Денешна дата
18/02/2020

КРИТЕРИУМИ (ЗА МИНИСТРИ)

Пишува: Александар Кржаловски

 

 

Додека аферата Рекет, како и се во Македонија, се одвива бавно, пребавно, далеку од очекувањата на граѓаните, а тешко може да се каже и дека е “на сигурен пат“ (иако воопшто не е за занемарување приведувањето на специјалната јавна обвинителка) да се дорасчисти, особено ако имало вмешаност на лица од високите ешалони на власта, друга вест доминираше во јавноста минатава седмица – предлогот на Премиерот за пополнување на испразнетите места во Владата, особено тој за Министерството за финансии.

Полемиката во јавниот дискурс зафати интересни текови, иако повеќето беа во рамките на некои стереотипи. На пример, повеќе жени го бранеа предлогот кој содржи жени кандидати, или ги критикуваа канонадите (на главно мажи) за предложената жена за министер (без оглед дали тие написи воопшто и се осврнуваа на тоа што предложениот кандидат е жена). Имаше, секако, и исклучоци од овој стереотип. Голем дел од критиките се однесуваа на младоста – а со тоа и недостатокот на искуство, без оглед што кандидатот направил во личната кариера и во тие малку години. Имаше и расправи токму за тоа – дали е кандидатот успешен во досегашната кариера, а и кој како тоа го мери или вреднува? И да се смета за успешен во тоа што го работел досега, дали е тоа доволно да се води некое министерство… особено некое од поважните!

 

Нејсе, коцката е фрлена, предизвикот (уште еден) е тука (верувам дека предлогот ќе биде потврден во Собранието кога ќе дојде на дневен ред), па кандидатите ќе имаат шанса да се покажат (и како што викаше еден претходен премиер – покажат и докажат). Да бидам искрен, мене токму тоа ми беше првата реакција на предлогот: па добро, до кога ќе даваме шанси на луѓе да си играат министри? И ова повеќе како некој условен рефлекс, или стекнато искуство од многу досегашни примери, отколку од конкретниов сегашен предлог. Па транзицијата од претходниот систем ја доверивме на млади луѓе кои станаа Премиери на свои 30, односно на 32 години. Можеби затоа се уште ни трае? Имавме еднаш и помлад министер за финансии од сега предложениот, а долгогодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ започна во 2006 година со „шокантно“ млада Влада. За сегашниот предлог, еден од најинвентивните коментари што ги прочитав беше: „конечно проектот со градинката (на Министерството за финансии) наречена Мини Фини Буџетчиња, почна да дава резултати“, демек стасаа кадри од градинката да го водат тоа министерство.

 

Но, дали е младоста хендикеп? Или предност? И дали воопшто треба да биде критериум во изборот на кандидати за министри? Или која било друга лична карактеристика, како полот или родот на пример? Нели не треба да има дискриминација по ниедна од тие основи… И тоа ме замисли, бидејќи сум против дискриминација по било која основа. И да, не би требало да се зема за зло младоста. Па безбројни се примерите за големи дела и успеси, на млади години. Да не одиме далеку во историјата – до најпознатиот… Исус Христос, кој се што направил било до неговата 33-та година, кога е распнат на крстот. Ич да не го споменувам и другиот што починал на исто толкава возраст, откако го освоил целиот дотогаш познат свет – Александар Велики. Доволно е да го погледаме примерот на креаторот на медиумот на кој сите ние сме „учипени“ – Фејсбук, Марк Цукерберг (тој сега има 35 години, а стана милијардер на свои 23 години).

Значи, не само заради дискриминацијата, туку и заради мал милион вакви примери како погоре, годините не би требало да се пресудни во изборот (или барем номинирањето) на кандидати за министри. Од слични или исти причини, не треба да имаме предрасуди ни кон полот/родот на кандидатите. Најмладата Нобеловка Малала Јусуфзаи и сега актуелната екологистката Грета Тунберг, се доволни примери.

Сепак, за избор на Претседател на државата кај нас (а и во многу други држави) има ограничување (во нашиот случај – кандидатот мора да има навршено 40 години). Зошто за таа функција постои таков услов, а за премиерската која де-факто (а веројатно и де-јуре) е помоќна од претседателската – не постои. Исто и за министрите.

 

Тогаш, што треба да бидат (главни) критериуми при изборот на (кандидати за) министри? Во однос на годините, додека студирав еден професор тогаш велеше: во сечија кариера (вообичаено 40-годишна, од околу 25 до 65 години), би требало да се следи правилото на 4 декади – првите 10 години, секој работи за себе, вторите 10 – за семејството, третите за заедницата (местото во кое е роден или живее, општината или слично), а последните 10 – за државата! Логиката на ова беше (и е) да секој се реализира и обезбеди достоинствен живот за себе и блиските во првата половина на својата кариера, па доколку успеал во тоа, втората половина да ја посвети на „враќање на вложеното во него“, со работа на пошироко или општо добро. И има логика, но така би имале само „стари“ (и мудри) политичари.

Некои одбираат малку инаков тек на кариерата (како на пример ние од граѓанските организации). Тука, самиот професионален позив е во основа работа за општото добро или во случајот на локални граѓански организации – на развој на конкретната заедница/општина. Но, тоа ја носи опасноста дека работејќи за јавното добро, тие лица не направиле доволно за себе и семејството на време (пак да потсетам – без стереотипи – не значи дека е така со повеќето), па е прашање дали е добро да им се довери државна/министерска функција.

 

Најчесто, како и за било кое работно место (особено тие кои се малку покомплексни, како министерските на пример), како главен критериум се наведува мерит-системот, односно дали е некој кадарен (доволно „поткован“, покажан и докажан) да го извршува тоа што конкретно работно место го бара. Дали „владее“ со материјата која се третира и дали има своја визија (или барем план) како да остави свој печат додека ја извршува таа функција. И можеби уште поважно – дали е свесен за барањата на задачата и своите способности да ги извршува? Или според добро позната фраза: добро што ти понудиле, но зошто ти си прифатил?!?

Има и други дилеми: дали е подобро за министер да имаме теоретичар или практичар? Или, дали треба да има претходно раководно искуство (бидејќи, на  крајот – министерот е менаџер на министерството)? И можеби најважното – ако и се согласиме дека претходната успешна кариера е потврда за вредноста („мерит-от“) на кандидатот – дали има изградено усогласено разбирање на тој успех (во смисла – дали се темели на реални остварувања или само на „перцепција за успех“)?

Тешкотијата секако е во дефинирањето на сите овие „барања“ од потенцијалните кандидати и потоа нивна споделена оценка од мнозинството граѓани. Не верувам дека има некој „блупринт“, односно образец за добар (или перфектен) кандидат за министер, а и во повеќе земји тоа е прашање на поминување низ избори, па ако се биде избран – тоа е чекор кон стигнување до министерска функција.

Но, можам да кажам барем за себе, т.е. што мислам јас. Да, сметам дека секој кандидат за министер, треба да е докажан во областа за која се избира, да има соодветно образование, искуство и визија за потребните промени кои би ги вовел. Секако треба да е свесен за што се нафаќа и би очекувал да има претходно раководно искуство. Секогаш повеќе би му доверил министерство на практичар (кој се соочил со реалните проблеми во тој сектор), отколку само на теоретичар (иако е најдобро кандидатот да ги има и двете познавања/искуства), а особено на успешен практичар, кој направил/заработил/постигнал повеќе од доволно за себе и своето семејство. И би се потрудил да проверам дали тоа што го направил претходно е реално или само има создадена перцепција дека е успешно. И сметам дека партиите треба да ги спремаат кандидатите за министри во своите редови, уште кога се во опозиција, вклучително и да бидат на платен список на партијата додека се спремаат за функцијата, наместо постојано да се соочуваме со изненадувања!

 

И за крај, не за конкретниов случај, туку повеќе поведен од поранешни коментари, со оглед на тој кој се стигна да биде министер во Македонија. Еден од предлозите што циркулираше на интернет беше – на сите кандидати за министри, задолжително да им се прави тест на интелигенција! Или нешто слично. Е па еве, кој сака да се обиде… бидејќи во моето средношколско (Корчагинско) друштво, повремено некој од другарите ни дава задача за решавање (како на времето од Збирките на Вене или Демидович), последната гласеше вака: “Глисер троши 40 литри/час… ако влече скијач, потрошувачката ќе се зголеми за 20% во првите 30 минути, а потоа е 10%. Ако се вози 3 часа на ден, колку литри ќе потроши за време на продолжениот празничен викенд“. Решението, здравје, во следната колумна.

ПС. Кандидатите прво треба да одгатнат по кој предмет е задачава! Па да ја решат, па потоа да се нафаќаат да бидат министри!

ППС. Повторувам, задачава е поттикната од сознанието кој се досега бил министер и што се постигнале (поточно, не постигнале)… и не се однесува на сегашните кандидати за министри и заменици… на кои им посакувам се најубаво во извршувањето на функцијата, многу успеси и искористување на дадената шанса да остават свој белег на министерувањето!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.