Денешна дата
12/11/2019

ОПШТИНА ЧАШКА НАБАВИЛА 100 ТЕЛЕФОНИ ЗА 66 ВРАБОТЕНИ, ПОТРОШИЛА 26 ИЛЈАДИ ЕВРА

  • Еден од најголемите тендери на општина Чашка се однесува на набавка на 100 мобилни телефони.
  • 19 телефони биле набавени повеќе од потребното и сите тие си ги зел поранешниот градоначалник.
  • Актуелниот градоначалник се жали дека и покрај тоа што Обвинителството за организиран криминал направил целосна истрага, предметот е заглавен во велешкото обвинителство кое не отвора постапка за овој случај.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Лоцирана во средишниот дел на државата, руралната општина Чашка брои само 7.673 жители во 42 населени места. Таа е во групата од 22 од вкупно 84 општини со под 8 илјади жители, повеќето од кои се соочуваат со немање капацитет за испорачување на основните услуги за граѓаните.

Но, овие проблеми не ги спречиле локалните власти да ангажираат вкупно 66 лица во општинската администрација. Освен ова, за раководството на општината и за вработените се набавени многу повеќе од бројот на вработените. Истражувањето на Инбокс7 дојде до документи кои покажуваат дека околу 26.600 евра или поточно 1.650.000,00 денари изнесувал договорот кој поранешниот градоначалник на општина Чашка, Горанчо Пановски, во 2016 година го склучил со Друштвото за комуникациски услуги ОНЕ ВИП. Покрај висината на сумата на овој договор, зачудува и тоа што градоначалникот Пановски набавил околу стотина телефонски броеви, но нејасно е за кого се, се набавени овие телефонски линии. Сепак, постои и решение со кое тој сам на себе си доделил 19 мобилни телефони.

Во Договорот склучен на 14 септември 2016 година со рок од две години, стои дека се набавуваат мобилни телекомуникациски услуги за службени потреби на вработените лица во општина Чашка, членовите на Советот на општина Чашка и за вработените лица во Јавното претпријатие за комунални дејности „Тополка“. Од вкупно 1.650.000,00 денари 1.400.000,00 ќе се плаќа од буџетот на општина Чашка а 250.000,00 се на товар на Јавното претпријатие „Тополка“.  Од набавката на стотина мобилни телефони 85 се за општината, а 15 за комуналното претпријатие. За општина Чашка 73 претплатнички линии биле со тарифен модел 1, кој е со месечна претплата до 440,00 денари без ДДВ, 11 телефони со тарифен модел 2 со месечна претплата од 1.220,00 денари и 1 телефон со тарифен модел 3 чија месечна претплата изнесувала 1.600,00 денари.

Од овој договор Јавното претпријатие „Тополка“ има 13 мобилни телефони со тарифен модел 1, со 440,00 денари претплата и 2 телефона со тарифен модел 2 чија претплата била 1.220,00 денари.

 

ОД 2005 БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ОПШТИНСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА ПОРАСНАЛ ЗА 54

Според истражувањето на СКУП-Македонија, администрацијата на Општина Чашка во 2005 година броела само 12 вработени, во 2014-та 19 додека сега брои дури 66 вработени. Ако во просек еден вработен во администрацијата може да услужи 1000 граѓани, тогаш оваа општина има потреба само од околу 8 вработени.

 

 

ИСТРАГА ВО ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ, ВЕЛЕШКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО МОЛЧИ

 

Актуелниот градоначалник Горан Стојановски за Инбокс7 вели дека по негова иницијатива е направена ревизија на работењето на претходниот градоначалник и дека во оваа набавка има голема злоупотреба.

Општината има вработено 66 лица заедно со времено вработените, од кои повеќето и не доаѓале на работа и биле само фиктивно вработени а имаат набавено 100 телефони, што е нереално. Каде се другите телефони и зошто се набавено толку ќе треба да одговори претходниот градоначалник зашто не само за овој туку и за други злоупотреби ние пријавивме во Обвинителството за организиран криминал, кој по прибавените докази предметот уште пред повеќе од една година го дава во велешкото обвинителство, каде што е закочена работата“, вели Стојановски.

Го прашавме уште и дали има сознанија каде се овие телефони и што се случувало со толку телефони повеќе од потребното набавени. „Ниту јас, ниту некој од вработени знае што се случувало. Само знам дека на име на градоначалникот имало 5 телефони броеви. Тие телефони кои што тој ги земал и дали ги користел или не не знам, ние се што имавме дадовме на Обвинителство за орбганизиран криминал, но нејасно е зошто до денеска нема ништо покренато од Обвинителство Велес“, додава градоначалникот Стојановски.

 

Чашка заглавена во долгови, екс-градоначалникот се луксузирал со мобилни

 

Иако Чашка е една од помалите општини во земјава екс градоначалникот Пановски кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и кој бил на чело на оваа општина два мандати односно од 2009 до 2017 година еден од поголемите трошоци ги направил токму за оваа набавка на мобилни телефони. Иако се смета за помалку развиена општина, тој во еден наврат потрошил општински пари од 26.600 евра само за набавка на мобилни телефони. Во тоа време општината имала долгови од околу 166.000 евра, а една година подоцна на крајот на вториот мандат на Пановски, сметката на општината била блокирана поради долг од над 15 милиони денари или околу 242.000 евра.

Актуелниот градоначалник Стојановски уште по преземањето изјави дека наидува на хаос во општината, а неодамна на својот фејсбук профил, напиша дека покрај приватната ревизија за претходното работење со свој наод излезе и Државниот завод за ревизија, и очекува институциите да преземат чекори. Во ревизијата објавена во јуни годинава меѓу другото како спорна набавка е посочен и договорот за мобилните телефони во која се наведува дека од 85-те броеви, 19 биле набавени повеќе од потребното. Според ревизијата нив си ги зел градоначалникот а само тие ја чинеле општината 125.000 денари или околу 2.000 евра. Наведената состојба, со која со решение на градоначалникот му се одобруваат 19 службени мобилни телефони, стои во ревизијата, има за ефект ненаменско и незаконското користење на средства.

 

ШТО УТВРДИЛ ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА ЗА ОВОЈ СЛУЧАЈ?

 

Општината има склучено договор со мобилен оператор за користење на мобилни телекомуникациски услуги, со месечна претплата на минимум 85 телефонски броеви (за вработените во општината, привремено вработените, претседателот и членовите на советот на општината), што е за 19 броја повеќе од реално потребните; со член 2 од решението за користење на службени мобилни телефони на вработени лица во Општина Чашка, уредено е на кои лица им следуваат мобилни телефони со сим телефонски картици со претплатнички броеви по тарифен модел, а со кое 19 службени мобилни телефони и телефонски броеви се доделени на градоначалникот на Општина Чашка и дозволен месечен лимит од 550 денари со вклучен ДДВ. Со тоа направени се повеќе расходи по основ на мобилна телефонија во однос на реално потребните за износ од 125 илјади денари“ се наведува во ревизијата за набавката на мобилните телефони.

Новиот градоначалник Стојановски, по стапувањето на должност склучил нов договор со мобилен оператор.

Инаку, Инбокс7 во истражувањето кое го спроведува за тоа како општините ги трошат  буџетските пари, начинот на кој се менаџираат парите на граѓаните на локално ниво и за што најмногу се трошат, во наредниот период ќе објави серијал од написи на оваа тема.