Денешна дата
16/09/2019

ПРОФИЛ – ОРЦЕ КАМЧЕВ: ХРОНИКА НА ЕДНА СПЕКТАКОЛАРНА ТРАНСФОРМАЦИЈА ОД ОБВИНЕТ ЗА КРИМИНАЛ ВО ЖРТВА НА КОРУМПИРАНИ ИНСТИТУЦИИ

  • Во 2016, од престижниот магазин „Форбс“, Камчев беше прогласен за најбогат Македонец.
  • Во случајот „Империја“ еден од обвинетите е бизнисменот Орце Камчев, и тоа за злосторничко здружување и перење пари од над 10 милиони евра.
  • Но случувањата околу аферата „Рекет“ му дадоа сосема друг статус на сведок – жртва.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Од обвинет во случајот „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Орце Камчев стигна до статус на пријавувач во аферата „Рекет“, па дури и жртва на рекетирање. Деновиве тој беше кај шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, каде бил повикан да даде исказ и тоа во својство на сведок.

ИМПЕРИЈА ВО „СТАТУС КВО“, КАМЧЕВ СО ПАСОШОТ ВО РАКА

И додека се чека случајот „Империја“ да продолжи, 49-годишниот Камчев е слободен граѓанин откако му беа тргнати домашниот притвор, а до октомври му важи и времениот пасош. Во меѓувреме тој неколку пати излезе надвор од државава, се шпекулираше дека бил во Хрватска каде се сретнал со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, потоа и во Србија, како и во Бугарија.

Во меѓувреме Камчев се повлекол од директорската позиција во „Орка Холдинг“ и не е повеќе извршен член на Одборот на директори. Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, во сопственост на Камчев, ја стави на продажба биогасната централа „Пелагонија Енерџи“ во битолското село Логоварди за 6,7 милиони евра. Пред три години, кога и официјално беше пуштена во работа, беше речено дека се инвестирани 20 милиони евра.

Камчев кој во 2016 од угледниот магазин „Форбс“ беше прогласен за најбогат Македонец со 22,8 милиони евра поседува неколку компании. Покрај „Орка Холдинг“, тој е косопственик на болницата „Аџибадем Систина“, „ЗИК Пелагонија Битола“, косопственик на „Лозар-Пелистерка“, сопственик на „Бетон Штип“, фирма која беше најмногу ангажирана во проектот Скопје 2014.

Тој беше во сопственичката структура на млекарата „Здравје Радово“ заедно со познатиот руски бизнисмен Сергеј Самсоненко и Цветан Панделески, но поради неплатен кредит, млекарата беше ставена на продажба.

Бројот на фирми каде во сопственичката структура фигурира неговата фирма „Орка Холдинг“ е многу поголем:

  • Стопанска банка Битола

  • „Кара“

  • Друштво за хотелиерство и туризам „Архи Доо Скопје“

  • Друштво за реклама, маркетинг, трговија и услуги „О.К. Идеа ДООЕЛ Скопје“

  • Друштво за производство, трговија и услуги „МОНТ ДООЕл Скопје“

  • „Аџибадем Систина“

  • Хотел „Ибис“

  • Друштво за градежништво, трговија и услуги „ОК Хотел ДООЕЛ Скопје“

  • Друштво за трговија и услуги за медицинска опрема „Аџибадем Систина Медикал Компани“

  • Друштво за угостителство, трговија и услуги „ОК Ресторантс & Барс ДООЕЛ Скопје“

  • Друштво за производство, трговија и услуги „БЕТ КОМ КО. ДОО Скопје“

  • Туристичка агенција „ОК Травел ДООЕЛ“ Скопје и други.

Камчев беше еден од сопствениците на трите најтиражни весници „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“, кој потоа сите три одеднаш ги затвори.

Случајот Империја кој го отвори СЈО откри и офшор фирми на Камчев, меѓу кои една од најуспешната е фирмата „Ексико“ регистрирана во Олбани, САД.

ЧОВЕК КОЈ ГО СЛЕДАТ АФЕРИ

Камчев се смета за еден од најбогатите луѓе во Македонија. Но, не така одамна, неговото име постојано се влечеше во медиумите поради наводно даночно затајување, што Камчев го опиша како хајка против него и неговата фирма Орка, поради што и беше приведен, а подоцна и го плати данокот од 20.000 евра.  Камчев пред десетина години се товареше и за даночно затајување во износ од милион евра.

Во книгата „Заробена демократија“ на НВО Транспарентност Македонија се наведува:

„Во 2004 г. Јавното обвинителство поднесе низа кривични пријави против раководството на „Орка холдинг“ за наводно фалсификување на доку менти и прогласување на лажни стечаи во февруари 2003 г., а потоа и постигнување на стечајна ликвидација на неколку од нивните фирми („Хил- дебрандс“, „Наска“, „Текс-текс“, сите основани во 1998/1999 г.). Преку наводно фалсификување на документацијата на фирмите, сопствениците од семејството Камчеви (мајката Ратка, ќерката Кристина и синот Јордан), наводно, затаиле 3,7 милиони евра данок кон државата, обвинувања за кои Камчеви отсекогаш тврделе дека се со политичка позадина. Кон крајот на таа, 2004 г., до џипот на Камчев, паркиран пред зградата во која тој живее, експлодираа две рачни бомби. Кој ги фрлил бомбите во скопскиот кварт во кој живеат и други познати бизнисмени и политичари не беше никогаш откриено, но во јавноста оваа експлозија беше толкувана и како наводно предупредување до бизнисменот од некои „руски кругови“ за нерасчистени бизнис сметки. Извесен период пред експлозијата на бомбите беше пукано во уште едно возило (порше) во сопственост на семејството Камчеви, но и тој инцидент не беше расветлен, а Камчев тврдеше дека тие инциденти се „дело на една структура во полицијата“.

Во април 2005 г. против „Орка холдинг“ повторно биле покренати истраги за затајување милионски суми на данок, овој пат во периодот 2002- 2004 г. за различни трансакции при изградбата на фабриката на „Орка“ во скопски Зајчев Рид, како и за болниците „Систина“ и „Мала Богородица“ и други фирми од Скопје и Демир Хисар. Случајот стана познат под името „Даночна пирамида“. Во оваа прилика, државата го обвинуваше „Орка холдинг“ и за непријавување вработени, продажба на стоки без декларација и огромни суми (3-4 милиони евра) на незаконски поврат на ДДВ на штета на државата. Скопскиот јавен обвинител изјави дека издал налог за апсење на Орце Камчев, но тој не можел да се спроведе заради негово престојување надвор од Македонија. По враќањето на Јордан Камчев во земјата и по 12 часа поминати во притвор и кауција од 60.000 евра, 30 дневни- от притвор му беше укинат, со можност да се брани од слобода. Обжалувајќи ги наводите на обвинителството, семејството Камчеви тврдеше дека кривичните пријави биле „политички мотивирани“ и дека станува збор за „долгогодишна хајка што се води против компанијата“.Веќе во мај 2006 г. за Камчев се шпекулираше низ медиумите дека во 2002 г. на сомнителен начин купил атрактивно државно земјиште во центарот на Скопје за само 25 евра по квадрат, во договор со тогашни функционери на ДУИ од коалиционата влада на СДСМ. Министер за Транспорт и врски во тоа време беше Агрон Буџаку, кој потоа беше именуван за амбасадор на С.Македонија во Франција.

Во 2007 г. општинското мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ со гласање за измени на урбанистичкиот план на општината за 7 метри ја зголеми првичната висина на предвидениот објект на оваа парцела, зголему- вајќи ја за 4-5 милиони евра вредноста на планираниот објект.

Во 2008 г. на таа парцела почна да се гради голема деловна зграда зад чијашто изградба се шпекулираше дека стојат фирми на Камчев и на луѓе блиски до врвот на ВМРО-ДПМНЕ. По привршувањето на изградбата на зградата, во април 2011 г., таа зграда, проценета на 33,8 милиони евра, беше „трампана“ со три други помали згради во центарот на Скопје во сопственост на „Македонски телеком“, во кој државата (претставувана од ВМРО-ДПМНЕ), покрај „Дојче телеком“, е ко-сопственик со близу 35 отсто од акциите. „Дојче телеком“ се согласил покрај отстапувањето на трите свои згради – за кои, наводно, не поседувал целосна имотна документација, што не било проблем за новите сопственици – проценети на 17,2 милиони евра, да му доплати на сопственикот на објектот во центарот на Скопје уште 16,6 милиони евра. Со тоа се заокружи уште една лукративна „приказна“ за поврзаноста на бизнисот и политиката во македонската економско-политичка транзиција.

Во јули 2006 г. против Јордан Камчев е подигната уште една кривична пријава за поврат на ДДВ од државата како резултат на фиктивен извоз на воени униформи во САД на добавувачот „Глобал Фајнанс Груп“ од Њукасл. Извозот, наводно, никогаш не се случил.

Исходот од досега поднесените кривични пријави против Камчев за јавноста остана непознат.

„РЕКЕТИРАЊЕ“ НА „ИМПЕРИЈА“

Случајот „Рекет“ е практично и поврзан со „Империја“, во кој Камчев е обвинет за злосторничко здружување, измама и перење пари заедно со Сашо Мијалков, Цветан Панделески и уште десетина други лица. Проценето е дека е предизвикана штета од околу 10 милиони евра. Од нив петмина завршија во притвор меѓу кои и Камчев, а две недели потоа притвор беше одреден и за Сашо Мијалков. Двајцата останаа во притвор до 27 декември 2018 година, за потоа СЈО да им го замени со куќен притвор, што е првиот потег на Катица Јанева што во јавноста предизвика зачуденост.

Две месеци подоцна, во февруари 2019 година, Камчев му дава на Бојан Јовановски, познат како „Боки 13“, милион и пол евра уредно спакувани со ластиче и со спецификација што се гледа на снимката објавена на Ла Верита. Снимениот разговор меѓу Боки 13 и Камчев беше помалку неверојатен и невообичаен поради начинот на кој би требало да разговараат рекетар и жртва. Камчев, кој предаваше милион и пол евра во чанта на Луј Витон, со шегуваше и се смееше со Боки 13 и звучеше како да зборува со својот најголем пријател за вчерашна седенка, а не како со некој што му барал 8 милиони евра. Сето ова Камчев го снима и тоа, како што тврдеше новинарот Бранко Героски во една од неговите колумни, е направено со посредство на тајна служба на соседна пријателска земја. Героски тогаш не посочувајќи го со име, го нарече сведок-жртва.

Снимките кои потоа излегоа во јавност и тоа од италијанскиот новинар Ларис Гајсер, кои исто така е малку чудно и непознато како се нашле во негови раце, предизвикаа да зоврие атмосферата. Прво се притвораат Боки 13 и Зоран Милевски Кичеец, а потоа и шефицата на СЈО, Катица Јанева, со што се урна симболот на СЈО како тврдина на правдата и справување со криминалот во земјава.

ДАЛИ КАМЧЕВ Е САМО СВЕДОК?

Адвокатот Звонко Давидовиќ вели за Инбокс7 дека Камчев засега има статус на сведок, бидејќи со него било тргувано со влијание за да добие друга положба во случајот „Империја“, за кој има обвинение. Сепак, вели тој, не значи дека со обезбедување на други докази, така и ќе заврши постапката и дека таква улога ќе има Камчев.

Јас гледам она што е во јавноста, многу шпекулации има, многу луѓе го поставуваат истото прашање но на тоа одговор може да даде само обвинителството. Никој друг не е надлежен да изврши квалификација на нечие дејство и за тоа да подигне обвинение или да не подигне обвинение. Но, што е факт? Ако некој дал пари за да неговата положба во предмет по кој е обвинет се олесни а притоа да не биле применувани мерки на присилба уцена закана, во тој случај големо прашање е за што се работи.  Дали е поткуп, дали е рекет, дали е нешто друго“, поставува дилеми Давидовиќ.

Но, сепак, тој очекува предметот комплетно да се расчисти и сите инволвирани да ја понесат одговорноста, а обвинителството да работи транспарентно. „Ова е предмет од јавен интерес кој задира во темелите на државата и на правниот систем. Предметите кои ги отвори СЈО, меѓу кои и случајот „Империја“ во кој еден од обвинетите е Камчев, ќе мора да продолжи иако тоа ќе го води некое друго обвинителство“, додава Давидовиќ.

Тие предмети мора да продолжат, тоа се подигнати обвиненија, иако поради ситуацијата и она што се случи со Катица Јанева создаваат забуна кај луѓето и мал застој во работењето. Но факт е дека законски предлог има и дека тие предмети дали ќе ги продолжи СЈО под капа на редовното јавно обвинителство или поинаку ќе се вика некое друго обвинителство кое ќе биде задолжено за овие предмети тие предмети мора да завршат, тие се подигнати обвиненија и мора да имаат судска завршница“, вели Давидовиќ.

Претседателот Стево Пендаровски деновиве повтори дека е потребна брза и темелна истрага за случајот Рекет во која нема да има влијанија од никого.

Да бидеме стрпливи, да видиме што ќе покаже истрагата. Сега во овој момент не би сакал да коментирам како одат работите. Важно е дека тргнаа напред. Сакаме да видиме брза и темелна истрага и истрага во која нема да се чувствуваат надворешни влијанија, ниту од бизнис заедницата, ниту евентуално од страна на политичарите. Ако ме прашувате мене, генерално во една реченица ќе кажам дека генерално во државата постои амбиент во кој политиката не се меша во судовите и обвинителствата и тоа така, се надевам и дека ќе остане“, истакна шефот на државата.