Денешна дата
12/11/2019

Две третини од 15-годишниците неписмени, образованието во слободен пад

Последниот Извештај на Европската комисија во делот на образованието, но и ПИСА тестирањата укажуваат на лошиот квалитет во образовниот систем. Иако минатата година Европската комисија имаше дадено насоки и препораки за подобрување на овој сегмент, годинава наведува сериозна забелешка – дека ништо не е направено. Според анализите од ПИСА тестирањата, сите земји од регионот покажуваат нагорен тренд во образованието, со исклучок на државава

Светлана Унковска

 

Анализата на „Рефлектор-Податоците под светло“ покажуваат дека Северна Македонија стои најлошо во споредба со земјите од регионот, Србија, Црна Гора и Албанија во однос на читање според резултатите од ПИСА тестирањето на учениците. Додека другите земји од регионот напредуваат, Македонија назадува. На ова укажа и Европската комисија во последниот Извештај за напредок на земјава каде во делот за образованието се наведува дека воведувањето мерки на деталната образована стратегија 2018-2025 останува ограничена и дека ништо од минатогодишните препораки не е имплементирано. Оттука се препорачува: – имплементација на нова стратегиска рамка за образование, особено таргети за претшколско образование; зголемување на поддршката за обуки на наставници, професионален развој на наставници и обезбедување ефикасен процес на оценување; подобрување на пристапот до квалитетлно обаразование за сите, особено претшколска возраст, деца со пречки во развојот и деца од Ромската заедница. Во Извештајот натаму се наведува дека јавните трошоци на образованието, обуки, млади и спорт во 2018 година се задржале на 3,8 проценти од БДП. Нивото на запишување во образованието од рано детство останува загрижувачка. Само 30 проценти од децата посетуваат лиценцирани претшколски институции, што е далеку од целта на ЕУ за образование и обука која изнесува 95 проценти. Во основното и средното образование се уште се потребни значителни подобрувања во квалитетот на образованието. Се проценува дека 10 отсто деца од ромската заедница не посетуваат редовно настава во основното обазование. Квалитетот на образованието е загрижувачки на сите нивоа и системот останува ранлив на политичко влијание и корупција – стои во Извештајот на Европската комисија. Во однос на високото образование, во Извештајот се посветува внимание на новиот Закон за високо образование, усвоен пред една година, за кој се истакнува дека е предвидено основање Национален совет за високо образование и Одбор за акредитација и посебен Одбор за евалуација на високото образование.

 

Какви се тестирањата-ПИСА?

 

Спроведените тестирања на ПИСА, со кои инаку, се вршат проверки на знаење на ученици од 15-годишна возраст,  во 2000 и 2015 покажуваат континуиран пад на резултатите во однос на другите земји, како и далеку под нивото од просекот на ОЕЦД, поточно речено најголем процент на учениците од земјава се под или на ниво 1, односно најслабо. Учениците се тестираат во неколку области.

Под математичка писменост се подразбира способноста на ученикот да ја препознае и да ја разбере улогата која математиката ја има во светот, да донесува добро засновани одлуки и да ја применува математиката на начини кои одговараат на потребите на животот. Тоа практично значи математичко резонирање и користење математички концепти, процедури, факти и алатки за да може одреден феномен да се опише, објасни и предвиди. ПИСА тестирањето во математичка писменост става акцент на решавање проблеми од реалниот живот, надминувајќи ги начините кои се вообичаени за училницата. Тоа подразбира избор на соодветна математичка стратегија а учениците треба да размислуваат и да користат математички концепти и процедури стекнати на училиште.

Подрачјето на читање со разбирање, односно јазична писменост според ПИСА значи способност за разбирање, користење и рефлексија на пишани текстови и овој концепт треба постојатно да се надградува. Според ПИСА истражувањето функционалната писменост се стекнува со квалитетно поврзување на формалното и неформалното образование и целта на ПИСА тестирањето не е да се открие колку знаење на еден ученик е во форма на меморирани факти, туку дали учениците умеат да го употребат тоа знаење и како.  Писменоста за читање со разбирање е дефинирана како сспособност на учениците да го разберат прочитаното, да ги искористат сознанијата од текстот и да размислуваат за него.

Во тестирањето на подрачјето за писменост во природните науки се очекува учениците да имаат не само познавање на идеи, концепти и факти за природата и природните процеси, туку и познавање на процедурите, методите и практиките на научните истражувања. Учениците е потребно не само да поседуваат знаења од некоја област туку да знаат да ги применат во практика, да умеат да препознаат процеси и појави во природата како и да се справат со секојдневните предизвици за нивно решавање. Објаснувањето е дека областа природни науки не е само за научниците, туку и за обичниот човек и секој во денешно време треба да биде способено да размислува „како научник“ односно да евидентира и донесува заклучоци, како на пример, за здравата храна, природни катастрофи, како и ублажување на последици од глобалното затоплување.

 

Клисарова: Нашиот образовен систем не се совпаѓа со ПИСА тестот

 

Јадранка Клисарова, долгогодишна наставничка во основното училиште „Блаже Коневски“ во општина Аеродром вели дека ПИСА тестовите се нетипични за нашето образование и затоа учениците покажуваат слаби резултати.

Јадранка Клисарова

Тестовите ПИСА не се совпаѓаат со системот на нашето образование, тие се нетипични и затоа доаѓа до такви резултати, но тоа не значи дека нашите деца се неписмени. Значи нашето образование има сосема поинаков систем од оној што се спроведува со ПИСА тестот. Сметам дека би требало да се воведат најпрво програми и обуки за тестот, бидејќи на овој начин доаѓа до една конфузност“, оценува наставничката Клисарова.

Бојана Нацева

Бојана Нацева, виш специјалист за образование во канцеларијата на Светската банка во земјава вели дека ПИСА  е највлијателниот механизам за меѓународна проценка кој обезбедува вредни податоци, но, кај нас критиките и ставовите за резултатите од ПИСА тестовите главно се одвиваат на социјалните мрежи, а став од Министерството за образование нема.

„Сепак, основната загриженост не е дали образовниот систем во нашава земја служи на децата, туку тоа дека Македонија е рангирана на дното од табелата. Се разбира, тоа само по себе загрижува, но она што навистина треба да не загрижува е дека две третини од учениците на 15-годишна возраст се функционално неписмени по секој тестиран предмет“, оценува Нацева. Таа додава дека многу млади луѓе не поседуваат дури ни основни вештини што пак ги попречува идните работни перспективи на младите, но и економската конкурентност на земјава. Нашиот образовен систем функционира со децении во мрак, систем неспособен да помогне на повеќето ученици да се здобијат со основни способности. Затоа посочува Нацева, потребна ни е длабинска анализа за тоа кои се можните активности и реформи, кои вистински се насочени кон подобрување на образовните резултати.

Потребна е мобилизација на сета достапна експертиза во земјата за решавање на овие предизвици, рез разлика на политичката или етничката припадност. Време е да се престане со работка во мрак, за почеток, потребно е да научиме што овој систем богат со податоци има да ни каже околу нашиот образовен систем и како да го подобриме“, порачува Нацева.

 

Состојбата со образовниот систем е лоша, а образовни програми нема

На ваквите оценки во Извештајот, професорот Самоил Малчевски вели дека Европската комисија констатира дека недостатоците во наставните програми се клучни за немањето на потребни вештини кои ги бараат компаниите и со тоа се нарушува продуктивноста на трудот и конкурентноста на економијата.

„Комисијата ни препорачува зајакнување на управувањето и ефикасноста на трошењето во образовниот сектор со цел да се забрза модернизацијата на образовниот системи на сите нивоа. Од ова можеме да заклучиме дека Владата на тема образование ништо не направила во изминатите 12 месеци, а толку многу ветуваа. До најпозитивниот извештај и после него останува фактот дека нема реформи и за жал немаат капацитет за реформи. Состојбата во македонскиот образовен систем е многу лоша почнувајќи од лошите образовани програми по тн. Кембриџ, кои се најголемо злосторство врз македонските деца, продолжувајќи со тоа дека во училиштата нема основни методско-дидактички средства и што уште не“, критикува Малчевски кој додава дека и платите на наставниците во основното и средното образование се многу ниски. Според него, состојбите во високото образование се, исто така, на многу ниско ниво, од немање кадар, програми кои не се усогласени со потребите на пазарот на трудот, па се до уписна политика која, како што вели, се темели на желби на некои моќници.

Министерот најавува два нови закони, колку тоа ќе го подобри образованието?

Министерот за образование, Арбр Адеми, најави два нови закони, кои, како што рече, наскоро ќе бидат доставени до Собранието и тоа предлог законот за основно образование и предлог законот за наставници и стручни соработници во основно и средно образование.

Арбр Адеми

„Имаме два целосно нови закони ,суштински важни за образовниот систем, сега Собранието е на потег. Во интерес на времето, очекувам час поскоро да почне расправа и по целосно исцрпување на дискусијата, законите да бидат усвоени и да стапат во сила со стартот на новата учебна година. Новиот предлог закон за основно образование се однесува на подобрување на квалитетот на наставата и воопшто на воспитно образовниот процес, и дава повеќе можности на ученици особено на оние со посебни образовни потреби“, најави Адеми. Тој појасни дека според овој предлог на закон предвидено е да има организирање на учениците во Заедница на паралелка и Ученички парламент, намалување на бројот на ученици, што значи една паралелка ќе има од 20 до 30 деца, вклучување на ученици со посебни потреби во редовно образование од учебната 2022 – 2023 година, воведување стручни наставници за предметот спорт, кариерен развој на наставниците, а ќе се елиминира и политичкото влијание во училишните одбори.

Но, за тоа каква е состојбата во образованието говори и оставката што ја поднесе заменик министерот за образование Петар Атанасов кој во својот напис на фејсбук профилот тогаш образложи зошто си заминува од функцијата. Напиша дека наместо подигнување на квалитетот на образованието, во 10-месечното работење се соочил со неприфаќањето на извештаите и предлог мерките за решавање на проблемите во образовниот систем, како и инеретност и спорост на образовните институции.

Петар Атанасов

 

„Освен многуте и бескрајни формалности во работата на Министерството овој период не се случи ништо позначајно. И тоа што навидум се тркала е далеку од потребите на системот и не ги менува севкупните состојби. Промените во образованието кои ги навестувавме, не ги остваруваме. На еден јавен настап кажав дека треба да се запали црвеното светло и дека ако продолжиме со ова темпо, може да очекуваме образованието да го реформираме за 10 до 15 години“, напиша Атанасов.

 

 

На последниот ПИСА тест- македонските ученици меѓу последните

На последното тестирање на ПИСА во 2015 година од 72 држави нашите ученици беа на 69 место во читање со разбирање и во писменост во природните науки, а во математичката писменост на 68 место. Последниот ПИСА тест покажал дека околу 70% од учениците од нашата држава во математика и читање се на ниво 1, а околу 63% од учениците во науки се под или на ниво 1. Само 0,2% од учениците ги достигнале нивоата 5 и 6  во подрачјето наука и во читање и 0,9% од математиката.

Тестирањето на ПИСА покажало дека во однос на постигнувањата во гимназиско и во стручно образование, учениците во средно стручно образование имаат за 44 поени пониски резултати во однос на оние од гимназиите. Разлики во постигнувањата има и во однос на тоа дали доаѓаат од урбана или рурална средина. Децата од градовите имаат 12 поени повеќе од оние кои учат во селата. Исто така ученици кои претходно оделе во градинка постигнале за 50 поени подобри резултати во однос на оние кои немаат претшколско образование.

На тестирањето на ПИСА во 2000 година, од 41 земја учеснички нашите ученици беа на 38 место во читање со разбирање и во математичка писменост, а во природните науки на 36 место.