Денешна дата
12/11/2019

ЗА МИНИСТРИТЕ, ПОВТОРНО

Пишува: Александар Кржаловски

 

Минатата недела со осврнав на критериумите за избор на министри, а бидејќи тоа предизвика одредена полемика, би продолжил уште малку на таа тема. За потсетување, главни поенти на текстот беа да при изборот на министри не треба да се дискриминираат кандидатите, вклучително не и според возраст (односно, сосема е во ред да има и млади министри), а особено не според пол или род, но дека секако треба да се има некој основен сет на критериуми кога се предлагаат (и избираат) кандидати, базирани на „мерит“ (заслуги, претходни постигнувања), особено во областа за која се предлага кандидатот за министер. Ова како професионален багаж и искуство (кое сепак, доаѓа со годините), згора на основните човечки, морални и етички карактеристики и вредности, кои на најголем дел од анкетите граѓаните ги истакнуваат како најважни – чесност, одговорност, посветеност.

 

Мое лично мислење, или преференца, е да кандидатите бидат повеќе практичари отколку теоретичари (иако е пожелно да имаат доволно искуство од двете), да имаат веќе постигнато и остварено во кариерата доволно за себе и за своето семејство (ова и заради анти-корупциски причини, да не бидат лесно подложни на благодатите или привилегиите на функцијата, од простите како употреба на службено возило и платежни картички… за кои видовме доволно примери кај нас досега на главно млади, но и не само такви, неизживеани министри… па се до злоупотреба на положбата и државниот буџет за лични цели и богатење) и секако министерувањето да не им е прво работно место, ем тие постигнувања во кариерата да се реални и признаени од пошироката заедница, а не да се резултат (како што за жал се почесто е случај и на глобалната сцена) на добар пи-ар односно умешно лично (или на фирмата) претставување во јавноста и постигната добра перцепција, без издржана реална основа за тоа (како што впрочем сме сведоци со аферата Рекет и целата фама околу Боки 13 и „неговите“ фирми и здруженија, без речиси никакво реално покритие зад тоа).

 

Сметам и дека министрите треба да имаат претходно раководно искуство (бидејќи и самата функција е главно раководна), а го застапувам и ставот дека кандидатите треба да бидат спремани за функцијата во самите партии, по принципот на многу (особено западно-европски) партии – Влада во сенка. Ова последново беше и една од главните точки на полемиката во јавноста, поврзано и со прашањето за непартизмот, односно не-членување/припадност на кандидатите во партијата која ги предлага (сеедно дали реално или прикриено). Имено, една од најжестоките критики (преку Фејсбук статус) на кандидатката (сега веќе министерка) Нина Ангеловска, беше токму истакнувањето на непартијноста. И не само за неа… во ситуација кога партиите ни се такви какви што се (за жал, лоши), тоа се смета како предност. Но, води до други проблеми – да ние како граѓани (па и партијата која ја предложила) не знаеме (или не сме сигурни) какви политики ќе застапува (леви/десни, либерални/конзервативни, итн.). Затоа и се залагам, наместо да се изненадуваме (како и сега) со нови ликови и релативно непознати на политичката сцена (иако можеби успешни во тоа што го работеле во својата област), да самите партии профилираат личности кои ќе бидат постојано присутни во јавниот простор со изјави (критики или пофалби) за одредени области (поврзани со министерските позиции) и да на сите ни е јасно што тие ќе застапуваат како политика во тој домен и дека ја владеат материјата за која евентуално ќе бидат избрани за министри. Уште повеќе, сметам дека овие личности треба да се вработени во партиите додека се во опозиција, а кога партијата ќе дојде на власт, да однапред (и пред изборите) се знае дека тие ќе бидат министри во соодветните области.

 

Се чини дека ќе помине повеќе време за да стигнеме со таков систем на селекција на кандидати за министри, но сметам дека е потребно за да престанеме со импровизации и со третирањето на министерствата како места за експерименти и полиња за обука на партиските кадри. Па ниту за давање на шанси на нови лица без искуства во политиката. Поврзано со конкретниов случај, мислам дека е за почит постигнувањето на фирмата на новата министерка Вебспот/Групер од над 300,000 илјади евра приходи и над 100,000 евра профит во 2018 година (ако се точни податоците кои беа објавени на некои портали и медиуми), но тоа и не е толку импресивно, особено што сега ќе располага и биде одговорна за повеќе од 10,000 пати поголем буџет (државниот буџет за оваа, 2019 година е над 3,8 милијарди евра). Но, таа сега веќе е и избрана на функцијата, па само може да и посакаме успех и во водењето на Министерството (а ние сите да си посакаме да е исто толку успешна како и во фирмата, што би значело до крајот на мандатот да постигне суфицит во буџетот од околу 1 милијарда евра)!

 

Во минатиот текст се осврнав и на коментарите за потребата од елементарни тестови за интелигенција на кандидатите за министри (и воопшто за било кои политички функции), а поставив и една задача од моето Корчагинско средношколско друштво, која исто така предизвика доста коментари (и решенија), а гласеше отприлика вака: “Глисер троши 40 литри/час… ако влече скијач, потрошувачката ќе се зголеми за 20% во првите 30 минути, а потоа е 10%. Ако се вози 3 часа на ден, колку литри ќе потроши за време на продолжениот празничен викенд“.. и допрашав – од кој предмет е задачата? Некои дојдоа до решението од 134 литри на ден, или вкупно 402 литри за целиот продолжен (тридневен) викенд… од предметот Математика. Но, во нашето друштво, расправата продолжи и во други насоки, па така, ако задачата е од Статистика, можниот одговор е 134 литри/ден со маргина на грешка од +/- 11%. Ако е задачата по Физика, потребни се и други параметри за да се реши – пр. тежината на скијачите и слично. Или, да бевме на предметот Философија (тогаш се викаше Марксизам, но беше далеку од тоа) кај еден од нашите омилени професори Стефан Сидовски – Сидо (кој почина ова лето и со ова му оддавам(е) посебна почит и последен поздрав), тој ќе не запрашаше „а дали проблемов навистина постои, или е само во нашите мисли?“.

Сакам да кажам, на секој проблем може да се гледа од (многу) различни аспекти и дека раководење со министерство е комплексна работа која од Министерот бара пошироки познавања од многу области, темелни познавања од областа која ја третира, способности (покрај сите погоре наведени во овој и претходниот текст) за решавање проблеми и постигнување компромиси (затоа е потребно и партиско искуство и учество во меѓупартиски договарања и преговори, како што сега гледаме на примерот на Законот за јавното обвинителство), како и свесност за одговорноста (а не само за честа) која се презема со нафаќање на функцијата министер!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.