Денешна дата
12/11/2019

II.ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ – ОПАСНИОТ ВИРУС НА ИНТЕРНЕТ ЕРАТА

Демократијата подразбира и слободи и права и обврски и одговорности. Во тој квадрат треба постојано да егзистираат и власта и новинарството и невладините и јавноста

Пишува: Зоран Иванов

И овој текст како второ од проектираните три тематски продолженија, како и претходниот во минатиот петок и како што таму и беше најавено, исто така сосема субјективно, ќе допре само некои од аспектите на злоделата од лажните вести и од најавената владина борба против лажните вести. Но, како и во минатиот петок и во овој текст ќе бидат нотирани и некои моменти кои, засега само како најава, навестуваат оправдани стравувањата на македонската јавност од преголема инволвираност на државата, на нејзиното патронатство врз јавниот простор. На опасноста од загрозување на слободата на изразувањето и воопшто на демократијата.

Интернетот и другите нови дигитални чуда, како и секоја развојна технолошка револуција така и оваа, на човештвото му донесоа и многу благодати и во исто време и многу главоболки. Само со една најприватна алатка, мобилниот телефон и со помош на интернетот како современо транспортно средство достапни секому од три до сто и три години, во миг човештвото се преобрази од само консумент на информации, во нивен создавач, во автор на информации.

Поради овие технологии, поради најшироката достапност до мноштвото вести, од една страна со луѓето се потешко може да се манипулира. Но, од друга пак, истите тие консументи се во можност и да создаваат автентични вести ама и да пласираат и лажни и манипулативни информации. Така во плуралниот демократски амбиент традиционалните медиуми добија силна конкуренција како во безбројните веб портали така и кај секој граѓанин одделно како потенцијален сосоздавач на вести. Во еден таков галиматијас на производство и пласирање вести, во една таква нелојална конкуренција спрема традиционалните медиуми, а во настојувањата да се добие на читаност преку атрактивност, но и во подметнувања лаги со умисла од лукративни мотиви, од најбанални карактерни хирови на нивните автори па се до добро смислени и организирани и тимски планирани специјални војни, општествата, па и нашето, се соочени со криминогениот наплив наречен лажни вести.

Државите од поодамна отворија фронт против појавата на лажните вести. Еве добро е што и нашата влада конечно смислено и стратегиски се вклучува во настојувањата своите граѓани, институции и целото општество да ги заштитува од лаги и од нивните последици. Стратегијата во најава што владата ја промовираше е сеопфатна, целовита и ги вклучува сите сегменти во државата. Преку институционални активности до ангажирање на граѓанскиот сектор со промовирање едукативни програми за препознавање лажни вести. Целта, како што најавува, е да се создаде широк фронт против вирусот што го инфицира современиот свет.

Секако најголемата одговорноста за вистината и натаму е кај институциите и кај редакциите во традициналните медиуми. Инертноста на службените извори на информации, нивната затвореност го одржува просторот за манипулации. Новинарите и новинарството се немоќни доколку пристапот до автентичните информации им е оневозможен од страна на државните органи. Или пак трошат премногу труд, време и средства до дојдат до веста на која во името на граѓаните имаат право, а државата исто така во името на граѓаните ја има обврската веднаш да им ја достави и образложи. Недоволната отвореност на изворите на информации е главниот промотор на шпекулациите па и погодно тло за лажни вести. Затоа, одговорност е на институциите за навремено и точно информирање на јавноста. Но, и обврска и одговорност и на новинарството, на медиумите и на нивните уредништва за пренесување автентичност и вистинитост.

Стратегијата против лажните вести може да успее ако се спроведува перманентно, континуирано, долгорочно и доколку, како што и самата влада најави, сеопфатно, најшироко и транспарентно со вклучување на сите општествени чинители. Особено ако се потпре врз искуствата на највиталниот сегмент, на граѓанскиот сектор. Тој да биде главниот едукативен тренинг центар кој, судејќи и според досегашните искуства и  практики, има и мотиви и капацитети и може да го понесе лавовскиот дел од товарот во борбата против современото зло лажните вести. Ова посебно во делот на медиумската писменост како елементарен услов за превенција, за брзо препознавање на наменски конструирани информации и фингирани факти.

Сега откако ја објави, многу е важно владата предложената стратегија да не ја заборави во фиока туку брзо да почне да ја операционализира. Притоа, бидејќи е прозвана од релевантни фактори, исто така, многу е важно да ја дообјасни својата улога во спроведувањето на овој нејзин проект и особено да ги презентира алатките за негова имплементација. Засега за ова има многу непознаници. Од она што е објавено и што се насетува, стравувањата се дека неколку констатации и дилеми се движат во насока на редуцирање на владините демократски капацитети што ги прокламираше во времето кога таа беше во опозиција.

Што се однесува пак до владината намера, ќе беше умесно и фер уште пред да го напише и да го објави предлог документот, прво да го презентираше како идеја, како елементарен концепт и да ги објасни насоките и методите врз кои ќе го реализира својот проект. Притоа, во таа иницијална фаза, да покренеше јавна расправа за намерата и особено за содржините на стратегијата. Во тоа да ги вклучеше новинарските здруженија, новинарите, редакциите, наставниците од новинарските катедри, невладините чии теми на активност се медиумите и медиумските продукти. Претпоставката е дека на тој начин во старт, главно од професионалната новинарска фела која и самата катадневно се бори против лажните вести, но и отворено пред јавноста, ќе привлечеше поддржувачи и помагачи за успешност во континуираната реализација на стратегијата и ќе поставеше широк и моќен фронт против медиумските лаги и воопшто против лажните вести и нивните автори.

Судејќи и по првичните реакции, владата непотребно демонстрираше препотентност. Наместо тоа, требаше однапред да знае дека без медиумите, без професионалните редакции и без мотивираноста на невладиниот сектор во пракса ќе нема ништо од најдобрата желба, а од поставените цели уште помалку.

Демократијата подразбира и слободи и права и обврски и одговорности. Во тој квадрат треба постојано да егзистираат и власта и новинарството и невладините и јавноста. Едно без друго не бива. Едно без друго е изворот на манипулации, на лажни вести и на секакви други информативни мајмунлоци. Ако се дејствува надвор од тој квадрат, а во владината стратегија, со намера или без неа, тоа се наѕира, тогаш таа нејзина пренагласена внимателност, тој нејзин трепет за вистината, може лесно да инклинира во негација на добрите владини намери.

Изгорена од блиското режимско минато и од наметнатиот тоталитарен кабинетски информативен централизам од времето на режимот од пред две, три години, македонската демократска јавност сега дува и на киселото млеко и оправдано се згрозува од помислата државата во било која форма да демне врз производството на вестите и на другите прес информации. За дел од тие стравување уште збор два и во наредниот петок во третото последно продолжение од овој мини серијал за владината најава за борбата против вирусот на современиот свет – лажните вести.

Сега е мошне важно владата да го има предвид и да извлече поука и од искуството на секојдневието. Тоа упатува на фактите дека многу често вистината е токму во лагата. И дека, исто така многу често, лагата е токму во вистината.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.