одреди притвор за дел од нив или за сите)… и ништо помалку важно – ќе се лоцира каде се парите дадени за рекетот (или поткупот – сеедно е како се вика, иако можеби и има некоја дистинкција меѓу двата термина… но очигледно во јавноста таа разлика е најмалку битна), а богами и каде се „донациите“ кон Меѓународниот сојуз за наводните старечки домови и други „хуманитарни“ проекти.

 

Во минатата колумна (со наслов „Почеток на крајот“, во која патем, точно е цитиран Черчил „ова не е крај, можеби не е ни почеток на крајот, ама се надевам дека е крај на почетокот) го поврзав случајов Рекет со можното ново одлагање на преговорите со ЕУ. Бидејќи гледам дека неколку коментатори на тој напис се возбудиле околу тоа прашање, да појаснам некои работи. Не би се навраќал на моето мислење за Преспанскиот договор и колку е тој лош за нас и дека непотребно се избрза со неговото склучување/потпишување – имам барем пет колумни на таа тема. Второ, исто така неколку пати сум пишувал дека јас лично не сум опседнат со датумот за преговори со ЕУ и дека и сите ние не треба толку да се оптеретуваме со тоа. И да, дека ние треба самите да си ги средиме работите кај нас, наместо да очекуваме ЕУ да не среди (а впрочем и ЕУ нема да сака да не прими во членство додека не се средиме самите). И трето, иако не знам каква врска има тоа со моите написи, не сум Влав, туку Мијак, или попрецизно Галичанец, а со тоа и Македонец.

 

Еден од коментарите се однесуваше за евентуална анкета на оваа тема на организацијата во која работам – МЦМС. Немаме правено анкета во последно време, а додека се направи, токму деновиве гледав друга анкета, на Европскиот совет за надворешни односи (европска „невладина“ организација, односно think-tank составен од поранешни високи функционери на ЕУ и земјите членки), токму на темата за проширувањето, односно расположението на граѓаните во ЕУ државите по тоа прашање. Анкетата ја потврдува веќе позната состојба во големите (и би рекол најбитните) земји членки (покрај очекуваните Франција, Холандија и Данска, малку изненадувачки се и Германија и Австрија), дека најголем дел од испитаниците (од 37 до 46%) сметаат дека НИЕДНА земја од Западен Балкан нема да стане членка на ЕУ во следнава декада (значи до крајот на 2030 година). Всушност, процентите се најголеми токму кај Германија и Австрија (46 и 44%), иако нивните Влади (барем во јавните изјави) пропагираат поддршка за проширувањето на ЕУ со земјите од Балканот, а токму тие две земји имаат и најголем број на мигранти токму од балканските земји.

Второ, или втора лоша вест, во коментар на оваа анкета од истиот тој Совет (ЕЦФР) се наведува дека пораката до земјите од Западен Балкан е јасна – земјите од регионот треба да демонстрираат доволно ниво на добро (политичко) владеење, пред да започне било како технички процес на преговори за членство во ЕУ.

И трето, видни членови на тој Совет, вкупно 69 (меѓу кои и актуелните министри за надворешни работи на Црна Гора и Албанија, како и нашиот ЕУ амбасадор Жбогар), се потписници на отворено писмо до новиот состав на Европската комисија (досега избраната еврокомесарка Урсула фон дер Лејен, но и кандидатите за претседател на Европскиот Совет Шарл Мишел и за надворешна европска политика Жозеп Борел), за тоа што треба да бидат приоритетите на надворешната политика на ЕУ. Во трите наведени точки/приоритети, за жал, не се споменува проширувањето. Балканот е споменат само во рамки на потребното „големо нагодување“ за најконтроверзните прашања, заедно со Кина, Блискиот исток, Русија и… климатските промени.

 

Се на се, бледнее проспектот за приближување на Македонија кон ЕУ во догледно време, а расте и неизвесноста околу почетокот на преговорите до крајот на оваа година. Аферата Рекет секако не придонесува позитивно кон тоа. Освен, ако навистина не се справи државата брзо и одлучно со тоа и не завршат зад решетки сите вклучени лица до крајот на оваа или идната недела!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.