Денешна дата
16/09/2019

„ФАНТАЗМИТЕ„ НА МЕДИУМСКИОТ ХАОС

Пишува: Бардул ЗАИМИ

Квалитетот на демократијата зависи пред се од професионалноста и квалитетот на медиумите. Последната деценија означува зачудувачка трансформација на медиумската парадигма. Таканаречените традиционални медиуми веќе имаат огромна конкуренција од онлајн медиумите. И покрај фактот дека дури и традиционалните медиуми, како што се телевизијата и весниците, веќе се присутни во големото море на онлајн-медиумите со специјални изданија, сепак поплавата на бескрајни портали без најмало чувство за новинарство останува посебен предизвик во светот на информирањето од интернет.

Всушност, заедно со идејата за демократизација што ја нудат онлајн медиумите, доаѓа и голем чекор напред, промена во перцепцијата во целост на она што ние го нарекуваме информација. Правото да се биде дел од медиумскиот плурализам веќе е контрабандирано во банално право да се биде дел од хаотичен свет на медиуми со протагонисти кои не почитуваат никаков минимум професионално достоинство.

Можеби ниту една дефиниција не може целосно да ја артикулира оваа болна трансформација што се обидува да ги инсталира во медиумскиот простор бизарните форми на невидлива идеолошка пропаганда што се крие зад порталите без никаква транспарентност. И најтрагично останува дека овие медиуми „фантазми„ често се хранат со јавни пари и кога станува збор за пари од политичка партија.

Целата оваа ситуација открива деградиран контекст на перцепцијата за политичката и социјалната реалност и фаталната корелација помеѓу политичката моќ и медиокритетот на медиумите. Овој медиокритет на медиумите потоа го произведува и негува социјалното просечност. Тезите дека „традиционалните умови“ на новинарството не можат да го фатат овој ритам на новата парадигма на онлајн-медиумите се просечни изговори за проширување на хаотичното присуство на идеолошки профитери кои својата загуба ја гледаат во принципите и нормите на функционирање.

И покрај најголемата трансформација, од преминот кон алгоритмите на бесконечните можности што ги нуди дигиталниот свет, новинарството останува во суштина исто, засновано врз веќе воспоставените професионални и длабоко етички принципи. Новинарството не може да функционира надвор од теоретската рамка и надвор човечката и јавната мисија. Нобеловецот Габриел Гарсија Маркез исто така вели дека новинарството отсекогаш му овозможувало да остане во контакт со реалноста. Нема новинарство надвор од оваа човечка реалност, надвор од деонтолошкиот принцип што му го носи на јавноста јавниот интерес како главен столб на демократскиот живот.

Но, веќе сме во овој хаос во потрага по решение. Ние сме дел од овој виртуелен свет исполнет со секаков вид медиуми и ризикуваме да бидеме шематски во приемот на информации што доаѓаат невидливи од еклипсирани адреси и без никаков професионален идентитет. Оваа застрашувачка семоќност на медиумите поттикната од идеолошки фрагменти и страсти од разни субкултури, го разградува нашиот секојдневен живот во бесмислена комуникација. Теоретски и парадоксално рецепторот останува одговорен за информациите. Овој постулат останува и за други комуникативни третмани.

Во моментот кога не можете да ставите правила врз некоја претстава, главно, брановите на хаосот доаѓаат непрекинато. Таков е случајот со мрежните медиуми во Северна Македонија, хаос создаден од социо-културен контекст и недостаток на конкретна иницијатива за саморегулаторна регулатива која претставува единствена диспозиција за да се даде насока кон нормалноста на медиумите.

Поточно, еден чекор напред во воспоставувањето ред во овој хаос е иницијативата на ЗНМ за создавање професионален регистар на медиуми. Оваа иницијатива доаѓа по потпишувањето на меморандумот со Стопанската комора на Северна Македонија, а дел од процесот ќе биде и Советот за етика во медиумите во Македонија. Наводно, креирањето на овој професионален медиумски регистар ќе им помогне на јавноста и бизнисмените да идентификуваат кои медиуми ги исполнуваат професионалните критериуми што се придржуваат кон новинарскиот код во својата работа и имаат импресум и транспарентна сопственост.
Без оглед на различните толкувања, креирањето на професионален медиумски регистар промовира можност за наметнување минимално правило на хаосот на онлајн медиуми. Низ целиот тој медиумски пејзаж на фантазми, создавањето на регистарот ќе им овозможи да се идентификува минимално кој медиум има транспарентност во работењето и кои имаат адреса во нивната работа. Ова останува минимум во диференцирањето на професионалната одговорност спроти медиумите со неидентификувани мисии.
Се разбира, ова е само мал чекор напред во професионалното и квалитативно менување на големината, додека прашањето за саморегулирање останува неоспорен механизам за создавање на длабоко транспарентен медиумски простор во кој ќе се најде релевантен и професионален медиумски плурализам, влијателна и професионална оперативна етика. Во меѓувреме, остануваат многу други прашања што за кои треба да се расправа а кои се однесуваат на формите на финансирањето и други „невидливи“ поддржувања што овој регистар не може да ги нормализира.
Сепак, вреди иницијативата да се стави рака врз хаосот на онлајн медиумите, над целата таа контролирана медиумска фрагментација што ги храни „фантазмите“ на многуте меѓузависности што се создаваат, таму каде што власта и идеологиите флертуваат со јавни и полу-јавни пари.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.