Денешна дата
13/12/2019

ДАЛИ МОЖЕМЕ

Пишува: Трифун Костовски

 

 

Сметам дека во овие деликатни времиња за нашата држава и за нашето општество, е неопходно и понатаму мобилизирано да ги споделуваме нашите критички опсервации, предлози, анализи и дилеми. Само така ќе можеме да ја покажеме нашата одговорност и грижа во однос на иднината на Република Македонија.

Повеќе од видливо е дека нашава држава е во криза и во сериозен политички калабалак, имајќи ги на ум случувањата кои се од огромни размери, а кои покажуваат дека нешто е гнило во политичкиот систем.

Дилемите  се огромни од аспект дали навистина сме толку подложни на девијантни појави како рекет, поткуп, местење на тендери и верувајте ми настојувам да ја лоцирам суштината на вистинскиот проблем на сето она што е “згрозувачко” но и деградирачко, за секој чесен и добронамерен граѓанин во Македонија.

Политичкиот систем во Македонија е поставен така што во двете најголеми етнички заедници функционираат партиите кои се сметаат за неприкосновени.  Тие и нивните кадри, кои ја креираат севкупната политика во Македонија, по мене, се најголемите виновници за актуелната ситуација, која би ја оценил како сериозен загрожувач на идните Евроатлански интеграции, но и на демократскиот и граѓанскиот формат на нашиот политички систем.

По “уривањето” на последниот бастион во кого сите имавме надеж, а тоа е СЈО, уште повеќе граѓаните ја губат надежта дека навистина ќе живееме во едно модерно, еманципирано, прогресивно и праведно општество.

Би сакал да ги набројам нештата што од корен мора да се променат доколку сакаме да создадеме безбедно место за живеење.

Најпрво треба да се менува изборниот модел – не навлегувам во тоа каков ќе биде, но да се направи модел кој ќе овозможи на изборните листи да се појават луѓе со вистински вредносни вертикали, кои народот ќе умее да ги препознае. Убеден сум дека само така ќе имаме многу силен Парламент.

Силниот парламент ќе креира силна Влада, а не како што денес се практиукува -Парламентот да биде само алатка на Владата за остварување на своите зацртани цели.

Почитувани, силен Парламент кој е највисокото законодавно тело во земјава ќе биде тој што ќе ги диктира правилата за устројување на редот и за воспоставување на вистинска правна држава.

Парламентот е тој кој дава амин на Владата, кој го воспоставува правниот систем на земјата и е регулатор на нашето секојдневие.

Мене не ми треба Парламент, а претпоставувам ни вам, со луѓе кои се слепи послушници на партиите и својот статус го стекнале на начин на кој што ним им е познат, со вршење разни услуги, лепење плакати, па дури и сеење омраза како меѓуетничка така и интеретничка. Лично сметам дека постоењето на СЈО треба да се укине бидејќи, истото тоа тело, кое беше формирано со амин на Парламентот ги рефлектираше симптомите на заболеното општество.

Чуму ми е да имам две обвинителства едно Специјално Јавно Обвинителство (СЈО)  и едно Јавно Обвинителство (ЈО), дотолку повеќе што СЈО во однос на ЈО на Република Македонија има сосема друг префериран статус, посебно од финансиски аспект, кој е утврден секако со закон, меѓутоа материјалните средства кои се трошат за ова СЈО се огромни и со право се создава конфузија во целиот правосуден систем на обични и привилегирани обвинители.

Не би сакал да повредам некого, меѓутоа апелирам кај сите одговорни чинители во системот да го сочуваат етичкиот кодекс, кој за жал, сведочиме во последнава декада е длабоко закопан и како да не постои. Ве уверувам дека огромен процент од популацијата во Република Македонија го дели моето мислење, бидејќи “до неодамна” не паметам семејство во Македонија каде не се негувале етичноста, честа и професионалноста.

Да ги вратиме тие вредносни системи меѓу нас. Апелирам до политичарите од власта и опозицијата тие да бидат првите кои ќе го практикуваат овој вредносен систем, меѓу себе во самите партии а уште повеќе во нивните контакти со граѓаните, со цел граѓаните да стекнат доверба и волја за дека треба да се вложат во иднината на оваа земја бидејќи до сега однесувањето и практикувањето на луѓето од власта го направија животот на обичниот граѓанин безнадежен, резигниран. Она што ни се случи, а што е навистина трагично, е дека сите општествени девијациии и аномалии се третираат како нормалност.

Не, мои почитувани, тоа не е нормално и не смееме да го прифатиме како такво.

Сакам да споделам со вас една моја асоцијација која се случуваше пред 5 години, а се случува и денес. Имено пред 5 години Г-динот Груевски нѐ убедуваше дека прислушуваните разговори се монтирани и низ градот кружат жолти комбиња, а денес сме сведоци дека сето тоа беше чиста лага.

За жал денес и актуелната власт на чело со СДСМ посочува на црно сценарио за случајот рекет.

Почитувани мои, разбудете се, толеранција за ваквиот пристап не смее да постои.

Случајот рекет мора да има завршница и тоа час поскоро. Единствено позитивно што го чувствувам овие денови е ставот на Претседателот кој ја покажа својата неутралност, грижливост и одлучност, барајќи да владее правото и дека пред законот сите сме еднакви. Тоа беше настап на вистински еманципиран политичар, кој има капацитет за критичност и самокритичност и кој храбро настапува, неплашејќи се дека можеби ќе има реперкусии доколку покаже критички однос кон партијата на власт која го промовираше како свој претседателски кандидат. Всушност, доколку имаме повеќе такви политичари кои експлицитно укажуваат на проблемите во општеството, а при тоа не калкулираат со личните интереси и својот конфор, можеби и ќе има спас за земјата. Пендаровски навистина покажа интегритет и во целиот државен хаос во кој граѓаните како да се фрлени на буниште, тој покажа дека е единствениот кој се грижи за граѓаните.

Велат, една ластовичка не ја чини пролетта, но таа ластовичка, во случајов мислам на претседателот Пендаровски нека биде поттик за сите чинители од кои што зависи нашата иднина.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.