Денешна дата
14/12/2019

ТРИНАЕСЕТКА НА ЦРНО

Симбиозата помеѓу политиката и Сваровски судството и помеѓу политиката и Луј Витон правдата и натаму го руинираат македонскиот правен поредок.

Пишува: Зоран Иванов

 

Топчето на македонскиот рулет запре на црно. Токму во време пред извесната надеж земјава да добие препорака за почеток на своите евроинтеграции. Но, смешното во трагедијата на последната рекетарска комедија е фактот што поединци од највисоките ешалони на власта и правосудството дозволија обични урбани преваранти да ги повлечат со себе во политичка и во професионална бездна. Да ги маркираат како актери во доурнисувањето на целиот државен, особено правосуден систем.

 

Коментарите за аферата наречена „Рекет“ одат и во насока дека можеби сето е смислено, режирано, организирано и спроведено од заинтересирани играчи со разни мотиви меѓу кои да се сруши владата и да запрат интеграциите. Ништо не е исклучено. Ниту специјална војна ниту специјална диверзија врз Македонија. Земјава се најде на ветрометина на двата моќни глобални стратегиски блока, на границата на влијанијата на Западот и Истокот. Но, да ја оставиме паранојата. Никој ништо не може да стори без карактерните лепливи прсти на домашните носители на значајни државни и партиски функции. Без инволвираност, навлеченост или поддршката на корумпираните во политиката и во судството. Ниту една странска служба не може ништо без алчната и подводлива домашна клиентела. Никој ништо не може без разните тринаесетки, четиринаесетки, петнаесетки вгнездени во политиката и во институциите.  Изговори за меѓународни заговори за да се сврти вниманието и да се забошоти криминалот, е само сеење магла, фрлање прав в очи. Има надлежни институции за грижа за безбедноста и сигурноста на земјава. Но тие не се задолжени за домашните мешетари и рекетари.

 

Поради јавниот притисок и особено по тврдите пораки од американската дипломатија аферата брзо да се расчисти, наскоро ќе се покаже дали македонскиот поредок ќе умее доволно брзо да сплете доволно ситна мрежа овој пат од неа да не излизгаат покрупните риби. Останува конечно да се види има ли уште барем ронка виталност во нашиот правосуден систем. Државното обвинителство да се подразбуди од длабоката децениска инертност на која и погодуваше и форсираното надежно, а сега најголемо разочарување во ликот на Специјалното обвинителство. Посебно шокантно разочарување од неговиот прв човек за која постојат евидентни индикации дека е директно, дури организаторски инволвирана во монетарната рекетарска афера.

 

Владата како и целата владејачка гарнитура на своите актуелни позиции дојде со помош на масовното граѓанското движење за уривање на претходниот криминален режим и за востановување правна држава. Сега, по само две години се случува нов силен доказ за целосна атрофија на системот. Од пролетоска, од првите сигнали и службени пријави за рекетарската афера, од кога речиси сите надлежни институции, од финансиските преку обвинителските до врвните државни и партиски функционери знаеле, а молчеа за рекетирањата, за подмитувањата и за перманентните корупции, дури сега во овој жежок август, под притисок на медиумите, на реакцијата на граѓаните, на странците, исто така, политиката и системот да почнат нешто да придвижуваат. Сега основното прашање е со која брзина тоа ќе се случува. Шокираната и разочарана јавност со право очекува бргу да дознае што сѐ е закачено и кој сѐ е закачен на крајот од криминалното рекетарско клопче.

 

Што се однесува до правдата, нема место за многу еуфорија. Поучени од досегашното искуство дека секое чудо е со траење до три дена, се уште нема преголема надеж дека оваа рекетарска сага брзо ќе се одмотува. Особено поради молкот во институциите, поради молкот на професионалците. Неадекватни се веќе полтронирањата на политичарите дека меѓу судиите, меѓу обвинителите мнозинството биле чесни и дека само малкумина од нив ја прават грдата слика. Не, многу логично е дека состојбата е обратна. Судејќи по досегашното нефункционирање на македонскиот правосуден систем, излегува дека огромното мнозинство обвинители и судии се корумпирани клиентелисти. Неотпорни на партиски влијанија и уште помалку отпорни на мито и корупција.

 

Да беше барем малку обратно, огромното мнозинство судии и обвинители не ќе дозволеа во нивните редови да егзистираат криминогени типки и типови. Туку, како заскитани уљези, како страно тело во таа етичка професија, брзо, континуирано и систематски таквите ќе ги отфрлаше од своите редови. Но, тоа не се случува еве десет, дваесет, триесет години. Нашиот правосуден систем не успеа да истурка, да дозаврши и да ја убеди јавноста во ефикасноста и во еднаквоста пред лицето на правдата. Македонската јавност не памети обвинителската и судската фела институционално и системски да кренала глас за корумпираноста и за клиентелизмот во своите редови. Молкот е заштитниот оклоп за сите наши правосудни институции.

 

Се уште е многу евидентно дека симбиозата помеѓу политиката и Сваровски судството и помеѓу политиката и Луј Витон правдата и натаму го руинираат македонскиот правен поредок. Судските клиентелистички еквибрилистики стана главниот коруптивен белег на спрегата на правосудството со политиката. Тоа братство меѓу политиката и судството, меѓу влијателните политичари и афирмираните судии, ги обои држававата и општеството со сите коруптивни бои. Многу е видливо, тука е и огромната разочараност и од новата власт, дека правдата не стасува кај секого. Дека законот не надвиснува над моќните и дека правда еднаква за сите е само фиктивна уставна категорија.

 

Со прикажувањето на Витон торбите преполни со милиони евра, тајкуните пратија порака дека се со ниет повторно да си ја откупат државата. Но и покрај таквите сигнали, за среќа на корумпираните и за жал на граѓаните, се уште нема потребна стартна динамика ниту за политичка уште помалку за институционална акција. Политичката и судската власт и овој пат го тестираат трпението на граѓаните. Плажите испаднаа попривлечни отколку совеста за редот и поредокот во државата. А октомври наближува и Европа чека на нас. Рекет е последна можност за интензивна кадровска диференцијација во сите правосудни инстанци. Истото и за полицијата, за политичките партии, за бизнис заедницата. Ако за на есен надлежните вистински ја посакуваат портата на ЕУ, дотогаш на Македонија и треба силно сеопшто институционално антикоруптивно кадровско цунами.

 

Ова е последна шанса и за оваа политичка генерација. На институциите им треба

прочистување кое кадровски ќе ја потспастри државава. Тоа секако бара силна општествена енергија. На дело, јавно и гласно ги бара чесните политичари, обвинители, судии. Наспроти корумпираните и клиентелистите во нивните редови, тие да проговорат и да покренат акции. Секој во својата средина, во партиите, во обвинителствата, во судовите, во сите институции. Особено тоа власта и го должи на идеалите на Шарената револуција.

 

Граѓаните го урнаа декадниот режим. Сега се разочарани, во најмала рака резигнирани и од актуелната власт. Амбиентот во земјава не е предевропски. Од меѓународната заедница, особено од САД, ги испратија сигналите. Се бара брза, ефектна, ефикасна акција. Пред се, на правосудните институции, но и агилност на политиката во правец на правдата. Доколку сега тоа изостане, не ни останува ништо освен да се крстиме странците да се смилуваат и по којзнае кој пат веќе да чекаме тие да нѐ извлекуваат од живиот коруптивен песок.

 

Ако пак конечно им пука филмот од нас, може лесно да се случи топчето на македонскиот рулет да ни го остават да запре на црно 13-ка.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.