Денешна дата
12/11/2019

Струмичанката Ема со две деца се уште заглавена во камп во Сирија

  • 40-тина македонски државјани учесници во ИСИС се заробени во камп во Сирија.
  • Никој не знае кога ќе добијат дозвола да кренат кон С.Македонија.
  • Во текот на војната во Сирија и Ирак, од земјава во воените жаришта отишле 156 граѓани, од кои 37 се загинати.
  • Моментално, од прилика во Сирија има 13 мажи со македонско државјанство, 4 жени, и се претпоставува дека има околу 23 деца.

 

Пишува: Ангела Рајчевска

 

„Тукашната ситуација е неподнослива воопшто, и после 1 година и 8 месеци неизвесност, каква би била“. Ова е краткиот одговор на 33-годишната Ема од Струмичко, заглавена во Сирија од 2015-та година, со нејзината малолетна ќерка и син.

Со неа се обидуваме да стапиме во контакт од пред една година, но порано не одговараше на пораките на Инбокс7. Сега вели дека државата треба да најде начин за да ја врати дома заедно со децата, каде ги чека семејството.

 

КОЈА Е ЕМА?

Ема е родена во 1985 година. Откако завршила средно медицинско образование, се омажила во кумановско. Од овој брак ја има и ќерката, која сега има 12 години.

По извесно време се разведува од сопругот и заедно со нејзината ќерка се преселува во Скопје. Извесно време живеела под кирија во стан наспроти Католичка црква. Низ овој нејзин тежок период од животот таа ја имал поддршката на семејството и пријателите. Се до 2013-та година, кога почнува нејзината врска со Ардиан Хисени од Косово, кој подоцна ќе им се приклучи на структурите на ИСИС во Сирија.

По договорот за да живеат заедно, Емилија во 2014 година заминува во џамија во Чаир, од каде се префрла на Косово за да живее со нејзиниот иден сопруг.

Во Сирија заминува во 2015 година, преку Грција. Во 2017 година нејзиниот сопруг загинува борејќи се на страната на ИСИС, по што Ема почнува да контактира со семејството за да и помогнат да се врати дома.

 

ВКУПНО 37 ГРАЃАНИ ЧЕКААТ ДА СЕ ВРАТАТ ВО С.МАКЕДОНИЈА

Покрај нив, уште 37 други, граѓани на С.Македонија се наоѓаат на територијата на Сирија, чекајќи да го докажат своето државјанство за да добијат можност да се вратат во земјата.

По разговорот со Златко Апостолоски, заменик национален координатор за борба против тероризам, дознаваме дека моментално, овие луѓе се во логори во Сирија и нивното враќање е условено од одредена постапка.

„Отидени се 156. Од оваа бројка, 37 се загинати во Сирија. Моментално, од прилика во Сирија има 13 мажи со македонско државјанство, 4 жени, и се претпоставува дека има околу 23 деца. Тие, во нивните искази кажуваат дека се граѓани на Република Северна Македонија, меѓутоа тоа треба да се провери“, вели Апостолоски.

Од вкупната бројка, до сега, во нашата држава се вратени 76 луѓе од кои 73 мажи, една жена и две деца. Моментално, казна затвор издржуваат 23. Дванаесет се ослободени бидејќи ја издржале казната затвор и моментално се на подрачјето на Република Северна Македонија.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека патиштата до Сирија и Ирак генерално минувале преку Турција, по копнен или по воздушен пат.
Пред да заминат, лицата посетувале верски предавања на радикални имами, некои се радикализирале преку интернет (социјални мрежи), а некои преку лични контакти, од кои добиле и логистичка поддршка за нивно заминување и приклучување кон тамошните паравоени формации, изјавуваат од МВР.

Афродита Муслиу, претседател на невладината Нексус, која за цел има да помага на луѓето повратници од Сирија, потврдува дека има во затворите во Ирак жени и деца меѓутоа нема конкретна бројка:
Колку што на сите ви е познато и во медиумите имаше информации дека две-три жени со децата се наоѓаат во камповите Ал-Хол и истите најверојатно се се’ уште таму, појаснува Муслиу.

 

САД И ЕУ БАРААТ ЕВРОПСКИТЕ ЗЕМЈИ ДА СЕ СПРАВАТ СО ПРОБЛЕМОТ

По објавата на твитер, на американскиот претседател Доналд Трамп, кој посочи дека Европа треба да преземе  и да им суди на повеќе од 800 борци на Исламската држава од Стариот Континент кои се во заробеништво, европските држави сетија дека е крајно време да се справат со борците на Исламската држави кои се во заробеништво а потекнуваат од нивните држави. Па така, според германските медиуми, Германија има намера да им го одземе државјанството на борците на Исламската држава.

Комесарката на ОН за човекови права, Мишел Башеле, неодамна порача на Советот на ОН за човекови права дека државите мора да преземат одговорност за своите граѓани и не би требало децата на борците, кои веќе претрпеле премногу, да ги остават без помош од сопствената земја.