Денешна дата
12/11/2019

Лесен подем и страшен пад

пишува: Денко Малески

 

 

Има цена која ќе мора да ја плати нашето општество за аферите кои го потресуваат. Имено, кога целото внимание на јавноста е насочено кон скандали и корупција, политиката станува еден вид „сапунска опера“ од ТВ екраните. Последица на ова е пад на довербата на гласачите во политичарите и во политичките институции и своевидна банализација на политиката, термин со кој се означува нешто толку обично и приземно што не вреди да се трошат зборови за да се објасни. Македонска политика? Пихххх… Следува пораст на цинизмот како недоверба во мотивите на другиот, пред се на политичарите, имено, дека работат во интерес на народот, но и недоверба во традиционалното поимање на политиката како чин н партиципација. Тогаш, политичката сцена на државата е поставена за лесен продор на популистички политичари, „политички претприемачи“ кои ќе му донесат на народот она што тој го посакува, било да се работи за правда и слобода или материјална благосостојба.  Во нашата држава, особено после серијата страшни скандали, од неовластеното прислушување на граѓаните и откриените злоупотреби на власта во објавените снимки, до аферата „Рекет“ во која е инволвирана специјалната јавна обвинителка избрана да ја расчисти претходната афера, политичката сцена е поставена за нов продор на популизмот од типот на Груевски. Тоа, се разбира, не би требало да ни се случи.

Неколку зборови за популизмот. Популизам има и на левицата и на десницата. Во моментов, на  Западот, овој феномен главно се манифестира како политика која доаѓа од десно, ги таргетира стравовите, анксиозноста и желбата на народите за подобар живот и го устоличи Доналд Трамп за претседател на САД.  Стравовите и анксиозноста се насочени кон имигрантите, муслиманите, но и кон „корумпираната домашна политичка елита“ наспроти која е „чистиот народ“, односно нацијата. Популистичкиот водач секогаш тврди дека ја претставува обединетата „волја на народот“. Тој и неговата партија го претставуваат народот. Се прикажува како некој кој се спротивставува на непријателот, поточно политичкиот систем и либералната елита. Политичари како Мари Ле Пен, Доналд Трамп и Виктор Орбан сето ова го комбинираат со авторитаризам преку директен напад врз либералната демократија и нејзините вредности. За одбележување е дека една од заедничките карактеристики на популистичките политичари се лошите манири. Имено, пристојноста, карактеристиката на традиционалните англо-саксонски политичари се заменува со непристојност. Претседателот на Филипини, Дуарте и претседателот на САД, Трамп, на пример, споделуваат таква непристојност. Популистичките политичари, по правило, создаваат и одржуваат состојба на криза, преку една перманентна кампања со која покажува дека не се дел од естаблишментот. Политичките аналитичари сметаат дека силата на популистичкиот политичар е во „негативната содржина” на неговите пораки. Тој е постојано „против“, против либералите, против интелектуалците, против емигрантите, против елитата… Заеднички именител на модерните популисти од десно е што имаат аверзија кон комплицираниот демократски систем, и ја преферираат директна демократија и референдумот. Затоа, често, одлуката не е производ на комплицираниот систем на демократската процедура туку одлуката е лична, на популистичкиот водач. Јас не сум поединец, јас сум народот, знаеше да каже претседателот на Венецуела Хуго Чавез. Таквите ставови ја преуредуваат политичката сфера на земјата на еден лош начин. Имено, плурализмот му отстапува место на авторитаризам, а водачот влегува во едно „неодговорно наддавање“ во име на народот. И додека на нормалните политичари им треба време да ги пресметаат можностите за реализација на план кој би му го предложиле на народот, популистот е далеку побрз во ветувања за промени кои им се допаѓаат на луѓето, но кои не секогаш можат да се реализираат. Судбината на Венецуела е доказ каде може да одведе популизмот: ветувања за рај на земјата да го одведат народот право во пеколот.

Што се случува со нас во младата балканска држава Северна Македонија, зарем и ние не сме дел од овој светски тренд? Да, но со една значајна разлика во однос на земјите членки на сојузите кон кои тежнееме, НАТО и ЕУ: популизмот во тие земји се случува во услови на постоење на либерална демократска традиција и функционални демократски и правни системи. Кај нас популизмот се случува во услови на отсуство на либерална демократска традиција и нефункционален демократски и правен систем. Во вакви услови, ударот на популизмот не наидува на сериозен отпор од неизградениот демократски и правен систем и му овозможува на популистичкиот политичар директен и непречен пристап до умовите и чувствата на граѓаните, на нивните стравови, анксиозности и желби за подобар живот. Затоа, кога водачот на опозицијата Мицковски ќе рече дека неговата партија ќе донесе демократија и правда, тоа е чист популизам, како оној на претходната опозиција чиј лидер Заев вети дека неговата партија ќе донесе живот. За волја на вистината, потпишувањето на историскиот договор со Грција ни ги отвори вратите кон модерниот свет на Западот, што навистина е од животно значење за народот и за државата, но не веднаш туку во  една перспектива. Но, нашата игра со популизмот е многу поопасна затоа што нема востановен демократски и правен систем кој ќе го бранат народот од симплификациите на популистичките водачи кои се спремни да ветат и да прават што ќе посакаат. Само така, во неизграден демократски систем, популизмот на Груевски можеше, без сериозен отпор, како нож низ сирење, да сече преку партии, здруженија и умови на граѓаните во спроведувањето на волјата на водачот, од редефинирањето на националниот идентитет до грандиозните економски планови. Постоењето на вистински демократски систем би се спротиставил. Барем онолку колку што таквиот систем се спротиставува на авторитаризмот на претседателот на САД Доналд Трамп.

Рационално размислувајќи, кај нас, партиите прво треба да се договорат како да ги положат темелите на либералната демократска и правна држава, а дури потоа да си дозволат да се играат со популизам и национализам. Но, во реалниот свет на политиката рационалноста е само еден од факторите кој, најчесто, не е одлучувачки. За такво рационално поведение кај политичарите на една земја е потребна висока демократска свест спремна да му каже „не благодарам“ на популизмот. Но, како да му се одолее на популизмот преку кој еден просечен ум или дури и некое човечко магаре може толку лесно да се вивне во највисоките ешалони на власта. Ете затоа, секоја наредна генерација политичари мора да помине низ горчливото искуство кое гласи: што повисоко се лансираш во власта со помош на популизмот, пострашен е твојот пад. И кога веќе помисливме дека конечно сите ја научиле лекцијата, се редат нови кандидати за лесен подем и страшен пад. Алчната човекова природа за моќ, пари и слава, е незаситна и неустрашива.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.