Денешна дата
14/12/2019

Со пријателите и кога грешат, против непријателите и кога се во право

пишува: Денко Малески

 

Едно древно правило во политиката кое ја поткопува правната држава гласи: Со пријателите и кога грешат, против непријателите и кога се во право. Во општество во кое владее култура на неказнивост, правилото е најшироко и највисоко распространето. Македонските партии строго се придржуваат до правилото, поткопувајќи го со своите постапки она за што декларативно се залагаат: општество во кое владеат закони а не поединци. Застанувајќи со пријателите и кога е јасно па и гласно дека е сторен криминал, новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, ја навредува нашата интелигенција. Со свои уши слушавме за злоупотреби на власта од пријателите, но поучени дека, според европското законодавство, снимките не можат да бидат доказ во судска постапка, а до докази тешко се доаѓа, новите луѓе кај македонската националисти се прават како тие да не постоеле, па ја обвинуваат СДСМ за исти работи за кои не дозволуваат нивните пријатели да одговараат. Со други зборови, дрско ни се смеат во лице. Тоа кај пристојната и мислечката јавност во државата никогаш нема да помине. Никогаш. Новите луѓе од врвот на партијата го загубија образот во моментот кога одлучија да не дозволат нивните пријатели за ништо да не одговараат. Дури ни за онеспособување на лифтовите за возрасните луѓе да не можат да излезат на гласање. Таквите луѓе не се алтернативата која што ќе „донела“ правна држава во Македонија.

Можно ли е аферата „Рекет“ да е дар од небото кој ќе направи пресврт во ваквото поведение на партиите? Ќе видиме. Имено, стана традиција при смената на власта новата политичка гарнитура да го амнестира раководството на своите политички опоненти, изживувајќи се само врз по некој несреќник од подолните ешалони на претходната политика. На целосно одобрување на демократската јавност, овој непишан договор помеѓу партиите беше прекршен од актуелниот премиер Заев. Во специфични меѓународни околности на зголемен ривалитет на големите сили на Балканот, со силна поддршка на нашите западни сојузници, се формира специјално обвинителство кое што требаше да утврди кој неовластено ги прислушувал граѓаните и да поттикне судски процеси за казнување на оние кои ја злоупотребиле доверената моќ кршејќи го уставот и законите. Непишаното правило дека при смена на власта раководствата на партиите се неказниви, беше прекршено. Очигледниот криминал на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, партија која покажа и колку лесно е да се произведе автократија, не беше доволен, новото раководство да заврти нов лист во својата политичка историја и да застане зад законите и зад правдата. Макар и со едно извинување. Напротив. Во обид се да се врати на политиката на неказнивост, почнаа со обвинувања: за приватизацијата, за ТАТ, и слични злоупотреби за кои таа партија не одговараше. Тоа е точно, но точно е и дека со доаѓањето на СДСМ на власт се сменија многу нешта, исчезна стравот од претходната осилена власт кога луѓето шепотеа, но, за жал, системот не можеше да се промени. Не се промени затоа што нема демократски систем без власт и лојална опозиција. Опозиција лојална кон принципите на правната држава, а не на пријателите.

Но, одеднаш, настана страшното разочарување со СДСМ. Поведението на специјалната обвинителка и сомневањата за криминал на актуелната гарнитура на власт, може да стане клучот за отворање на вратата кон правната држава. Она што ВМРО-ДПМНЕ го саботираше и бојкотираше, застанувајќи во одбрана на очигледниот криминал на своето претходно раководство, постојано беше оправдувано со фактот дека тоа исто го правел СДСМ во минатото. Со откривањето на аферата „Рекет“, СДСМ има шанса да и покаже на опозициската партија како се спроведува истрага против „пријателите “ а не само против „непријателите “.  Стравот дека и овој криминал оди до самиот врв на пирамидата на власта е голем, а уште поголемо ќе биде разочарувањето и гневот ако е тоа така. Но, ако партијата на власт не ја попречува чесната судска и истражна постапка не само што има шанси добро да помине на наредните избори, туку и, со полно право и силен морален авторитет, да го мобилизира општеството истите аршини да се применат и кон оние од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Конечно, благодарејќи на овој случај на корупција, играта на неказнивост за високите функционери има шанса да престане, а правдата конечно да си го земе својот тек. Очите на демократската јавност во државата, на нашите сојузници во НАТО и во ЕУ се вперени во овој случај. Тој ќе биде лакмусовиот тест не само за иднината на СДСМ, туку и на демократската и правната држава во Северна Македонија. Расчистувањето на аферите со злоупотребата на власта на старото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, сега и директно зависи од расчистувањето на аферата која покажува со прст кон новото на СДСМ. Од исходот на оваа истражна и судска постапка зависи дали ќе го направиме одлучувачкиот чекор кон правната држава или партиските раководства, како и во изминативе триесетина години, ќе останат „партнери во криминал“.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.