Денешна дата
16/09/2019

РЕЗУЛТАТИ НА ЈАНЕВА: ОД ВКУПНО 19 ПРЕДМЕТИ, САМО 4 ИМААТ РАЗРЕШНИЦА, ЕДЕН Е ИЗГУБЕН

  • До крај на мандатот СЈО може да потроши до 12 милиони евра
  • Од сработеното пак СЈО има отворени 19 предмети од кои пред Кривичниот суд се уште се активни 14 предмети, а само четири имаат разрешница, а еден случај е изгубен
  • И ГРЕКО и експертите незадоволни од сработеното НА СЈО

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Од основањето во 2015 година па до денес, СЈО на Катица Јанева ја чини државата околу 8 милиони евра, а заедно со последнава година сумата би можела да достигне и до околу 12 милиони евра.

Во извештаите кои ги анализираше Инбокс7 не се наведува колку точно се троши за плати на обвинителите и вработените во СЈО, но неофицијално се тврди дека нивните плати достигнуваат и до 3.000 евра месечно плус надоместоци.

 

ПОТРЕБНА ЛИ Е РЕВИЗИЈА НА ПРЕДМЕТИТЕ?

 

Наспроти ваквите бројки од сработеното пак СЈО има отворени 19 предмети од кои пред Кривичниот суд се уште се активни 14 предмети, а само четири имаат разрешница, а  еден случај е изгубен. Предметите Тенк,Труст и Триста завршија со затворски казни, Тифани спогодбено да се плати штетата, а за Тревник СЈО го изгуби случајот. Дополнително уште 19 истраги немаат покренато обвинение, а опозицијата ја отфрла можноста СЈО по законскиот рок од 30 јуни 2017 година да може и натаму да покренува обвиненија.

 

1.Титаник

Предметот Титаник е првата истрага која СЈО триумфално ја отвори во февруари 2016 година, а се однесува на изборни измами, или како што тогаш обвинителката Фатиме Фетаи рече „освојување на власт преку целокупно криминализирање на изборниот процес“ во кој за 8 лица беше побаран притвор. Фетаи тогаш најави – никој нема да биде поштеден што правел криминали, а Катица Јанева рече – правдата ќе победи. Исход се уште нема.

 

2.Тврдина

Истрагата за овој предмет СЈО ја отвори во март 2016 а истата година во септември поднесе обвинителен акт против против пет лица меѓу кои и началникот на Петтата управа  Горан Грујовски и тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска за уништување на опремата за прислушување кое се случило веднаш откако Зоран Заев започна со емитувањето на таканаречените бомби. Исход се уште нема

 

  1. Транспортер

СЈО на 14 април 2016 на прес конференција објави дека отвора нов случај под името Транспортер кој се однесува на превозот на ученици во Општина Битола. Во овој случај еден од осомничените беше и тогашниот битолски градоначалник Владимир Талески. Според истрагата во договор со директорите на основните училишта и неколку превозници, Талески го оштетил буџетот од околу 360 илјади евра за само две учебни години. Обвинителката Фетаи тогаш рече дека вака плаќан превоз е поскап и од оној во Токио. Сепак, исход се уште нема.

 

  1. Насилство во општина Центар

Насилство во општина Центар или познато како Шамари во општина Центар е предмет на СЈО во кој Никола Груевски за прв пат е обвинет.  Овој предмет е отворен во септември 2016 година и се однесува на инцидентите кои се случија во октомври 2013 во кој од прислушуваните разговори се покажало дека настаните пред општината воопшто не биле случајни туку поттикнати и организирани од Груевски, во кои тој порачува насилно да се влезе во општината и на тогашниот градоначалник Андреј Жерновски да му удрат 2-3 шамари. Исход се уште нема.

 

  1. ТНТ

СЈО на 21.4.2016 отвори случај и за уривањето на објектот Космос во сопственост на Фијат Цаноски, по наредба на екс премиерот Никола Груевски и во договорот со тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски. Предметот се уште е во судските сали, а градоначалникот Трајковски по избувнувањето на случајот Рекет, побара изземање на Катица Јанева. Исход се уште нема.

 

6.ТРЕЗОР

Случајот со набавката на опрема за телекомуникација од Велика Британија е отворен на 28.9.2016 година а се работи за груба злоупотреба на буџетски средства. СЈО тогаш рече дека три раководни лица од УБК и едно раководно лице од МВР незаконски прибавиле имотна корист за компанијата Финзи од околу 862 илјади евра. Управител на Финзи беше Коста Крпач кој во април 2016 година под засега се уште неразјаснети сомнителни околности, наводно извршил самоубиство. Оваа фирма инаку се јавува и во случајот Империја. Исход и натаму нема.

 

7.ТОПЛИК

Злоупотреби и штети на државниот буџет од околу милион евра, е случајот кој СЈО го отвори под кодно име Топлик во кој првоосомничен е тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Се работи за истрага  околу продажбата на земјиштето за изградба на станбена населба Сончев град на Водно кај Сопиште. Иако немало услови за распишување тендер за продажба на земјиштето и изградба на населбата, Министерството за транспорт и врски објавило оглас при што фирмата Сан Сити го добило тендерот. По раскинувањето на договорот на фирмата и биле вратени околу 224 милиони денари и плус државата морала да плати штета од околу 64 милиони денари или околу милион евра. Исход и за овој случај нема.

 

  1. ТЕНДЕРИ

На 20.10.2016 СЈО го отвори случајот Тендери за наместени тендери на Министерството за култура во корист на компанијата Бетон Штип а во вреднос од околу еден милион евра. Оваа компанија почнала со работа, а дури отпосле бил склучен договорот, со што, како што беше тогаш истакнато, е направена злоупотреба и се изиграни прописите за законско спроведување на јавната набавка. Во овој случај еден од осомничените е и поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милеска. Исход се уште нема.

 

9.ТАРГЕТ

На 18.11.2016 СЈО објавува дека отвора предмет за случајот со незаконското прислушување на околу 7 илјади лица, преку злоупотреба на системите за следење на комуникациите. Токму за ова беше и формирано специјалното обвинителство со задача да открие кој прислушувал, но и за криминалите и незаконитостите кои произлегоа од овие материјали. Во овој случај како првоосомничен е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и началникот на петтата управа Горан Грујовски, како и десетина други вработени во МВР. Исход и за овој скандал се уште нема.

 

  1. ТЕНК

Набавката на мерцедесот од над 600 илјади евра за екс премиерот Никола Груевски е случајот со кодно име Тенк, а набавката беше спроведена од МВР при што покрај Груевски, обвинети беа и екс министерката Гордана Јанкуловска и помошник министерот Ѓоко Поповски. Овој случај е еден од малкуте кои имаат разрешница и се одредени затворски казни. Помошник министерот Поповски доби 6-годишна затворска казна, Јанкуловска доби 4 години, но издржувањето на казната се уште ја одложува најпрво поради наводно ризична бременост а потоа Врховен повторно и ја одложи поради тоа што има мало дете. Груевски доби 2-годишна затворска казна, но додека го чекаа да се појави во затворот, тој избега во Будимпешта.

 

11.ТАРИФА

Во истовреме кога се отвори случајот Тенк на 24.1.2017 година се отвори и Тарифа, кој се однесува на злоупотреби при склучување договор за набавка на  софтвер за ЕЛЕМ вредебн околу 4 милиони евра. Во овој предмет обвинети се три лица за злоупотреба на службената положба поради тоа што и овозможиле на фирмата која подоцна го добила тендерот да се квалификува за јавна набавка иако немала комплетна документација. Иако овој предмет е во завршна фаза, засега се уште нема пресуда.

 

12.ТРУСТ

На 28.2.2017 СЈО  отвори нов случај под името Труст во кој се осомничени управителите на фирмите Трансмет, Силекс и Вато за учество на тендер на ЕЛЕМ вреден над 17 милиони евра. И ова е еден од ретките случаи кои има разрешница. Сопственикот на Трансмет Сеад Кочан е на издржување затворска казна од 4 години и 8 месеци поради фалсификување документи за да го добие тендерот на ЕЛЕМ. Второобвинетиот Василие Авировиќ доби само условна казна од 2 години.

 

  1. ТИФАНИ

Случајот Тифани отворен на 23.3.2017 се однесува на даночно затајување на новинарката Ивона Талеска инаку сопственичка и управител на фирмата Смарт центар и агенцијата Смарт. И овој случај има разрешница откако Талеска признала дека не плаќала данок со тоа што во завршните сметки давала лажни податоци и одбегнала да плати над 2.300.000 денари или околу 38 илјади евра преку фирмите и околу 17 илјади евра личен данок. По една година од отворањето на предмето Кривичен донесе пресудна од две години условна казна и да ги исплати неплатените даноци и штетите.

 

14.ТОТАЛ

Случајот Тотал отворен на 23.3.2017 во истовреме со Тифани исто се однесува на затајување на данок, овој пат од новинарот Драган Павловиќ Латас. СЈО и него го обвини дека давал лажни податоци во завршните сметки и даночните пријави исто како и Ивона Талеска. Латас затаил данок  од над 121 илјада евра преку неговите три маркетинг агенции Тотал, Медиа Макс и Тотал Медиа Центар, а лично тој не платил данок од околу 63 илјади евра. Тотал се уште нема разрешница.

 

15.ТРИСТА

Случајот Триста отворен на 23.3.2017 се однесува на незаконска набавка на 300 возила за МВР. Со оваа набавка буџетот бил оштетен за околу 453 илјади евра а единствен обвинет беше помошник министерот Ѓоко Поповски. За Триста има пресуда во која Поповски доби висока затворска казна од 9 години.

 

16.ТАБЛА

На 23.3.2017 СЈО отвори уште еден предет под име Табла во која осомничен е директорот на ОУ „Реџо Ружит Зајази“, Сулејман Дервиши и со тоа за прв пат се отвори случај против функционер на ДУИ. Случајот се однесува на незаконски склучен договор за градење на ново училиште во село Горно Строгомиште во општина Зајас во износ од 200.000 евра. Овој предмет се уште нема разрешница.

 

17.ТАЛИР

На 22.5.2017 само еден месец пред истекот на законскиот рок за отворање предмети СЈО поднесе обвинение за случајот Талир кој се однесува за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Обвинети се 11 лица за перење пари од кои 9 како директни извршители а двајца како помагачи. Меѓу нив првоосомничен е екс лидерот на партијата Никола Груевски, потоа и Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Емил Димитриев, Илија Димовски, Иво Котевски и други. Имотот на ВМРО-ДПМНЕ е замрзнат е разрешница се уште нема.

 

18.ТРАЕКТОРИЈА

Случајот Траекторија отворен на 22.5.2017 се однесува на договарање провизии при изградбата на патните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид со кинеската компанија Синехидро. Во него осомничени се Никола Груевски, Владимир Пешевски и Миле Јанакиески, како и поранешниот директор на државни патишта Љупчо Георгиевски. Се проценува дека штeтата на државниот буџет изнесува над 155 милиони евра. Делницата Миладиновци – Штип неодамна беше пуштена, а исход и од овој случај се уште нема.

 

19.ТРЕВНИК

На 22.5.2017 еден од последните отворени во законскиот рок заедно со Талир и Траекторија беше отворен и случајот Тревник за изградба на три викендици во Зелениково без одобрение за градење. Осомничени се Драган Павловиќ Латас и неговите двајца браќа Срѓан и Звездан. Судот донесе ослободителна пресуда со образложение дека за овој предмет не се работи за кривично дело.

 

И ГРЕКО И ЕКСПЕРТИТЕ НЕЗАДОВОЛНИ ОД СРАБОТЕНОТО НА СЈО

 

Во последниот извештај на ГРЕКО Групата земји за борба против корупцијата се споменува и Специјалното јавно обвинителство во кое се наведува дека обвинителите на гонат висока корупција и политички чувствувателни случаи и дека системот на кривична правда не е успешен во борбата против корупцијата.

„Иако Специјалното јавно обвинителство оформи предмети во суд за неколку случаи на корупција на високо ниво кои произлегуваа од скандалот со прислушување, обвинителите генерално не гонат систематски случаи од висок профил или политички чувствителни случаи. Напредокот ќе зависи од тоа дали судството може да почне да функционира независно и непристрасно“, се наведува во Извештајот на ГРЕКО.

Според поранешниот обвинител, Јово Трпеновски, тоа што се случи со обвинителството врз кое е фрлено сенка врз неговото работење, создава лош впечаток, особено што и нема големи резултати во случаите.

„Во последно време СЈО нема таков авторитет како што тоа се очекуваше и дека ќе имаме успешно спроведени истраги и предмети по што ќе завладее правдата. Тоа гледаме дека не се случи, и по сето ова што го гледаме во врска со тие предмети кои ги отвори СЈО е сепак едно големо разочарување“, вели Трпеновски.