
I. ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ – ОПАСНИОТ ВИРУС НА ИНТЕРНЕТ ЕРАТА
Лажните вести се заразната болест на современиот свет, заканувачка гангрена врз вистината
Пишува: Зоран Иванов
Медиумската и комуникациската теорија се уште немаат прецизна дефиниција за тоа што е лажна вест. Но, горе долу тоа по логика би била ситуација на пласирана вест за нешто што се случило, а не се случило или пак не се случило баш токму онака како што е пренесено дека се случило. Или пак дека некој нешто рекол, изјавил ама не рекол баш така како што рекол и како што е јавено дека рекол.
Вестите, вистински или лажни преку многу разно разните интернет алатки, од бројните портали, преку социјалните мрежи и многуте други можности што ги нудат новите информатички технологии, се шират со молскавична брзина и со огромен опфат. На паметните мобилни телефони кои се уште по инерција не соодветно ги нарекуваме телефони, само во еден миг може да се добијат и до петнаесетина вести. Преку телефон, СМС, Скајп, Вибер, Ватс ап и на уште неколку мрежи говорно, текстуално, преку фото или видео. Згора, во малку поразвиените општества паметни телефони веќе поседуваат и децата дури и од претшколска возраст.
Значи, исто како оние вистинските кои носат автентични содржини, така и оние лажни вести, се брзо и широко достапни секаде, секому и секогаш. Мотивите за производство и пласман на лажните вести се различни. Од забава, преку лични пакости до политички и бизнис интереси. Во првата група обично автори се поединци аматери без посебен општествен интерес освен да се забавуваат на сметка на друг поради различни карактерни и други лични мотиви.
Во втората група се професионалците. Дури и цели тимови на разни интересни групи со добро дефинирани програми, планови и цели. Содржините на нивните вести се мотивирани од различни интереси. Од политички, преку бизнис па се до потреба од влијание врз јавниот простор за доминација врз својата вистина. Организираното производство лажни вести обично е вгнездено во сферите на бизнисот и на политиката.
Но без оглед на мотивите, лажните вести се заразната болест на современиот свет, заканувачка гангрена врз вистината. Тие не само што ја извртуваат или ја игнорираат стварноста, туку ја обликуваат нашата ментална состојба во кривоглед. Во поинаква слика, лажна, извртена, манипулативна. Таквите состојби што ги создава лагата свесно пласирана како вистина и од консументите прифатена и доживеана исто така како вистина, оставаат длабоки последици врз општествените, политичките, деловните и сите други процеси на локално, национално и на глобално ниво. Многу често индивидуалните и организирано произведените лажни вести се причина и за разни индивидуални, семејни, деловни, политички и секакви други трауми. Поради таквите последици од конституирање и пласирање лажни вести поттикнати од разни мотиви, демократскиот свет последниве години отвора широки фронтови за борба против лажните вести. Го прави тоа посветено и со опфат како да станува збор за опасен биолошки заразен вирус и на таков начин ги дефинира своите активности. Со стратегии, планови, проекти, буџети. Идентично како што тоа се прави за заштита на населението од разните заразно преносливи епидемии.
Македонија не е поштедена од бранот лажни вести. Напротив, како насекаде во светот, така и кај нас, демократизацијата на општеството, плуралниот амбиент и достапноста до новите информатички технологии, до социјалните мрежи и до бројните електронските комуникациски алатки, покрај сите предности што ги овозможува таквиот современ слободен и отворен амбиент, е мошне погоден и за виреење и на вирусот лажни вести. И, како и многуте демократски држави, така и нашата, навести дека со ова современо зло ќе се справува со дефинирана програма, организирано и систематски. Неодамна владата објави документ, практично иницијална работна верзија на глобален план, стратегија за борба против лажните вести.
Овој и наредниот текст за наредниот петок како второ тематско продолжение, ќе допрат само некои од аспектите на борбата против лажните вести. Но ќе нотираат и некои моменти кои навестуваат оправдани стравувањата на македонската јавност од преголема инволвираност на државата, на нејзиното патронатство врз јавниот простор како опасност од загрозување на слободата на изразувањето и воопшто на демократијата.
Владиниот предлог план за решителна акција против ширење лажни вести тргнува од премисата дека дезинформациите се напади врз демократијата и дека борбата со нив е еден од главните предизвици за нејзино зачувување. Притоа, нагласувајќи ја и нужноста од алатки кои ќе дејствуваат во правец на превентива и на разобличување на лажните вести и особено на нивните автори и дистрибутери. Владата констатира дека Република Северна Македонија во изминативе две години на повеќе наврати се има соочено со масовно ширење на дезинформации, како на социјалните мрежи, така и на традиционалните медиуми. Дел од дезинформациите биле споделувани и од територии на други држави. И дека земјава беше означена како држава на лажните вести. Ова особено откако во 2016-та година се откри дека во Велес се регистрирани голем број лажни веб-страници и Фејсбук профили кои ширеле дезинформации во САД за време на тамошната претседателска изборна кампања. И поради ваквите предупредувања и однадвор, македонската влада како превентива и како акција го понуди својот план за справување со дезинформациите како организирано и континуирано дејствување во сузбивањето на лажните вести.
Накусо, планот опфаќа неколку глобални сегменти како што се безбедносни мерки со подготовка на нови протоколи за заштита од дезинформации, потоа, отворање процеси на креирање стратегија за медиумската писменост како еден од важните сегменти, како клучна превентива за одбрана од лажните вести и во тие рамки ќе бидат опфатени и активности на институциите и ќе се работи на нивна максимална отвореност и транспарентност спрема медиумите и граѓаните. Натаму планот предвидува и посебна свртеност спрема граѓанскиот сектор како владин партнер преку кого, како што ветува и најавува владата, ќе развива едукативни активности со вклучување на теми за медиумската писменост во образовните програми. Во документот таа уште ветува дека ќе поддржува и ќе биде активен партнер на граѓанскиот сектор и во спроведување програми преку работилници и тренинзи за медиумска писменост и дека едукација за медиумска писменост ќе спроведува и за вработените во државната администрација. Во предлог стратегискиот документ владата уште се обврзува дека ќе поддржува и ќе биде активен партнер на граѓанскиот сектор и во спроведување на програми и тренинзи за општа граѓанска медиумска писменост.
Она што посебно предизвика бранувања кај новинарските редакции и кај дел од невладиниот сектор чии преокупации се медиумите, јавноста и комуникациите, се наводите во предлог акцискиот план за борба против лажните вести според кои владата ќе воведува критериуми за медиумите кои се акредитирани да ги следат владините настани и прес конференции како и тоа дека од надлежните институции ќе побара да создадат регистар за утврдени и разобличени дезинформации како и листа на изворите кои шират дезинформации. Овие наводи во владиниот документ предизвикуваат и доза сомнежи за нејзините најдобри намери. Стравувања по демократијата и по слободата на мислата особено предизвикува намерата на владата да формира посебна група за борба против дезинформации, а во чиј состав ќе биле вклучени исклучиво државни службеници од разни безбедносни, известителни и други слични државни структури.
Како што е погоре најавено, овој текст е првиот и само иницијален на темата лажни вести и улогата на државата во нивното сузбивање. Во второто продолжение во наредниот петок поконкретно ќе стане збор за реакциите и за сомнежите на медиумите и на граѓанскиот сектор по слободата на изразување и воопшто по македонската демократија. Ова, пред се, поради одделни содржани во владиниот документ кои навестуваат засилено државно влијание и одредена степен инволвираност на државните институции во медиумската сфера и воопшто во јавниот демократски простор, а се под изговор за борба против лажните вести.
*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.
- Еуростандард банка- агонија без крај - 07/03/2023
- Собрание на Република Македонија – соучесник во стечајот на Еуростандард банка - 21/02/2023
- Дали има крај - 14/02/2023