Денешна дата
14/12/2019

ЦЕНАТА НА ИНТЕГРИТЕТОТ

Пишува: Александар Кржаловски

 

 

Во очекување на некаков напредок во случајот Рекет (за жал се помалку е извесна посакуваната брза завршница), со овонеделните сослушувања во Основното јавно обвинителство, вклучително и денешното на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, да се позанимаваме малку со некои математики, во барање на одговорот дали воопшто имаме капацитет за борба со високата корупција.

Поттик за ова ми е скепсата на еден мој пријател, искажана уште со основањето на СЈО, а ја споменав и во некој од минатите написи – дека Македонија едноставно нема капацитет да се справи со тешки/големи случаи на корупција. И заради финансиски причини и заради човечкиот потенцијал. А можеби и други причини!

Финансиски – бидејќи во земја во која просечната плата е 400-500 евра, колку поголема плата треба да се понуди/даде на обвинител за да се намали или елиминира неговата/нејзината поткупливост? Исто така, во земја во која дотогаш најголемиот пресуден случај (барем за политичар, ако не и воопшто) бил за околу 3 милиони евра, а најголем кој не стигнал до пресуда бил за 8 милиони евра, каде да се најдат адвокати, обвинители и судии, кои ќе треба да се занимаваат со случаи од повеќе (десетици) милиони евра. И конечно, ако навистина се украле толку многу пари колку што се „вртат“ во чаршиските муабети – од најмалку 500 милиони евра, не ли е логично да се заклучи дека тие ќе платат колку и да треба за да останат на слобода (пр. и само 10% да издвојат за таа намена, тоа се 50 милиони евра).

Во однос на човечкиот потенцијал/капацитет, еден аргумент веќе беше наведен погоре – нема никој искуство со случаи за толкави пари. Второ е способноста (пред се на истражните органи и обвинителите) да се влезе во трага на криминалот, да се биде попаметен, поснаодлив, или барем поупорен/истраен од оние кои ги направиле (или украле) тие милиони, ем конечно сето тоа да се документира соодветно за да се стигне до осудителна пресуда во судската постапка. И на крај, веројатно најважното – дали и колку имаме луѓе на тие позиции со интегритет, кои нема да подлегнат на примамливи парични и други понуди, односно колкава е нивната „точка на топење“.

 

Мојот пријател беше скептик по сите овие прашања и надежта беше во силната поддршка за СЈО од ЕУ и САД, во смисла на обуки за обвинителите, студиски посети во слични институции во странство, експерти од нивните земји на располагање на СЈО, а можеби (не знам) и поконкретни асистенции во самите истраги (пр. пристап до сметки на осомничените во други држави). Поддршката ја имаше и таа беше голема… барем до случајов Рекет. Но, што со сите други елементи?

 

Математиката за фондот на СЈО вели дека на располагање од буџетот им беа определени околу 4 милиони евра годишно. Дел од тоа се за трошоци за самите истраги, ангажирање надворешни експерти, материјални трошоци за функционирање на СЈО. Според мојата пракса (шпекулирам, немам проверка/потврда за проценкиве понатаму), овие би требало да се барем половина од тој буџет (значи околу 2 милиони), но еве нека се и само 1 од тие 4 милиони. Останатите 3 нека биле само за плати. Ако од околу 160 вработени во СЈО, нека 150 земаат просечно 1,000 евра плата (еве нека е и бруто тоа), тоа се 150,000 евра месечно или над 1,5 милион евра годишно. За 15-те (или 13 колку што останаа) обвинители нека биле сите останати 1,5 милион евра, тоа е по 100-тина илјади бруто по обвинител годишно или нешто под 8,500 евра бруто (околу 5,000 евра нето) месечно. Тоа би било во рангот на најголемите плати во државата (зборувам за приватниот сектор, а далеку над платите на премиерот, министрите и другите функционери и високи служебници во администрацијата, кои се движат до кај 1,500 евра нето). Ако е отприлика така (а веројатно е помалку), доаѓаме до прашањето од насловот – иако 3-4 пати повисоко од „нормалните“ високи плати во Македонија, дали е тоа доволно? Односно дали оваа плата е доволна да ги одврати обвинителите од сите можни искушенија и понуди што би ги добиле (и според Рекет, очигледно ги добивале… барем некој/и од нив) и да одбијат секаков „Непристоен предлог“ како што се викаше познатиот филм на оваа тема со Роберт Редфорд и Деми Мур. Или, која е цената на интегритетот?

За потсетување, во филмот, за една ноќ со неа, богаташот понуди 1 милион евра, девојката прифати (а и сопругот се согласи). За тоа какви се ломови во нивниот однос тоа потоа донесе, гледајте го филмот, но за нашава ситуација битно е дека се демонстрира „точката на топење“, или на изреката „што не се купува со пари, се купува со многу пари“. И верувам секој човек има одредена точка на топење, која е пак пропорционална со неговиот/нејзиниот интегритет. Или како што тоа беше опишано во легендарниот стрип Алан Форд, а со парафразирање на Архимедовата Еурека (секое тело потопено во када, ќе истисне вода со еднаков волумен колку и потопеното тело), со изреката: секое тело потопено во ВЛАСТ, ќе загуби еднаква количина од своите убедувања, колку што ќе истисне КОРИСТ за себе!

 

Значи, која е цената на интегритетот? На секој од нас! Со Рекет ова е ставено на тест и ќе видиме како ќе испадне. Уште малку шпекулации/математика. За сведокот-жртвата во случајов, бизнисменот Камчев, математиката би била следна: ако Форбс го проценил неговото богатство на околу 228 милиони евра, тогаш побараните (или понудените) 8 милиони се „само“ 3,5% од тоа што го поседува. Би рекол – мала жртва за слобода и личен спокој/мир. Но, 8 милиони се 8 милиони, па се чини имал исто толку причини сепак да не ги даде за поткуп, како што гледаме во Рекет. На другата страна, прашањето е во колку раце (или џебови) завршиле (или требало да завршат) овие 8 милиони (ич да не прашуваме колку други случаи имало и колкав на крај ќе испаднел вкупниот „буџет“ на рекетот). И колку биле наменети за евентуално вклучување на некој обвинител во „игранкава“? Ако имале плата од 5,000 евра месечно, 50-60 илјади годишно, би стигнале до околу 200-250 илјади евра од плати за времетраењето на СЈО-во! Одлично за македонски прилики. Но, ако (башка од тие пари) некој понудил да речеме 1 милион (од тие 8) за еден конкретен обвинител, дали неговиот/нејзиниот интегритет би рекол „не“? Секој од нас треба да си се запраша истово прашање – на нивно место и со вакви услови, дали би го прифатиле „милионот плус“? А, би се „прекршиле“ ли за два? А за сите осум? Која е вашата точка на топење? Се надевам истрагата ќе покаже дали имало вакво нешто и колку чинел нечиј интегритет.

 

Да не завршиме песимистички и како што е сега доминантното расположение, да кажам и за можно оптимистичко сценарио. Во идеален случај, секако, интегритетот не може да се наруши (или купи) со пари (фразата: ниедни пари не можат да ме купат). Или како што тоа одлично го користи (т.е. продава) Мастеркард во Лигата на шампионите, со рекламата: некои работи не може да се купат со пари… за се останато, тука е Мастеркард!

И има многу светли примери за тоа. Веројатно меѓу најпознатите е италијанскиот судија (и обвинител) Џовани Фалконе, кој ги спроведе најголемите судења на мафијата во Италија. Не само што ниедни пари не го (пот)купија, туку тој се откажа и од полициската заштита (да живее на остров, за поголема лична безбедност), што на крајот го плати и со својот живот (во атентат со бомба на неговото возило на патот од аеродромот во Палермо кон својот дом). Но, наследството што го остави во борбата против корупцијата и мафијата е огромно. Не само што по неговата смрт, се случи најголемата акција против мафијата (и се уапсија и осудија на доживотен затвор сите големи водачи, вклучително и сите што го нарачале и организирале убиството на Фалконе), туку неговото дело е анти-корупциска водилка на глобално ниво, а неговиот интегритет – пример за почит за секој, особено за тие што се занимаваат со оваа работа. Или како што вели една италијанска пријателка – на денот на смртта на Фалконе, 23 мај, цела Италија застанува, во почит на неговото дело и интегритет.

Дали ние имаме таков херој? Да видиме што ќе покаже Рекет (а и другите случаи на СЈО, па и ОЈО). Секако (и се уште) ни треба барем еден како Фалконе!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.